Сликата на верскиот синдром во балканскиот свет

/, Литература, Блесок бр. 34/Сликата на верскиот синдром во балканскиот свет

Сликата на верскиот синдром во балканскиот свет

Корените на балканската верска нетрпеливост и омраза се исконски и можеме да ги побараме и во митското сиже, кое во раните стадиуми е речиси трауматско-трагично како во хагиографиите за Апостол Павле4F, Еразмо Лихнидски5F, Света Варавара6F, додека подоцна тоа сиже се трансформира во херојско преку фигурите на Света Злата Мегленска7F, Свети Ѓорѓи Кратовски8F, Свети Спасе Радовишки9F, Крале Марко10F, Болен Дојчин11F, Милош Обелиќ12F, Бановиќ Страхиња13F, Марко Боцарис14F, Јанис Букувалас15F и многу други.
Но, митот за полудивиот балкански човек кој го среќаваме во извештаите на западните патеписци и интелектуалци од минатите векови, полека се менува. Севкупниот општествен и економски живот во втората деценија на дваесетиот век ја наметнува потребата за соработка и толеранција која ги надминува рамките на таквите групи како што се религии, нации и различни држави. Политичките и културните фактори сè повеќе дејствуваат интегративно и луѓето стануваат свесни за својата сличност, иако припаѓаат на различни религии и нации. Тоа трае сè до деведесетите години кога започнува распаѓањето на југословенската заедница, заедно со распаѓањето на Советскиот Сојуз. Сега веќе се губи светскиот баланс, и балканската митска територија, која е колевка на европската историја и крстопат помеѓу истокот и западот, повторно се наоѓа во средиштето на интересот.
Токму затоа, од почетокот на дваесетиот век, поимот балканизација – и покрај сите политички, општествени, културни и идеолошки промени – како што тврди Марија Тодорова,16F повторно добива погрдно значење. Повод за тоа е пренесеното мислење од минатото, а причина е судирот на различните интереси на велесилите кои повторно го иницираат проблемот17F за да ги остварат своите цели, користејќи се со добро разработена стратегија која се базира врз разгорување на верската и националната нетрпеливост.
Истата тема е и главната теза на романот „Бабаџан“ каде преку одредени слики се прикажува започнатиот параноиден циклус помеѓу двете вери: муслиманската и христијанската. Нивното меѓусебно недоразбирање произлегува од идејата да се врши проекција на непријателски ставови. Тоа се состои во искривоколчување на вистината, сомничавост, некоректно величање на сопственото значење. Друга карактеристика на овој роман е силното афективно назначување на секоја мисла, дејство, и во таа смисла на секоја духовна рамка на луѓето кои живеат едни покрај други, но не се познаваат. Тие остануваат заробени од традицијата и наследените шаблони на мислење кои се одликуваат со затвореност. Наместо да преовладува духот на разбирање, толерантност, соработка и заедништво, се инсистира на парцијална и непроменлива слика на светот. Таа претставува илузија за создавање на статичко општество, и секогаш е причина за потенцијални опасности и судири.
Во балканската литература многу распространето е и користењето на сижето на заљубување во туѓинец, во оној со друга вера или во личност од друга нација. На пример, заљубувањето на жената од одредена општествена заедница во маж со други верски и национални карактеристики, која во балкански услови секогаш е осудувана, како што е љубовта на младата еврејка Рифка во хрватскиот благородник Леденик од расказот „Љубов во паланката“ na Андриќ18F. Понекогаш во другиот може да се бара некаква проекција на Татко, која во балканските литератури, на пример кај Крлежа, има непријателска конотација. Сите синови во делата на Крлежа (Леоне од „Господа Глембаеви“, Филип од „Враќањето на Филип Латиновиќ“), го напуштаат домот поттикнати од морални принципи поминувајќи определено време во некоја странска земја. Кога се враќаат во татковиот дом, сите тие се обземени со надеж за нов подобар живот, што според Шпехар19F, потсетува на евангелистичката приказна за изгубениот син и неговото враќање во татковиот дом. Но набргу сфаќаат дека среќата за нив е неможна, поради нивната судбинска предодреденост да страдаат заради лошата крв која ја носат. Сите синови на Крлежа имаат лоша слика за себеси и страдаат од криза на идентитетот. Тоа е една од причините зошто тие не ја доживуваат судбината на изгубениот син од Евангелието20F. За нив домашните се луѓе со изгубено чувство за морал и праведност кои се оддалечуваат од христијанската слика на Богот. Тие го носат тоа судбински предодредено проклетство на затвореност, страв, параноидност која произлегува од искуството на злото и страдањата од балканското колективно минато. Се чини дека во балканската митологија местото на праведниот бог е заменето со суровиот бог. Тоа е причина повеќе за отфрлањето на Богот и за прифаќање на западната логика.
Суровиот Бог или отфрлањето на Богот кој е мртов – според Ниче, во дваесетиот век се практикува и на Балканот кадешто вистински верници има многу малку, наспрема неверниците кои го користат параванот на религијата само за да ги оправдаат своите егоистички постапки.
Затоа, нам, кои живееме на Балканот, не ни преостанува ништо друго освен во миговите на нашата загрозеност да ја сфатиме универзалната порака на религијата – трпеливоста и толеранцијата која ни дава моќ на духовен продор подалеку од фантазмите за доминација. Негувајќи ги во себе самите трпеливоста за другите сфаќања, ние ќе го стекнеме вистинското разбирање за својата сопствена вера. Се разбира дека трпеливоста подразбира да се постават и почитуваат јасните граници помеѓу доброто и злото, помеѓу она што е точно и она што е лажно. Впрочем сите религиозни сфаќања во светот се сложуваат во две работи, пропагираат трпеливост и во своите свети книги ги содржат истите основи за моралот.

#b
4. Поп-Атанасов, Ѓорѓи, Библијата за македонија и македонците, Менора, Скопје, 1995, стр. 129.
5. Стојчевска-Антиќ, Вера, Историја на македонската средновековна книжевност, Детска радост, Скопје, 1997, стр. 242.
6. Види кај Китевски Марко, Македонски народни празници и обичаи, Менора, Скопје, 1996, стр.196.
7. Ibid, str. 174.
8. Ibid, str. 64.
9. Ibid, str. 163.
10. Шапкарев, Кузман, Избрани дела, кн.2, Мисла, Скопје, 1976, стр. 68.
11. Зборник на Браќа Миладиновци, Кочо Рацин, Скопје, 1962, стр. 219.
12. Đurić, Vojislav, Antologija narodnih junačkih pesama, Srpska književna zadruga, Beograd, 1983, str. 280.
13. Ibid, str. 235.
14. Popović, Jovan, Sterija, Davorje, Beograd, 1893, str. 35-34.
15. Види кај Стојановиќ, Миодраг, Хајдуци и клефти у народном песништву, САНУ, Београд, 1984, стр. 249.
16. Ibid, str. 51.
17. И постои и нешто друго. За да го свртат вниманието од своите фрустрации и неуспеси тие прогласуваат поединци или цели групи – за виновни, насочувајќи го својот притисок кон нив. Примери за вакво однесување има безброј. ќе го споменеме најдрастичниот. Хитлер за сите неволји на Вајмарската Германска република ги окривува евреите и комунистите и ги подложува на зверско прогонување и уништување. Црнците стануваат жртви за фрустрираните групи на белите американци кога ќе се појават економски и социјални потреси. Политичарите од сите времиња и народи, отсекогаш го свртувале вниманието на масите од лошите внатрешни проблеми на земјата така што наоѓале жртви во другите народи и нации поради што се предизвикани многу војни во бескрајната историја на војувањето.
18. Andrić, Ivo, Jelena žene koje nema, Svetlost – Sarajevo, Prosveta – Beograd, 1989, str. 173.
19. Špehar, Milan, Problem Boga u djelima Krleže, Krščanska sadašnjost, Zagreb, 1987, str. 27.
20. Види во Новиот Завет, Библиско здружение на Република Македонија, Скопје, стр. 90.

2018-08-21T17:21:39+00:00 септември 1st, 2003|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 34|