ЗА ЉУБОВ СЕ ПОТРЕБНИ ТРОЈЦА

/, Литература, Блесок бр. 141/ЗА ЉУБОВ СЕ ПОТРЕБНИ ТРОЈЦА

ЗА ЉУБОВ СЕ ПОТРЕБНИ ТРОЈЦА

*

LE POPULAIRE

Централен гласник на Социјалистичката партија (С. Ф. И. О.)

Вторник, 11 јули 1951 година

Џезот во социјализмот

Од нашиот постојан дописник

 

Да се биде џезер во Југославија до неодамна не беше нималку безопасно занимање. Позната е изјавата на Максим Горки дека џезот е „музика на дебелите и мрсни капиталисти“. Затоа овдешната власт уште од почетокот ги фаворизираше партизанските маршеви, песните во слава на маршалот Тито и класичната музика. Сепак, во последниве години се појавуваат и забавни мелодии. Особено се популарни оние што ги компонира Дарко Карајлиќ, автор на мошне симпатичната песничка Зошто си сонлив, Чо, која овде сите ја свиркаат. Тука е и шармантниот шлагер пејач Воин Поповиќ, кој настапува со составот на Спаса Милутиновиќ.

За време на германската окупација, а и подоцна, во нова Југославија, се сметаше дека џезот шири разузданост и ги засилува животинските инстинкти. И самиот маршал Тито за овој музички жанр се изрази мошне неповолно. На друга страна, Американската читалница, која се наоѓа на улицата Кнез Михајлова, односно во срцето на Белград, уште од самото ослободување на земјата им позајмува плочи со џез музика на сите заинтересирани. Поминувајќи оттука, забележав голем метеж пред нејзината врата. Меѓутоа, среќниците со плочата на Дјук Елингтон или Хари Џејмс во рацете го добиваат и Билтен, пропаганден текст кој, инаку, од страна на власта е строго забранет.

Еден саксофонист, кој не сакаше неговото име да биде објавено, ми рече дека тоа бил единствен начин за овдешните музичари да се запознаат со џезот. Пред неколку години, на излегување од читалницата, бил уапсен од страна на тајната полиција УДБ. Меѓутоа, имал среќа затоа што бил затворен непосредно пред донесувањето на Резолуцијата на Информбирото. Набргу затворите станаа резервирани за многу посериозна клиентела од музичарите, за кои одеднаш веќе никој не беше заинтересиран.

По судирот меѓу Сталин и Тито, работите се променија од корен. Џезот стигна на игранките што се одржуваат по домовите на културата, а веднаш потоа и во ноќните клубови. Имав среќа што низ ноќниот живот на Белград ме поведе еден одличен познавач на џезот, овдешниот британски аташе за печат Лоренс Дарел. Во баровите, како „Лотос“ или „Кристал“, штом ќе завршат Полноќно ноктурно или Фантазија, точки што претставуваат срамежливи обиди за стриптиз, на подиумот излегуваат мошне квалитетни џезери кои ги собираат обожавателите. Овдешната jazz session често трае по цела ноќ.

Така, Белград одеднаш стана центар на таа до неодамна строго забранета музика. Воислав Бубиша Симиќ го основаше Биг бенд Динамо, а тука се и оркестрите Единство, Фисдур, Снежана, како и интересниот Хавајски џез секстет. Имињата што доминираат на џез сцената се клавиристот Василие Белошевиќ и џез тапанарот Раде Миливоевиќ Нафта.

Излегувајќи рано наутро од „Лотос бар“, додека од неговите длабочини допираше солото од нумерата Moody’s Mood for Love, мојот англиски придружник ми рече: „Зар не ви се чини дека звукот на ова шепотливо понирање на саксофонот личи на плач во ноќта на изневерениот маж?“

 

Маријана Фабри

 

(извадок од романот „Белградско трио“ на Горан Марковиќ, 2021, Авант прес)
превод од српски: Ацо Перовски

АвторГоран Марковиќ
2022-01-04T17:30:13+00:00 јануари 3rd, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 141|