Кратки раскази

Кратки раскази

„Месечева песна“
„Последната вечера“
„Мирис на рози“


„Месечева песна“

Ја најде фатена во неговата мрежа в зори. Шумата уште беше во сон, хоризонтот нежно се руменеше. Претходно имаше фатено многу животни – некои ги продаваше на пазарот на оние кои најмногу плаќаа, другите ги печеше на оган или ги лекуваше и ги чуваше за темните зимски ноќи. На човек му треба месо за да си го одржува телото. Празниот стомак е убиец. Осаменото срце, треба да го смириш.

Откако ја ослободи од замрсената мрежа, ја крена во раце и ја носеше по кривулестиот пат до куќата. Имаше светли пердуви. Кожата ѝ беше сјајна како месечина, бледа, бела како снег. Околу ногата имаше врзана танка зелена трака. Не знаеше дали е украс или талисман.

Цел ден спиеше. После дванаесет часа, кога треперливо ги отвори очните капаци, глетката му ги омекна усните, товарот му олесна. Зборови полетаа од нејзината уста како нежни крилати молци. Нејзиниот јазик виореше во воздухот меѓу нив – магла што го збунуваше.

Го подаде прстот кон раната на нејзиното чело, модроцрвена, веќе црна. „Боли?“ праша тој речиси со шепот, ставајќи мелем со врвот од прстот.

Таа трепна двапати и тоа тој го протолкува како „не“. Трепни еднаш за „да“, двапати за „не“ – освен тоа, од неа не бараше ништо друго да му протолкува.

Раната ѝ зарасна за неколку недели. Бледилото на кожата беше исто, но чекорите ѝ беа побрзи, зрачеше со насмевка. Измеша месо со тревки, нешто што никогаш дотогаш немаше вкусено. Свари темна, пикантна супа што му ги стопли коските. Ја слушна како си потпевнува во кујната. Песната му го забрза пулсот. Нејзиниот глас го милуваше како летен дождец.

Радост на летото, топлина на зимата. Кому му беа потребни зборови кога телата можат да зборуваат? Нејзините усни зрели малини, посочни од снег. Тој молеше за уште бакнежи. На светлината од месечината, таа зрачеше како привидение, бледа и сјајна. Траката и стоеше околу ногата. Никогаш не ја вадеше.

Бидејќи таа не го зборуваше неговиот јазик, неговите прашања се одбиваа од неа како вода од лотосов лист. Во темните ноќи прашања вриеја во него. Во темните ноќи го јадеше сомнеж. Јачеше, го нуркаше лицето во нејзината коса вдишувајќи ја чудната арома на нејзините тајни.

Со време, одговорите не беа повеќе битни. Неговите прашања свенаа како есенски лисја. Таа засади градина во сончевиот дел зад куќата. Цвеќиња растеа на нејзиниот допир, пупки цветаа. Таа никогаш не го научи неговиот јазик, но го научи песна чие значење не можеше да го разбере. Ја имаше мелодијата во главата. Ја потпевнуваше кога беше надвор во шумата поставувајќи стапици и следејќи траги. Ја потпевнуваше кога се држеа за раце под светлината од месечината.

АвторВенита Мокил
2020-12-23T17:43:01+00:00 декември 22nd, 2020|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 133 - 135|