ПОБРЗАЈ И ИЗМИСЛИ ГРАД

/, Литература, Блесок бр. 149/ПОБРЗАЈ И ИЗМИСЛИ ГРАД

ПОБРЗАЈ И ИЗМИСЛИ ГРАД

Тмурниот ден се прелеа во полутемнината на собата. Тања спиеше. Натопив газа во вода и ѝ ги наквасив усните. Во креветот направен за двајца, нејзиното измачено тело изгледало уште помало. Таа никогаш не зборуваше за разводот, а мене ми беше глупаво да прашам. Дури денес ќерка ѝ Аница ми кажа што се случило. Тања и Синиша го испиле попладневното кафе и слушале радио. Тој одеднаш станал и рекол: ова не е живот за мене. Го спакувал куферот и си заминал. Тања долго седела, на радио почнале и вечерните вести, кога конечно решила да стане. Со десната дланка го измазнила работ на здолништето, земала шрафцигер и ја извадила плочката со неговото име од влезната врата. Три години подоцна, таа доби рак.

Јас стигнав денес, дојдов да се поздравам. Тоа беше долго и напорно патување. Компанијата која нуди превоз од врата до врата на релација Сараево-Белград, очигледно ја немаше потребната документација. Нè пуштија дури на третиот граничен премин. Бев екстра нервозна затоа што носев масло од канабис во чантата. Знаев дека Тања има страшни болки, а ми остана половина шише по смртта на мајка ми. За среќа, во сите тие перипетии со превозникот, никој не би помислил дека една педесетгодишна жена шверцува нешто такво. Аница ми се заблагодаруваше толку многу и ме прегрна, што плачев затоа што не дојдов порано. Едвај ја убедив да излезе со другарките. Таа се согласи само откако ѝ ветив дека ќе ѝ се јавувам секој час.

Го оставив мобилниот на шкафчето, го соблеков здолништето и легнав на слободната страна од креветот. Нејзиното дишење беше плитко и болно. Поминав низ многу работи во мојот живот, ама мислам дека никогаш не сум била олку блиску до смртта. Во грлото ми се накрена паника од помислата дека нејзиното срце може секој момент да застане. На крајот на краиштата, повторно бевме најдобри пријатели. Се запознавме на почетокот на средното училиште. И двете доцневме на првиот час. До крајот на четврти клас бевме неразделни. И тогаш таа направи нешто поради што не разговаравме четири години. Почна да излегува со момче кое беше мојата тивка болка. Да, откако ме одби, на цел глас реков дека нема повеќе да го сакам дури и да е последниот човек на светот, но сепак таа мораше да знае. Отпрвин ми беше тешко, како и со сите разделби, но потоа нашите патишта дефинитивно се разидоа. Јас се запишав на стоматологија, а таа, како што слушнав, на англиски. Во војната, до зимата во деведесет и трета, се срамам да признаам, но не ни помислив на неа. Но, тогаш, во таа ужасна и многу студена зима, тато се разболе. Повраќаше и имаше дијареа со денови. Ниту капка вода не задржуваше во телото. Мама беше убедена дека пилаф може да го спаси. Знаеше колку го сака, а тој често велеше: кога нема можам да го јадам, тогаш да знаете дека сигурно умирам. Имавме малку брашно во куќата, но ни требаа и јајца. Пребаравме сè. Мама ја понуди бурмата на пазар во замена за две јајца, но никој немаше. Една вечер покрај зачадените свеќи, додека клечевме до креветот на тато, слушнавме тропање. Отидов да го отворам. Завиткана во дебела волнена шамија, Тања се појави од темнината. Носеше три свежи јајца во лимена чинија. Од сите работи што моравме да си ги кажеме, заборавив да ја прашам како дознала за болеста на татко ми. Во суштина, тој ги изеде јајцата, а таа се врати во мојот живот.

Наслушувајќи ги нејзините вдишувања и издишувања, се сетив на еден документарен филм за соништата на луѓето кои знаат дека наскоро ќе умрат. Никој од нив не ја сонувал смртта како крај. Тие сонувале за паралелни светови, како се трансформираат во фантастични суштества или појави. Понекогаш тие станувале чисти емоции. Но, јас и Тања, не сме обучени за други светови, нас нè учеа дека овој свет треба да се направи подобро место. Кога само ќе помислам на ентузијазмот што го почувствувавме кога војната заврши. Бевме гладни за живот. Мислевме дека среќата и благосостојбата нè чекаат веднаш зад аголот. И што добивме? Што добивме сите? Луѓето продолжија да си заминуваат. Како што еднаш броевме, петнаесет од нашите дваесет пријатели живееја надвор. А потоа таа го запозна и Синиша на семинар, се заљуби и со него се пресели во Белград.

Секој мускул ми пулсираше од замор. Го извадив мобилниот телефон и ѝ напишав порака на Аница. Само малку ги затворив очите, кога Тања рече:

– Сакам во Сараево.

АвторЛејла Каламуиќ
2023-03-17T05:12:11+00:00 март 12th, 2023|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 149|