Против пред-архивскиот менталитет

/, Литература, Блесок бр. 49/Против пред-архивскиот менталитет

Против пред-архивскиот менталитет

Овие неколку реда се посветени на книгата „Женската страна на приказната: кризата во Македонија 2001 година“ од Александра Бубевска и Мируше Хоџа, Евробалкан пресс, 2006 година.

#1
1. „Женската страна на приказната“ се занимава со војната од 2001 година. Се сеќавате на 2001 година? Таа година изгубив некого, чија историја сè уште не е расчистена. Таа година живеев во последната зграда од линијата на улица „Илинденска“. Прозорецот гледаше на Скопска Црна Гора и ги слушав или ми се чинеше дека ги слушам звуците на војната. Таа година престанав да купувам весници, многу други тогаш почнаа. Во нив, пишуваше дека сме во ситуација. Како што во Босна прво беа во ситуација, па подоцна дознавме дека всушност биле во војна, додека ние мислевме дека се само во ситуација.
2. Во 2001 година на телевизиските екрани конечно видовме што значи кога твоето видно поле ќе ти го организираат како мапа. Мапата нуди птичја перспектива. Воени лего коцки. Твојот поглед кружи над скопските и над тетовските села, како да си пилот на воена ескадрила. Секоја вечер ги гледаш движењата на повлекување или на освојување. Мапата е чиста. Таа го крие испегланото лице на смртта. Зад драматичноста на мапата ја насетуваш смртта, но за дадениот момент таа е избришана од твоето видно поле. Оваа книга ќе ти го врати тоа што тогаш телевизиската мапа ти го одзела. Ќе ти го врати лицето и ќе ти ја врати иконичноста на смртта. Дефинитивно ќе ти покаже како изгледала војната од внатре.
3. „Женската страна на приказната“ содржи шест приказни, три македонски и три албански. Сите ти изгледаат тажни, ужасно траорни и бекетовски апсурдни. Зависно од твојата визија за војната од 2001, ќе ги видиш секакви: избезумени, индоктринирани, херои, хипнотизирани. Но, сите, без разлика, ќе ти заличат на топовско месо. Месо катапултирано во првите борбени редови. Топовско месо што плаче. Плачењето ќе го видиш. Нема да ги видиш оние од горе, што ги држат далечинските управувачи со кои го теледиригираат чипот под кожа. Само една ужасна болка на тоа што е под таа кожа. Можеби веќе ти е јасно кои беа виновниците, а кои жртвите, кои беа наградените и казнетите, кои беа двојно жртвуваните. И тоа е во ред. Но, овде, за момент, сите ќе ти се видат исти. Губитници. Ќе ти стане (уште еднаш) јасна тежината на одговорноста.
Зад причините и зад воената логика ќе ги слушнеш гласовите на поттурнатите што јасно врискаат единствена порака: оружјето е ужасно застрашувачка одговорност.
4. Ќе ги видиш надреални. Во книгата има исповед на една жена, што цели четири месеци од својата бременост, во 6 часот наутро со велосипед се вози по глувите улици на Тетово. Таа оди на работа. Треба да се оди на работа. Никој официјално не прогласил воена состојба, значи сè функционира. И работните саати и работните договори се тука за да се почитуваат. Таа со своето неродено дете се обидува да го испочитува договорот. Со таа разлика, дека надвор летаат куршуми. Со таа разлика, дека улиците се празни. Нема жива душа… И така оваа бремена жена го вози велосипедот по глувите улици на Тетово и ти вели дека се чувствувала како во филм на Спилберг. Да, „обични“ луѓе не постојат. Сите луѓе се поети. Оваа жена поетски ќе ти каже што се случува со тебе во војна. Во војна, ти си на сцена. Тоа е сцена од надреален филм.
5. Антрополозите посведочуваат дека примитивните заедници избирале деца за историчари. Децата требало да ја чуваат меморијата на возрасните. Специјално ги тренирале за да развиваат фотографска меморија, да негуваат мнемотехнички навики. Тоа е извонреден увид во фактот дека нам ни се конечно потребни ранливи историчари, историчари кои не се окрвариле. Историчарите не смеат да бидат од редовите на оние што ја ковале дипломатско-стратешката кланица. Туку од редот на оние кои страдале. Родовите студии денес изнајдоа уште еден субјект, компетентен да биде чувар на историската меморија. Тоа е жената. Жената е најблиску до смртта, таа ги мие покојниците, како што ги мие и новородените. Таа е во директен допир со смртта, и од оваа и од онаа страна. А смртта, таа е конечно главната супстанца на војната.
6. Повторувањето на историјата е нужно. Повторувањето на историјата е сочинето од зборови. Се сеќаваме дека Кафка прашува, како воопшто зборовите може да потсетуваат? И одговара: зборовите може да потсетуваат само ако се запишани со нежна рака, со рака која милува, а не со груб алат. Затоа официјалната историја е сомнителна. Таа редовно се запишува со најгрубиот можен алат. Големата, официјалната историја се пишува во име на оружјето.
7. Да тргнеме од најбаналните примери. Толку многу е напишано за Втората светска војна, а ние сепак имаме изненадувачки големи дупки во нашето разбирање на нејзините клучни периоди. Стратешките и дипломатските истории на овие настани се добро документирани, но што е со подземната документација? Што е со „обичната“, секојдневната документација? Што е со искуството на оние кои го чинеле месото на таа војна, морнарите, оние што ја граделе инфраструктурата за непречено одвивање на идеологиите? Што е со помалку театралните и помалку гламурозните искуства, кои неочекувано кријат несразмерно повеќе театар и од најтеатралните дипломатски гестови?
8. Историјата е историја на генералите. Додека, всушност, треба да биде: не само историја на обичните војници, туку пред сè – историја на цивилите. Историјата е историја на победниците, а што е со поразените? Што е со губитниците распоредени еднакво од двете страни на цртата наречена „цел“? Историјата сака споменици, не сака зад спомениците да види луѓе.
9. По сите искуства на модерната историја и модерната меморија, ние конечно креваме бунт против нејзините методи. Бараме методологија која ќе знае да ги прочита ситните фонтови. Крајно време е фукоовски да почнеме да ја читаме сопствената историја. Дајте ни ги ситните фонтови на нашата историја од 1945 до 1991, од 1991 до 2001, од 2001 до денес, и ситните фонтови на она утре. Медиумите и големата историја бараат од нас поглед со тешка диоптрија, но не ни даваат очила. Во оваа книга ќе добиете лупа. Зад рефлекторите на големата историја, додека оќоравени ѕиркате во обид да ја здогледате вистинска слика, зад озвучувањата, мантрите и револуционерните танци, гледате лица на именуваните и на безимените.
10. „Женската страна на приказната“ е работена со методологијата на усната историја. Усната историја е некоја потсметка што ја отвораме на генералната жиро сметка на историјата. Таа започнува некаде околу 30-тите години на 20 век. Кога стана јасно дека историјата е доминирана од визуелното. Уште од Гутенберг наваму ние осамнавме во цивилизација на линеарни навики. Но, масовните медиуми дефинитивно ја зацементираа таа култура на секвенци. Памтиме во секвенци. Развиваме менталитет на отпор кон комплексноста на светот. И за возврат добиваме исчистена, дезодорирана и хигиенска историја. Она што од Цицерон наваму е познато како Тривиум (граматика, дијалектика, логика и реторика) е слика за систематското средување на историјата на западната култура. Со таа ситна маана, дека таа слика не е точна.
11. Усната историја користи аудитивен материјал. Сведоците на војната зборуваат, а интервјуерот ги снима и потоа ги транскрибира нивните исповеди. Кога ја читате оваа книга, добивате нејасно чувство дека настанал прекин во начинот на кој сте дресирани да го добиете преносот. Вие ги слушате овие жени и мислите дека нивните исповеди се фрагментарни. Тие немаат консензус околу многу работи. Дури ни со самите себеси. За едни војната почнала на 31 март, за други на 2 мај, за трети на 3 мај. Често и не можат да се сетат на датумите. Честопати немаат име за тоа што им се случило. Но во целата мешаница од податоци ќе видите дека се отвора пат за една историска вистина за нашето историско време, нешто од редот на отворањето на големите вистини. За да ви стане јасно. Дека е всушност, обратно: официјалната историја ги фрагментирала нашите искуства за нашето живеење во светот. Усната историја, обратно, ви ги враќа умножените, интензивирани точки на гледање, такви какви што всушност се и самите вистини. Фрагментарни, интензивирани, умножени, мултиплицирани. Во оваа книга има најмалку два етноса, најмалку шест приказни, најмалку три јазици. Треба да ги прочитате сите за да имате некаква слика за комплексноста и за комплетноста на индивидуалното искуство од 2001.
12. Добивате емоции. Емоцијата е темелно потценета во нашата цивилизација на груба логика, и соодветно режимски чистена. Дресирани сме да мислиме дека емоцијата е нагон, афект, она во кое нема вистина. Додека е всушност обратно – чистата емоција е когнитивност по себе. Чистата емоција е кога си ги преџвакал сите нагонски импулси, сите когнитивни процеси, си соџвакал сè што ти продале за факти, сè од твоето разулавено време и кога преку емоцијата отвораш пат за една вистина за твоето историско време.
13. „Женската страна на приказната“ е битка против пред-архивскиот, против не-архивскиот менталитет кој го негуваме веќе долго време, кој го живееме, додека мислиме дека градиме огромни и точни архиви. Оваа книга е раскажана од жени и запишана од жени. И тоа е важно. Најнапред е важно затоа што сите архиви се една голема историјата на отсутните жени, на жените од јавната и на жените од т.н. приватна сфера. Постои приказна за една француска писателка која во текот на триесет години, од 1900 до 1930 година, направила најголема архива за историјата на жените од Европа. Собрала преку 300.000 архивски единици и потоа умрела. Нејзините пријателки ја понудиле архивата на Националната библиотека во Париз, но тие ја одбиле архивата. По неколку години, архивата е изгубена. „Паметењето е заборавено и на тој начин оставено без иднина“.
14. Ние меморираме само во согласност со идеолошките премиси на нашето време. А главната премиса на нашето историско време редовно содржи сосема разобличувачки, ужасно анимален и нечовечен однос кон сопствената историја. Секое време има свои архиви, но ние и сега, и олку доцна, и во 2006 година, ние од Македонија, имаме зачудувачки цементиран, оневозможен пристап дури и кон нашите поблиски историски архиви. Ние сме системски дресирани од државата да го сметаме пристапот до тие архиви за забранет. Нашите историчари систематски нè убедуваат дека не ни треба архивата. Нашата држава, нашите архиви, нашите историчари се однесуваат во согласност со анималниот гест на Националната библиотека во Париз. Учат од императорите, за и самите, еден убав ден, да станат тоа. Жални императори, издигнати над трагите за сопствената скриена анималност. Сметаат дека ако ни ги забранат архивите ќе ја прикријат својата анималност. Затоа оваа книга, книгата „Женската страна на приказната“ е необично вредна и важна. Таа не го остава нашето најблиско минато без иднина. Таа ни ја враќа иднината, враќајќи ни ја назад приказната за нашето анимално минато.
15. И конечно, во оваа книга има нешто фасцинантно и моќно. Како што рековме, таа е раскажана од жени. Овие жени се жртви во секоја смисла. Па, и како жртви тие имаат една јасна љубов без раслојување. Во нивните лични истории има напнатост, која со ништо не може да биде компензирана, и никогаш, но тие сепак се обидуваат неа, напнатоста, да ја одложуваат. Тие нагризувањето го одложуваат до бесконечност. Овие жени не се политичарки. Тие ви велат дека морале да издржат, дека мораат да издржат, а средството за тоа издржување е во светот да почнат да гледаат редица слики на поволни, доброчинителски предмети. Таму каде што политичарите ќе почнат да ги навиваат воените труби. Тие се обидуваат да ја одложат напнатоста. Има приказна за една мајка која го изгубила своето 7-годишно девојче при гранатирањето на подрумот на нивната куќа. И оваа мајка зборува и за загубите на другите родители. За уште едно девојче кое загинало. Таа знае дека единствениот лек е да се приближува кон точката на туѓата траума. И на тоа место да ја лечи, да ја целува, да ја залекува туѓата траума. Преку неа и сопствената. Не отуѓување на смислата, не да гледаш во вратата каде исчезнала смислата, туку да гледаш на местото каде таа била. Тоа е исто така битка против не-архивскиот менталитет. Тоа е обид да се архивира дури и самата емоција, својата ужасна болка, заедно со туѓата. Тоа е обид за архивирање на сè што е минато, вклучително и болката и идејата за нејзина разрешница. Како начин, како можност да биде сочувано од заборав не само она што е грешка и болка, туку и она што е медицина и решение.

2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 49|