Смртта на лисицата

/, Литература, Блесок бр. 10-11/Смртта на лисицата

Смртта на лисицата

Патувавме низ ноќта, грабавме кон Охрид. Јас и не брзав. Јас сакав да бидам на пат, вечно да ја менувам местоположбата, да се судирам со луѓе. Дури и ако не се толку пријатни како цајканот пред малку.
Ја навалив главата на седиштето, бев вслушан во песната што одамна ја бев посакувал, и гледав во небото над нас. Ете, бевме тука некаде, ние тројца, и го нарушувавме редот на настаните, како кога ѕвезда ќе се измести од своето место. Одеднаш, нешто надвор тропна и возачот застана. Се вкопа в место. Се сврте кон нас.
– Удрив у нешто – рече.
– Во што? – праша Луна.
– Не знам… Нешто ко зајак… шо да праам?!
– Чекај овде – реков јас, и излегов надвор. Тој го исклучи моторот. Понекогаш, исплашениот човек прави навистина непотребни работи.
Беше постудено од Кичево. Бевме на отворен пат.
Се вратив десетина чекори назад и ја видов. Лежеше таму, како да спие… ѝ пријдов, клекнав над неа, ги ставив прстите на нејзиниот врат. Имав видено дека така ги проверуваат луѓето. На филм. Беше топла. Ништо не се движеше под моите прсти. Беше мртва. Убиена на место.
– Дојди овде – му реков.
Тој го врати автомобилот наназад и излезе.
– Лисица – рече кога пријде.
– Убава е – реков јас – дури и ваква.
По асфалтот почна да тече крв. Од нејзината глава.
– Шо ќе праиме сеа? – рече тој и си ја почеша главата. Секогаш го прават тоа.
– Отвори го гепекот.
Послуша.
– Јас ќе ја ставам, ионака сум малку крвав…
Тој ја погледна, потоа погледна во мене, јас му намигнав и ја спуштив внатре. Полека, нежно. Како да беше жива, сè уште. Чудна е човечката сомилост.
– Ќе ја земеш со тебе, коа ќе стигнеме? – праша.
– Не. Што ќе ми ја?!
– А ја? Шо да ѝ праам?!
– Носи ја на крзнар и однеси ѝ лисица на жена ти.
Тој се насмеа.
– Фала – рече.
– Нема зошто. Ти ја уби. Дај ми некоја вода да се замијам.
Ми потураше и јас ја миев крвта на лисицата од моите дланки.
– Сега ќе одиме, само да се измочам…
– Океј – рече тој и влезе во автомобилот.
Стоев таму, некаде на половина пат меѓу Охрид и Кичево, мочав и гледав во небото. Беше многу широко, беше бистро. Многу ѕвезди. Како вршоци на прсти што го параат небото. Од под моите нозе се креваше пареа. Во тој момент не размислував за лисицата; гледав во небото, ги закопчував фармерките и се стресов од студенилото на македонската зима.
– Ѝ беше роденден на жена ми пред некој ден, – рече тој, кога влегов внатре. – немав пари за поклон… Ова баш ќе ја израдува – рече.
– Поздрави ја од Вампир и Луна – рече Луна.

Влеговме во Охрид околу 2 по полноќ. Се симнавме на пристаништето, му помогнав да стави вода и масло во колата и тој замина. Повторно се заблагодари за лисицата.
Стоевме на пристаништето и ги чекавме оние од Скопје да пристигнат. Се бевме договориле дека ќе спиеме во нивниот стан.
Ги немаше. Беше студено. Небото над Охрид беше како недобрано памучно поле. Имаше и по некоја ѕвезда на обраните места. Кога ги затворав очите, го гледав небото онакво какво што беше на местото каде што загина лисицата. Беше студено: од нашите усти излегуваше пареа и пареата се заледуваше и паѓаше пред нашите стапала како сребрен провиден лист.
Нив ги немаше. Тргнавме да барам соба. Беше повеќе од два по полноќ.

Кај музејот на Уранија има неколку куќи во кои што влегувам со задоволство. Не беше време за влегување во туѓа куќа. А морав да тропнам на некоја порта. Некого да разбудам и да ме прибере. Видов светло зад еден прозорец и застанав под него и викнав. Се појави едан бушава глава.
– Кој е? – праша бушавиот.
– Игор е – реков јас.
– Кој Игор?
– Вампир.
– Ти ли си?! Сега ќе се симнам.

– Си нашол време за доаѓање – рече кога нѝ отвори. – Вампирско! Хахаха!
Сите се насмеавме.
– Здраво Горан – реков јас.
– Немаш кај да спиеш?
– Нхнх.
– Јас се преселив горе, со жена ми. Имам соба за вас овде.
Влеговме во собата. Беше тоа добра соба; имаше кревет што ќе ни збере, и перници и многу ќебиња. Добра соба. До неа беше бањата. Таму отиде Луна, па јас, и кога се вратив во собата Горан беше заминат а Луна беше стуткана под многуте ќебиња и се насмевна кога легнав до неа. Ја бакнав за добра ноќ и слушав како езерото удира во брегот под нас. Зануркав во пазувите на сонот. Посилните удари на езерото зазвучуваа како ударот на колата во лисицата. „Ти ја уби“, му реков. „Ти ја уби“… Можеби и мојата желба за патување имаше некаква врска со сето тоа…
– Вампир? – рече таа меко.
– Мхм.
– Спиеш?
– Не…
– …
– …
– Мислиш нешто?
– Мхм…
– …
– На лисицата.
– Тажно беше.
– … Тажно.
Таа се преврте низ креветот и се спика во мене, како мало кутре. Ми беше мила. Ѝ го бакнав челото.

Утрото беше силно. Сончево силно. Немаше ролетни на прозорците, немаше завеси, немаше никаква заштита од убиствено силните удари на сонцето. Директно во мојата глава… Езерото не удираше во брегот.

Седевме со старците и пиевме ракија. Ги сакав тие старци. Го сакав начинот на кој што се шегуваа, начинот на кој што гледаа на животот. Ми ги кажуваа старите имиња на месеците, ме гледаа како да сум нивен внук, секогаш имаа ракија и топол збор за мене. И бакнеж кога заминував. Дедото постојано се закануваше дека ќе си најде „нова баба“. Бабата велеше дека ќе се куртули од него, конечно. Не можеа еден без друг. Беше многу висок човек, и годините го немаа кутнато. Имаше сребрена коса и огромни веѓи. Огромни црни веѓи што можеа да му ги заштитат очите од било каква временска непогода. Но не можеа да го заштитат од годините. Го губеше видот, и бабата сè почесто го читаше весникот на глас. Ниеден од нив двајца не зборуваше нешто околу тоа; се однесуваа како да востановиле нов ритуал.
Седевме таму, се лепевме до печката, уморот нѝ ги тресеше снагите, потпивнувавме од ракијата и дедото раскажуваше за неговата нива, за јаболките, за сонцето во нив, за музиката што ја слуша кога доаѓа време да процутат, за будењето во сред ноќ кога е невреме, кога ветрот ги повива гранките на јаболкниците. Нѝ кажуваше како се прави ракија, како се подготвуваат јаболките за од нив да се направи ракија. Добра ракија, со венец од меурчиња на површината, и со сонце во својата длабокост.
– Ќе одам на Езеро – им реков кога излегував.
Тие пратија поздрави до моите родители, до сите што им ги имав спомнато пред тоа. Не познаваа речиси ниеден од нив, најмалку моите родители, но ги пратија своите поздрави. Им спомнав за лисицата додека стоев пред портата. Рекоа дека тоа ќе излезе на добро.

Седевме на брегот, Езерото се мрешкаше под нас, сонцето беше силно. Беше убав ден во Охрид. Гоце беше со нас. Душата му беше полна зимско сонце. Беше среќен што е во тој град, беше свесен за благословот што му е подарен. Ѝ раскажуваше на Луна како сме се запознале; ја раскажуваме таа приказна секогаш кога некој трет ќе се најде со нас. Малку недостасуваше да се истепаме кога првпат се видовме. Бевме како бесни пци, во тоа време, неколку години порано. Неколку дена потоа беше јасно дека ќе се браниме како воени другари; годините зад нас ни имаа научено да ја почитуваме ветеранската реа на нашите души. Бевме како браќа по оружје. Луна се смееше. Сите се смеат кога ја слушаат таа приказна. Тоа е добро.
Ги затворив очите. Неговиот глас. Нејзината смеа. Здивот на Езерото. Удар. Лисицата. Дали крикнала кога ја прегазивме? На што мислела во тој момент? Каде отпатува, дали си најде место меѓу оние ѕвезди што како вршоци на прсти го параа небото? Зошто морав да спијам со Луна?
Езерото под мене си играше со сонцето над мене. Имаше ситни бранови, светлината играше на површината на големата вода. Ѕвездите беа тука, на дофат на раката. Не ја пружив.

2018-08-21T17:22:07+00:00 октомври 1st, 1999|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 10-11|