Само еднаш се умира

/, Блесок бр. 05, Литература/Само еднаш се умира

Само еднаш се умира

Смртта како да беше некој вид зачудувачки оптички инструмент што дури и капката вода ја претвораше во сложена кошница на живот
Terry Pratchet
Pyramids

Се разбудив едно сабајле мртов. Ова можеби звучи чудно, ама јас и така не се будам наутро барем дваесет и пет дена во месецот. Кога се разбудив не знаев дека сум мртов, но дојде Смртта и ме убеди. Жива вистина е дека луѓето се неповерливи за така чувствителни работи како што се нивните животи, но кога си мртов во позиција си на светот да гледаш малку пошироко, пообјективно. Освен тоа, Смртта има големо искуство и логиката беше на Нејзина страна. Со големо трпение несвојствено за Неа успеа да ме наведе самиот да дојдам до заклучокот дека сум мртов.
Околу мене сè беше чисто, а владееше замаглено сивило. Во локалниот духовен простор бевме само Смртта и јас, и според околностите сè беше во ред. Не ми беа јасни само две работи. Прво, зошто сум мртов и второ, зошто од лицето ми се цедат кечап и мајонез. Смртта се најде од помош и ми објасни дека имам привремена амнезија во однос на последните моменти од минатиот живот, а кечапот доаѓа како последица од моето прилагодување кон постхумниот живот. Ништо чудно, рече.
Отпосле се сетив како загинав и работите ми се разјаснија. Излегов да си купам хамбургер и на враќање ме прегази камион. Камионот не стигнав ни да го видам, ама мислам дека шоферот беше дебел и дека носеше Рејбанки. Само за кратко. Тој ми беше во крупен план.
За мене беше сосема нормално Смртта да ми се појави облечена во црна туника и со коса во десната рака, ама дополнително дознав дека тој облик на претставување пред странките, на Смртта не ѝ се допаѓа воопшто. Принудена е на таква маскарада, како што се жалеше пред некои од мртвите, бидејќи прописите овде горе се многу ригорозни. Традиционално, тоа ѝ е свечена униформа, а фолклорот секаде треба да се почитува. Исто така не е во интерес новите мртви да се збунуваат, ако Смртта при нивниот прв контакт со новиот свет им се појави, на пример, како минотаур во бикини, со сламена шапка и дрвени сандали. Се зборува дека повеќе пати има поднесено жалба по ова прашање, ама упорно Ја одбиваат.
Како и да е, после краткото запознавање, ги пополнив формуларите за идентификација. Јасно дека на ништо не пишував, бидејќи овде не се работи за материјални димензии, ама овие редови се наменети за живите, а за нив наједноставно е објаснувањето низ аналогии.
Смртта само пролета преку формуларите и ги одложи во акт-чанта. Ме зачуди кога извади нови. Почнав да стекнувам впечаток дека бирократските прашања меѓу мртвите не се поедноставни од оние долу на Земјата. За среќа не морав да чекам на ред, бидејќи мртвите имаат интересна особеност да бидат на повеќе места одеднаш. Ова е малку потешко да се објасни, ама и јас додека овде имав средба со Смртта исто така бев на друго место опседнат со рекламните агенции, кои почнаа на мојата душа да ѝ нудат егзотични рајски аранжмани по пристапни цени. Се прашував само каков би можел да биде начинот на плаќање. Кога запрашав за тоа ми рекоа дека прво треба да завршам со Смртта. Затоа се концентрирав пак на Неа.
– ДОБРО!– рече Смртта кога ги извади новите формулари и ми ги пружи.
– А што се тие? – бев малку збунет кога ги видов. Листовите беа со слики во боја на најпознатите светски накази, гротески, митски чудовишта, како и ликови од класичните хорор филмови. До секоја слика имаше прашања во врска со моето мислење за нив, кои ми се фаворитите и дали би сакал да запознам некој од нив, ако случајно би постоел. Недостасуваше уште само да ми се понуди да пијам чај со мајка му на некој како Џек Мевосек и да дискутирам за неговото детство.
Прашалникот, за разлика од претходниот, беше квалитетно уреден и богато декориран, со многу крв и недоволно исушени черепи од сомнително потекло насекаде. Смртта делуваше малку засрамено од мојата реакција.
– ТОА Е ЕДЕН МОЈ ЛИЧЕН ПРОЕКТ, НИШТО ЗНАЧАЈНО ЗА ТЕБЕ – рече, – СПРОВЕДУВАМ АНКЕТА ПОМЕЃУ СИТЕ НОВИ МРТВИ ЗАРАДИ АНАЛИЗА НА ЈАВНОТО МИСЛЕЊЕ.
– Аа! – реков со израз на душа како потполно да Ја разбирам во нејзините напори. Смртта со нетрпение очекуваше да ги пополнам, но ако би се замислил на некое место, би ме упатувала да не се брзам.
– И ТОА ГО СРЕДИВМЕ! – рече Смртта деловно откако ги одложи листовите не пропуштајќи прилика пред тоа да ги разгледа.
– СЕГА САКАМ ДА МИ ОДГОВОРИШ НА СЛЕДНИТЕ ПРАШАЊА ВНИМАТЕЛНО!
– Зошто внимателно? – истиот момент станав внимателен.
– СЕ РАБОТИ ЗА ТВОЈАТА СУДБИНА. – рече Смртта без многу да се возбуди околу тоа. За неа процедурата беше стандардна и секојдневна.
– Цел сум уши. – реков и во истиот момент се претворив во големо уво, што мора да делувало многу смешно и бидејќи тоа си го помислив почна да се слуша громогласно смеење, во позадина, иако бевме сами. Нешто како во хумористичките серии. Смртта не се насмеа, а ниту јас бидејќи немав уста. Со голем напор на волја успеав да се вратам во стариот облик.

АвторГоран М. Петров
2018-08-21T17:22:13+00:00 октомври 1st, 1998|Categories: Проза, Блесок бр. 05, Литература|