ПОБРЗАЈ И ИЗМИСЛИ ГРАД

/, Литература, Блесок бр. 149/ПОБРЗАЈ И ИЗМИСЛИ ГРАД

ПОБРЗАЈ И ИЗМИСЛИ ГРАД

Главата ми потскокна на перницата. Брзо станав.

– Еј, драга – ѝ ја погалив раката.

– Во Сараево, Маче.

Ме препозна! Нејзините сини очи ми велеа: немаме многу време. Навистина сега немаме време, а не како порано, кога сакавме да ги скриеме еден од друг сите разочарувања и тоа што самите не успеавме, упорно одложувајќи ја средбата. Срцето ми биеше. Длабоко вдишав и си наредив себеси, сега и овде – побрзај и измисли град. Ја собрав сета моќ на убавината во устата и зборовите нè однесоа во еден пријатен ден. Не е ладен, не е премногу жежок, таман како што треба. Се најдовме на улица полна со луѓе кои со своите движења покажуваа дека добро се забавуваат и дека не брзаат. Никој не беше сам. Некои разговараа додека шетаа, други се држеа за рака, некои беа со насмеани деца кои влечеа балони зад себе. Но, сакав уште повеќе. Ја фатив за рака и ја поведов. Каде одиме?, ме праша таа. Ѝ реков дека ја носам на забава. Дека сите наши пријатели дојдоа, ги наведов едно по едно имињата и дека сите сакаат да ја видат. Тања одеднаш застана и ме погледна испитувачки. Маче, зошто сите доаѓаат, штом проговори, балонот на детето избега. Се искачи на небото, а потоа пукна. И сè се смени во еден миг. Луѓето ги наведнаа главите и ги забрзаа чекорите. Некаде на крајот на улицата свиреа нетрпеливи автомобилски сирени. Гладот ​​ме измами, претерав. Се обидов да спасам барем нешто, ѝ реков да продолжи. Едвај стигнавме до првиот парк и седнавме. Не обзеде умор. Не знаев што да правам следно. И тогаш случајно погледнав отаде улицата. На раскрсницата на две улици, девојка, малку помлада од Аница, продаваше костени. Имаше долга и кадрава коса. Во раката држеше маша и танцуваше зад тапан од кој летаа искри. Види, ѝ реков на Тања и покажав кон девојката. Во морето од замаени лица, нејзините светкаа како сонце. Кога нè виде, почна да мавта и да се смее. И Тања ѝ мавна. Да одам да купам за нас?, ѝ предложив. Ветерот носеше мирис на печени костени. Таа зеде длабок здив.

– Па, доста ни беше – рече таа и ги затвори очите.

– Доста ни беше – повторив и ја прегрнав.

АвторЛејла Каламуиќ
2023-03-17T05:12:11+00:00 март 12th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 149|