Сликата на верскиот синдром во балканскиот свет

/, Литература, Блесок бр. 34/Сликата на верскиот синдром во балканскиот свет

Сликата на верскиот синдром во балканскиот свет

„На човек секој ден му се заканува опасност од друг човек.„
Сенека

Истакнувајќи го фактот дека религијата1F е феномен кој го претставува колективниот дух, но притоа не заборавајќи дека таа е важна и за разбирањето на секоја индивидуа, како и за градењето на идентитетот, со овој труд, преку примери од балканските литератури сакаме да укажеме на важноста на проблемот на верскиот2F синдром на балканскиот простор, на неговото доближување до националниот идентитет и на неговото искривоколчување во дваесеттиот век.
Тој доаѓа од доминацијата на западната цивилизација во балканските простори, која привидно верува во Господ, практикувајќи ги само традиционалните ритуали. Но, во суштина, нивните сфаќања се потпираат на идејата дека животот е борба, и од тука, заедно со животот е дадено и оружјето како средство за негово одржување. Ако е животот нужен, нужни се и средствата за негово одржување. Во таа нивна логика на непостоење на ограничувања и совладување на пречките по пат на насилство, слободата досегнува до границите на апсурдноста. Се губи човечноста, емпатијата, коректниот однос кон другиот. Се губи сè она што е во основата на религиските сфаќања.
Заради својот специфичен развој, балканското тло е особено погодно за имплементација на западната логика и развивање на верските конфликти. Имено, сите главни современи религиозни групи на Балканот настануваат во епохите на средниот век, што значи дека тие се традиционално насочени и ги имаат карактеристиките на она општество кога настанале. А тоа се затвореност, привлекување на луѓето кон едно јадро, постојан манифестен или латентен конфликт, надворешни притисоци преку разни социјални сили, итн. Ликот на Ѓаволот – непријателот, во тој период се олицетворува во еретиците и неверниците, а потоа во надворешните рушители на постоечкиот поредок и ред. Таа структура е задржана во петте века на турското владеење, а потоа е заменета со нацијата. Преминот од ерата на религиското уверување во ерата на националните држави на Балканот се случува во втората половина на 19 век. Нови маркери на идентитетот тогаш стануваат националната и јазичната поврзаност. Под дејството на силните социјални процеси и надворешни влијанија, големата христијанска заедница на Балканот се распаѓа во одделни национални заедници. Религијата сега има споредна улога во формирањето на новиот национален идентификатив. Христијанските народи на Балканот, како што заклучува Марија Тодорова3F во книгата „Замислувајќи го Балканот“ – „започнаа да се разбираат со јазикот на национализмот, додека нивниот став кон муслиманите остана во доменот на неиздиференцираниот дискурс помеѓу верските заедници“. Тоа уште повеќе го усложнува проблемот, бидејќи тие со својата гетоизација останаа да бидат потенцијална закана за разгорување на конфликтот на Балканот. Тој конфликтен однос трае додека трае и антагонистичката интеракција помеѓу групите чие тежнение е, на пример, да поседуваат исто нешто, да поседуваат ист простор или иста територија, да имаат иста социјална, политичка или друга позиција, или да постигнат спротивни цели кои можат да ги загрозат интересите на другите. Сето тоа се среќава на балканските простори.
Никој не дал подобра експликација и анализа на односот помеѓу верските заедници на Балканот од Андриќ. Тој врз основа на историски факти ги антиципирал верските конфликти на овие простори во сета нивна грозоморност. Основата на која се потпираат сите трагедии на Балканот, Андриќ ја согледува во силната ендемична омраза и стравот, кои постојат на овие простори. „Стравот е само корелатив на омразата, нејзино природно ехо, додека омразата е суштествена“. Андриќ предупредува и на фактот дека на Балканот има повеќе луѓе кои се готови – во настапите на несвесна омраза, по разни поводи и под разни изговори – да убиваат и да бидат убиени, отколку на други места. За жал, тој факт денес смислено се користи од Западот.

#b

1. Поимот религија е изведен од латинскиот глагол religare што значи поврзува, сврзува. Таа е духовна вска меѓу Богот и човекот. Основен белег на секоја религија е верата во Бога. Видлив израз на секоја религија се: догмата, култот и моралот. Види во Македонска терминологија од областа на теологијата, МАНУ, Скопје, 1999, стр. 85.
2. Употребата на зборот вера во Стариот Завет секогаш ја користи познатата идеја за надежта која се користи за потврдување на својата потчинетост кон господа. Во Новиот Завет зборот вера всушност се однесува на христовата религија. Види во New Concise Bible Dictionary, editor D. Williams, Universities and Colleges Christian Fellowship, 1989, p. 93.
3. Тодорова, Марија, Замислувајќи го Балканот, Магор, Скопје, 2001 год., стр. 261.

2018-08-21T17:21:39+00:00 септември 1st, 2003|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 34|