Синот

Имаше триесет години кога во соседната соба умираше татко му. Беше три по полноќ. Посакуваше да го снема во утрото. Болно чекаше да му се издлаби погледот низ прозорецот што го скратуваше надворешното темнило. Напрегнато загледан, одвај забележуваше некои точки од својот лик, кој се цепеше во двојните прозорски окна. Седнат на креветот ги швајсуваше цигарите.
Повторно почна да го гуши сликата дека мајка му ќе ја отвори вратата и ќе го викне застаната на прагот, без збор. Ударите на срцето му избиваа преку прстите. Очите му се навлажнија од затемнетата природа на она што требаше да се случи. Погледот не можеше да истече од вратата и почна да ги разголува грубите слоеви наталожена боја и да се провира низ нив. Се запре пред несразмерноста на шарките. Педа под врвот, на средина, грубото оштетување на шперплочата му ги гребеше очите. Погледот се лизна по кривата летва од рамката и се обеси на никлуваниот, потемнет клуч што го привлекуваше со својата присутност и непотребност. Немаше сила да размислува. Замастениот раб на вратата, под излижаната квака, го чудеше и му го темнееше погледот. Тој секогаш механички притискаше за да ја затвори.
… Гледајќи во вратата посака таа веќе никогаш да не се отвори. Да не постои. Да е заѕидана… Се готвеше да стане и да ја заклучи. Но таа тогаш се придвижи, праволински, кон собата, набивајќи го просторот со сиот воздух во него. Раѓајќи болка што не му дозволуваше да крикне. Всадувајќи сеќавање и тежина од која повеќето луѓе никогаш не се ослободуваат, носејќи неоснована вина: „Зар требаше сега?“. Трајност што се истакнува до последниот удар на срцето.
На прагот стоеше мајка му. Но, тој не ја препозна. Не знаеше дека за неколку часа може толку да се остари. Да се пропадне. Да се побели. Но, знаеше дека е таа бидејќи никој друг немаше право, никој друг не смееше да ја отвори вратата.
– Татко ти те бара – прочита од усните.
Станувајќи од креветот изгуби неколку килограми. Главата го повлече нагоре, а сепак сè уште седи. Се двои. Не може да го згазне. Да чекори. Да диши. Долго го поминуваше прагот како провевот да го враќаше назад во некоја бестежинска состојба… Потоа се најде над постелата на татко му.
– Синко, истриј ми ги нозете – покажа со поглед стариот, бавно одлепувајќи ги усните.
Извршувајќи ја желбата на татка си, го допре најстуденото што пече и остава трага. Колку и да го прекриваше заборавот, пак му го враќаше сеќавањето со присутноста на секојдневните предмети што на неповторлив начин биле употребувани од оној што сега го нема. Беше ли тоа студенило што се пренесува на генерациите преку молчењето како спознавање на крајот? Крајна можност на живеењето? Последната неменлива вредност? Потреба за бегање од кругот? Или, пак, противење спрема само една можност. Страв од познатото. Продирање на мембраната што го спречува спознавањето на крајот. Единствената вистина на живеењето.
Другиот ден не можеше да ја исполни празнината создадена од студеното неподвижно тело. Не можеше да отвори уста за ништо освен за цигара. Тогаш најмалку помагаа советите што доаѓаат со мимика: „Јади, мораш да јадеш. Касни барем малку. Доста пушиш. Сега ја изгасна. Престани да пушиш“.
Ја прониша главата отворајќи ја втората кутија цигари тој ден. Долго ја гмечеше цигарата меѓу палецот и показалецот. Потоа неговите заби оставија трага на филтерот. Ја олабави устата. Ја подизвади цигарата долго боцкајќи ги усните со неа. Ги собра веѓите. Ја врати цигарата в уста. Бргу ја запали фрлајќи го чкорчето во пепелникот, но тоа падна на паркетот. Ова не го штрецна ни малку. Гледаше како чкорчето догорува на подот. Во чадот од цигарата долго создаваше слики од детството.
Утредента, напладне, стариците велеа дека небеските порти се на убаво место, под сенка. Денот беше неподносливо сончев…
Кога го ставија и последното цвеќе на прекопаната земја, дојдените требаше да ги изедат сендвичите доколку сакаа да заминат.
– Седни на некој гроб за да не го сонуваш татко ти како покојник – прочита од усните на мајка му.
Сакаше да се спротивстави, но седна на најблиската плоча, совладан од уморот. Тогаш пријде тетка му и му објасни дека плочата на која седи сè уште не е гроб. Туку само плоча. Обележано место за време на животот на некој што сака да биде блиску до своите кога ќе го закопаат.
Синот одмавна со раката, а тетка му не смееше да настојува.
Ноќта, многу доцна, седнат на креветот задрема. Мајка му му ги соблече чевлите и го испружи покривајќи го. Тој само нешто промрморе. Се сврте, полудесно, кон ѕидот. Ги отвори очите. Погледот му се залепи за еден акварел насликан од татко му. Но сонот стегаше и очните капаци сами му паднаа, како ролетни.
… Телефонот заѕвони… Стана и отиде во ходникот да ја крене слушалката. Не можеше да ја најде. Ѕвонењето продолжи… Доаѓаше од собата на татко му. Ја отвори вратата и влезе… Во собата имаше само ковчег. Ѕвонењето доаѓаше од ковчегот. Го дигна капакот. Внатре го виде татка си завиткан во бело платно. Ѕвонењето не престануваше. Го бараше телефонот кон нозете поткревајќи го платното. Тогаш почувствува како татко му се обидува да стане. Не се исплаши па сепак направи чекор наназад, кон ѕидот. Татко му почна да се одвиткува од чаршафот. Ги отвори очите. Ги одлепи усните. Несигурно се насмевна.
– Синко, дојди да ти кажам нешто. – Синот пријде олабавено.
– Истриј ми ги нозеве, па ќе трчаме.
… Трчаа долго крај брегот. Цепаа во езерото. Фрлаа плочки по мирната вода.
– Ај, кој побргу ќе стаса до големоно дрво!? – рече таткото. Синот се затрча и прв стигна до големото дрво. Се сврте, но зад него немаше никој.
– Татееееееее! – исплашено викна синот со сиот глас.
… Мајка му стоеше на прагот од неговата соба. Онемена. Последниот вокал од извикот на синот се провна низ вратата зад неа и се изгуби, во светот.

2018-08-21T17:21:10+00:00 јули 3rd, 2008|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 60|