Сон

од „Запис и сништа за Александра Магнум“

Од каде доаѓаш?
Од Никаде, господине.
А каде е тоа, човеку?
Македонија, господине.
Такво нешто никогаш не постоело,
не постои, ниту пак ќе постои некогаш,
човеку!
Знам, господине.
Та нели ви кажав оти сум од Никаде.

Плипот народ се беше насобрал во Дион тие денови. Врвулици луѓе од сите краишта на Македонија поточеа кон светиот град на Македонците. Старци, жени и деца, недоветни и умни, колобани и кепеци, слепи, сакати, бедни и богати, дуздисани и парталави, со еден збор сè што во Македонија можеше да стои на нозе во тие априлски денови на триста триесет и четвртата, појде кон градот под Олимп во кој нашиот крал ја приреди прошталната свеченост. Итаа на коњи, на мазги и магариња, а највеќе пеш. Мнозина заостануваа и отепани од умор ганѕаа по патиштата како пијани кокошки. Талнуваа, скршнуваа кон исток, или кон запад. Некои дури се враќаа таму откај што пошле пред денови, несвесни за тоа. Други се струполуваа во ендеците крајпатни, по ливадите или во шумјаците, ќе преспиеја таму ден-два, ќе закрепнеа и во Дион пристигнуваа кога сè веќе беше готово.

Оние што стасаа навреме, а ги имаше повеќе илјади, дење го преплавуваа градот, неговите широки и недогледни авении, по кои Дион беше познат надалеку. А ноќе, кога дневните свечености ќе привршеа, илјадниот народ дојден од Горна и Долна Македонија, се распрснуваше по шумовитите падини на Олимп и вдолж песочниот брег на Белото море. Таму секој наоѓаше засолниште под некоја карпа, во грмушка, или копаше длабнатина во песокта, за да се мине ноќта и сонот да го пододмори телото за утрешните свечености. Априлските ноќи ги примија дионските гости во својата питомина. Сите девет дена, зашто свеченостите траеја токму толку денови, времето беше сончево и топло. За среќа годината не беше дрчовна. Не заврна ниту еднаш, ни тогаш, а ни три недели потоа, кога Александар го јавна Букефал на чело од триесет и петилјадната македонска армија. Дури некаде пред Хелеспонт заврна пороен пролетен дожд, повеќе и од добредојден.
Но, да се вратам во Дион каде што нашиот крал Александар ги приредуваше прошталните свечености. Јас такво нешто дотогаш немав видено. Еднаш бев на Олимписките игри во Атина, во Филипово време, кога во македонско-атинските односи дувна кусотраен топол ветер, меѓутоа, ова што го приреди македонскиот крал го надмина она што го бев видел таму. Во деветте дена се изредија на стотици поети, пеачи, актери, говорници, танчери, сликари и скулптори од сите краишта на Македонија. Дојдоа и гости. Од Епир, од Тесалија, од Тракија, а ги имаше и од Атина. Најмногубројни меѓу атињаните беа симпатизерите на тамошната Македонска партија, кои уште во Филипово време заговараа пријателство со Македонците и македонската држава, за разлика од Демостен и неговите трабанти. А имаше и такви кои во Дион настапија неволно, по силата на поданичкиот статус што кралот Филип II Македонски ѝ го наложи на Атина четири години порано, по големата победа на Македонците над атинско-тебанската коалиција кај Херонеја, во триста триесет и осмата. Таквите беа испратени да настапат пред македонскиот крал и на новиот господар да му се претстават со бисери од атинското духовно азно. И на тој начин Атина ја покажуваше поданичката верност кон Македонија и нејзиниот крал, верност во која не веруваше ниту еден Македонец. Веднаш по смртта на Филип, Атињаните, Тебанците и нивните сојузници се кренаа на востание против македокското господство, мислејќи веројатно дека Александар, синот Филипов, е млад, зелен и недоветен. А тој, иако беше далеку на север од Македонија, кога слушна за бунтот поттикнат од Демостен и неговите, за само неколку дена се спушти со војската на југ и ги запоседна Термопилите. Атињаните и Тебанците не сакаа да им веруваат на заколнатите гласници оти Александар со Македонците е таму каде што е, а не некаде во Горна Македонија, или уште посеверно оттаму. А кога војската тргна кон југ, кон Теба и Атина, бунтовниците ги отфрлија каниите и повторно, по којзнае којпат во последните две децении, молеа за мир и милост.
Затоа никој во Македонија не им веруваше. Затоа дури и поздравите на македонската публика за атинските уметници не беа толку громогласни како оние за изведувачите од Епир, Тесалија, или Тракија. Дури и оние уметници, за кои гледачите знаеја дека се симпатизери на атинската Македонска партија, уште од времето кога Атина не беше под македонска власт, не добиваа поздрави и ракоплескања какви што беа заслужиле за нивните актерски, поетски и спортски изведби во Дион. Демад, големиот атински поборник за пријателство меѓу Македонците и Атињаните, го забележа тоа уште првиот ден. Бев на неколку чекори од него, кога на стариот Исократ му довери оти се срами што е Атињанин. Кога еднаш ќе те касне змија, му рече Демад на Исократ, потоа и на гуштер гледаш со недоверливо око! А ние, Атињаните, рече, ги каснавме нашиве домаќини повеќепати. И ден-денес мнозинството наши сограѓани, Исократе, ги сметаат Македонците за варвари! Посакувам да се сега тука, во Дион, да се промешаат со народот, да ги слушнат неговите поети и актери. Јас, рече Демад, не би можел да се пофалам оти македонскиот јазик го знам како и мајчиниот, но за ритам и хармонија имам чувство. На ова што го слушам сега од домашниве поети и актери дури ни големиот Хомер не би можел да му најде замерка. Еве, овој Пелад, поетот што настапува денес! Тој не пее хексаметарски, Хомеровски, како што би кажале ние Атињаните. Не ги броев стапките во неговата песна, ама начинот на кој Македонецот ги искрши стиховите, таа аритмија на ритамот и хармониската дисхармонија, ми го зедоа здивот! Не знам што пееше Пелад, Исократе! Разбрав она што, верувам, го разбра и ти. Зборовите Александар, Филип, Херонеја, Хелеспонт, Пропонтида… Меѓутоа, како го отпеа тоа, така не би можел дури ни Хомер!
Бев, како што реков, на крачка до две и од едниот и од другиот Атињанин. Толку блиску што ако еден од нив кренеше нога можеше и да ме клоцне. Стариот белобрад Исократ сумтеше низ побелените мустаќи и низ брадата што ја поткреваше кон носот ту со левата, ту со десната рака. Него го јадеше една стара јанѕа. Тој дојде во Дион со своите осумдесет години за да се прости од синот Филипов, свесен за тоа дека тука се проштева и со идејата што го крепеше неговиот живот во последните две децении. Од денот кога Филип седна на македонскиот престол. Исократ копнееше да направи од Филип хомеровски јунак, еден нов Агамемнон. Исполин на новото единство, човек кој ќе ги обедини сите меѓусебно разјадени и протурени под планината на боговите, под Олимп! Меѓутоа, Филип си имаше јунаци во сопствениот народ, во нашиот македонски, а посланијата на Исократ ги примаше и на нив одговараше секогаш мудро и со обѕири кон стариот философ. Но, улогата на нов Агамемнон што му ја нудеше Исократ, Филип ја отфли исто онака како што ја отфрли и улогата на дивјак и варварин, за каков, меѓу Атињаните, го претставуваше Исократовиот атински опонент Демостен. Филип ниту се сојузи со Атина, ниту ја разори, како што по Херонеја го советуваа неговите генерали. Тој едноставно ја покори!
Сумтеше осумдесетгодишниот Исократ, свесен дека трите илјади атински хоплити во составот на македонската армија што наскоро заминува кон Азија, не се ништо друго туку заложници. Нивните животи се гаранција за безбедноста на македонската јужна граница и ништо повеќе од тоа. А тој, Исократ, половината од животот го посвети за Атина да добие повеќе. Да не бидат нејзините синови нечии заложници, да не биде градот на Перикле под власта на Филип, туку да ја дели со него. Со него и со неговите наследници. Сега, со Александар. Затоа, откога неволно го ислуша упречниот монолог на неговиот сограѓанин и истомисленик Демад, Исократ возврати кусо и со тон на огорчен и разочаран. Ние, Атињаните, рече, а и сите други јужно од Олимп, од Хомера научивме само едно – хексаметарот. Тој едноличен и здодевен ритам, Демаде. Ниту умееме да одземеме, ни па да додадеме по некоја стапка. А кој не умее да се менува, тој непрокопсува! Еве, овој Александар, кралот на Македонциве, го знае наизуст Хомера како што го знае и Пелад, нивниот македонски Хомер. А кажи ми, Демад, кој во нашата Атина чул за Пелад, чии стихови ти го земаат здивот? И оние малкумина што чуле за него, го есапат за варварин и недостоен за нивните атински уши.
Молкнаа двајцата Атињани. Оддолу, од сцената се креваше една позната горномакедонска мелодија. Сум ја слушал уште како дете. Пее за Аксиос, нашата најголема река. За нејзините бистри води што го крепат и го појат ’рбетот на нашава грутка. Ми заигра нешто под дијафрагмата, ме здрмоли. Погледнав угоре кон кралската ложа, каде што беше Александар. До него, оддесно, седеше Олимпија. До неа Антипатар. Одлево, пак Парменион. Зад нив, во вториот ред, другарите мои и Александрови: Хефестион, Кратер, Пердика… А на моето место, сестра ми Хеланике, веднаш зад Олимпија. Местото ѝ го отстапив нејзе, зашто дента неочекувано се појави во Дион. Ми рече, сакам и јас да присуствувам на прошталните свечености, да му пожелам на нашиот крал добар пат! Не мораше да ми каже ни збор повеќе. Појдов кај кралот со молба моето место во ложата да ѝ го отстапам на мојата постара сестра, а тој рече, Клит, зар треба да молиш за мојата доилка! Александар во секоја прилика знаеше да каже по некој убав збор за Хеланике, која го задои со сопственото млеко штом секна мајчинското во боските на Олимпија. А кралицата, пак, ја сакаше како родена сестра, па тие двете, рака под рака, влегоа во театарот и седнаа во ложата. Јас седнав три реда подолу, блиску до Демад и Исократ. Така ми се пружи прилика да го слушнам нивниот разговор.
Ми падна жал за обајцата. Целиот свој живот го посветија на зближувањето меѓу атинскиот полис и македонската држава. Одржаа на дузина јавни беседи, ја формираа дури и Македонската партија, но гордите Атињани не можеа да се помират со губењето на колониите во Термајскиот залив и на Халкидик, тие некогашни рак-рани врз телото и душата на Македонецот. Живееја со славата на Перикле и неговата златна епоха, па така, натоварени со тешкиот багаж на минатото не можеа да проникнат во едноставната вистина дека плодникот на епохите е другаде. А дупнизелникот Демостен, и таквите како него, со своите подбуцнувачки беседи против Филип и неговите варварски Македонци, како што милуваше да каже, ги дозаврзуваше самобендисаните Атињани во орото на сопственото омеѓување и безизлезот. Оттука до омразата, патот е кус. Тој, Демостен, кој арчеше часови и часови за да се подготви за секој говорнички настап пред Атињаните, на агората или другаде, како да немаше повеќе време за читање. Заборавил дури и на она што го читал во младоста. Заборавил на Платон, кого ние, заедно со Александар, Кратер, Хефестион, Филота, Касандар и десетици други, го учевме наизуст на Македонскиот универзитет во Миеза! Заборавил Демостен оти мудриот Платон во „Кратил” ни ги отвораше очите и нам, на Македонците. Насушните зборови кои означуваат оган и вода во јазикот на Хомера, не се по потекло од Хомеровиот јазик, туку се варварски. Така Сократ му објаснува на Хермоген во дијалогот што и ден-денес го знам наизуст. Ако е така како што тврди Платон, ако најнасушните зборови во јазикот на кој говорат Атињаните по потекло се од другаде, од варварски јазици, тогаш и Демостен би морал да се подзамисли пред секоја негова беседа во која острвено се нафрла и врз нас, Македонците, како на варвари!
Но, кој е Платон за еден Демостен? За Демостен, големиот говорник атински, кој не само што нема време за препрочитување, туку и заборава. Заборава оти пред Филип, во една згода, како член на една атинска делегација, не можеше да отвори уста и да каже штогоде. А толку се подготвувал да изнакаже големи работи, та да го кутнел Филипа на плеќи со силата на неговите аргументи. Така слушнавме од другите членови на делегацијата. За цело време по патот од Атина до Пела, тој се подготвувал за беседата пред македонскиот крал, дури ги наговорил сопатниците тој да проговори последен. Но, кога го чу сонорниот глас Филипов и мислите што кралот ги нижеше во складни реченици, се препоти и зјапаше во Филип како пред него да застанал бог, а не варварски крал. Самиот Филип го куртули од големата неволја и срам. Му рече, не ти е денот, Демостек. Другпат ќе ми ги кажеш големите мисли што сега не сакаат да излезат од тебе, не по твоја волја!
А Демад и Исократ! Нив атињаните предводени од големиот дупнизелник Демостен, ги кодошеа за предавство. А беа ли тоа? Не знам. Не би можел да судам, бидејќи сум Македонец, а не граѓанин на Атина. Знам само дека Демад покажа невидена храброст кај Херонеја. Тој ги застапуваше македонските интереси во Атина, ја предводеше и Македонската партија таму, меѓутоа, во херонејската битка Демад беше еден од најхрабрите атински борци. Се бореше против нас до последниот атом. Тој, а не Демостен, се обиде да ги осоколи атинските борци кога овие се вдадоа во безглаво бегство. Зашто, Демостен, побегна прв. Оној што ги соколеше Атињаните против нас, Македонците, безглаво бегаше по Херонејското поле, а Демад, кого таму го сметаа за предавник, остана на бојното поле со тешки рани! Ех, зборови, зборови. Летајте неврат, зашто делата остануваат! Си велам така, гледам во профилот на Демад и во Исократовиот, и повеќе ни самиот не знам што да испретурам низ мисливе што поточат низ мојов ум. Не сакам да ги жалам, тие не го заслужуваат тоа. А сепак ги жалам! Ги посветија животите на нешто што не се остварува во нивно време, на нешто за што вреди да се положи и самиот живот!
Еве ги тука, во македонскиов театар, на неколку реда под мене вдесно. Ги следат прошталните дионски свечености, тука е и Александар, погоре, во ложата, а долу на просцениумот, големиот македонски поет Пелад привршува со настапот. Во миг театарот се претвори во вулкан. Се испомешаа извици на восхит и бурно одобрување, па Пелад мораше да остане пред возволнетата публика уште долго. На крајот рече оти ќе каже стихови што сега, тука, навираат во него. Жагорот замре, а театарот се исполни со густ молк…

АвторВладимир Шопов
2018-08-21T17:21:50+00:00 мај 1st, 2002|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 26|