ЗА ЉУБОВ СЕ ПОТРЕБНИ ТРОЈЦА

/, Литература, Блесок бр. 141/ЗА ЉУБОВ СЕ ПОТРЕБНИ ТРОЈЦА

ЗА ЉУБОВ СЕ ПОТРЕБНИ ТРОЈЦА

THE SECRET INTELLIGENCE SERVICE

Криптографски оддел на GCHQ

ДЕКРИПТ НА ЕНКРИПТИРАНИОТ ИЗВЕШТАЈ

бр. D19/W

            Синоќа бев во приватна посета кај генералот П. За човек што има највисок статус во државата, тој живее мошне скромно и е еден од ретките овдешни раководители што не живее во некоја од вилите одземени од предвоените сопственици. Ми кажа дека многу полуксузно живеел пред војната, додека бил поет, со оглед на тоа дека татко му бил богат човек. Смеејќи се, ми рече дека татко му го биел глас дека, како воен лиферант, мешал песок во солта и дека така се збогатил. Но, ме уверуваше П., тоа всушност го правел стрико му.

Веднаш ја спомна мојата несмасна постапка пред Белиот двор. Јас го уверував дека бев убеден оти блиндираната лимузина на Геринг е токму како порачана за овдешниот главатар и дека зад сето тоа не стоеше ништо друго, освен обид добро да се заработи. Реков дека сфаќам оти тоа, очигледно, беше грешка, но генералот П. слатко се изнасмеа и забележа: „Не погрешивте. Возниот парк на Геринг и тоа како му одговара на нашиот водач“.

Од тоа заклучив дека П. нема баш најдобро мислење за главатарот. Ми повтори дека заминува од војската и дека, речиси сигурно, ќе стане министер за надворешни работи. „На овие селаништа не им влегува в глава како со војската може да командува некој што не е цепеница/труп. Од друга страна, малкумина од нив зборуваат странски јазици“, ми рече, кикотејќи се.

На крајот повторно го замолив да ми обезбеди пропусница за посетата на овдешните работнички логори на Јадранот, која е закажана за средината на летото. Овој пат беше сомничав и се распраша зошто толку многу се интересирам за таа посета. „Таму нема ништо интересно за британската разузнавачка служба“, рече. „Или, можеби, ве интересира некој лично?“ Одговорив дека, како човек што пишува, ме интересира феноменот на принудата и ништо друго. „Каква врска има љубењето во Александрија со интернираните сталинисти?“ се интересираше. „Врската меѓу љубовниците и робијашите е во осаменоста“, одговорив. „Човек води љубов само за да ја потврди својата осаменост.“

 

Рибар Декриптирањето го изработи:
20 јуни 1951 година Д. Д.

 

*

 

Понеделник, 21 јуни

 

Со Марија Делиќ се случува нешто чудно. Вчера ја повика Драгица на рапорт и кон неа се однесуваше крајно човечки, да не речам снисходливо. Целата некако разлигавена, ја праша како се чувствува, дали ѝ треба нешто, дали може некако да ѝ помогне. Драгица цело време молчеше и ја гледаше со оние свои, би рекла, „урокливи“ очи. Потоа Марија почна да плаче! Ништо не зборуваше, само лееше солзи околу петнаесет, дваесет минути.

На крајот се прибра и ѝ се развика на Драгица. Ѝ рече нешто како: „Марш на градилиштето, кучко!“ Драгица се врати и сè ми раскажа. Потоа се појави Радо со вест дека, фала му на Бога, мојот Бора е подобро. Сè уште е во стационарот, но почнал да јаде. Малку дури и може да се движи, засега само околу креветот. Ми порачува да бидам храбра и да мислам само на себе. Некој од нас, поради Мила, мора да го преживее сето ова, а најдобро е тоа да бидам јас!

Работите на нашето пристаниште напредуваат бргу, па се плашам што ќе се случи кога ќе завршат и кога Радо ќе престане да ни доаѓа на Гргур. Тој и Драгица денес на извесно време се изгубија во кабината на бротчето на Радо. Јас им чував стража, цело време тресејќи се при помислата што ќе се случи ако некој открие дека бротчето чудно се ниша на ветрецот. За среќа, никој не намина и тие излегоа навреме. Радо целиот блескаше од среќа и скришум ја милуваше Драгица. Таа, меѓутоа, со ништо не покажуваше како се чувствува. Само молчеше и продолжи да пренесува камења.

Завчера ни донесоа нови униформи и ни ја засилија исхраната. Пунат веќе неколку дена носи големи количини вода, а денес ни поделија и вистински сапун и нешто што личи на крем, а се вика „Павловиќева маст“. Поради сонцето, да ни зараснат изгорениците. Се зборува дека тоа е поради некоја важна посета на логорот. Радо вели дека меѓу инспекторите се зборува дека ќе дојде генералот Јово Капичиќ, а можеби и Александар Ранковиќ лично.

АвторГоран Марковиќ
2022-01-04T17:30:13+00:00 јануари 3rd, 2022|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 141|