Базен

Франција е европска земја со најмногу базени, околу петстотини илјади. Секоја година речиси сто луѓе умираат во нив.

Луѓето се нурнуваат во базен за повеќе да не постојат.

Обично одам да пливам кога ми е смачено, кога телото ми тежи додека чекорам по улица.

Во базенот се ослободувам од таа тежина, пловам: глумам смрт, а сѐ уште сум жива.

Мала сум. Мајка ми и јас седиме во салонот, размислуваме за можни одговори на прашања, како на пример: ‘дали навистина има живи суштества на другите планети?’ Често гледавме емисии како ‘Неверојатно но вистинито!’ Кога ќе завршеше емисијата таа ќе го исклучеше телевизорот и ме прашуваше дали мислам дека има живи суштества на другите планети. Тогаш обете, без одговор, извесно време седевме во тишина. Потоа таа ќе сервираше вечера и немаше повеќе тишина, туку врева. Во текот на вечерата, или додека го пиевме кафето, речиси на сите прашања имаше одговори.

‘Неверојатно но вистинито’ повеќе не се прикажува и мајка ми и јас не си поставуваме такви прашања, но само разговараме. Ние сме две жени седнати покрај масата кои бараат одговори на секоја голтка од кафето на другата. Пиејќи ги зборовите и голтајќи ја тишината нашите одговори, секогаш тука некаде, пловат во воздухот.

Но, кога сум сам, јас сè уште имам прашања на кои немам одговор и кога премногу долго размислувам за нив се разнебитувам. Тоа е уште една причина зошто одам да пливам во базенот.

Водата секогаш ми дава чувство на ред. За притисокот на површината, како таа се менува со температурата, за распоредот на молекулите: две водородни и една кислородна, триаголник, рамнотежа. Водениот циклус ме потсетува дека таму има и хармонија, и јасност, и спокојство – иако понекогаш, кога има луња, повеќе наликува на некој што извикува вистина.

Молекулите во течноста се привлекуваат и се одбиваат една од друга. Молекулите на површина од течноста тежнеат да се урамнотежат така што површината се однесува небаре се ограничени со невидлива мембрана. Таа површина ја нарекуваме притисок. Поради површинскиот притисок течностите формираат сферични капки. Тоа овозможува крвта да се движи кон срцето. Спречува водата да навлегува во телата, со други зборови, значи, можеме да пловиме.

Водата ми помага кога се разнебитувам и ми помага за моите прашања. Кога сум во базенот станувам дел од водата. Небаре сум ја оставила кожата во гардеробата, небаре на течноста што струи низ мене не и е потребно тело; може да остане заедно без моето тело и неговата исцрпувачка тежина.

Имам своја теорија: луѓето на кои им се потребни одговори, како мене, ги бараат на дното од базените, каде што има ред.

Иако, понекогаш, пловиме како што тоа го прават умрените. Што да кажам? Животот е заморен.

Денес од трибините ги набљудував сите како пливаат. Секој замав беше како прашање. Некои пливаат брзо, очајнички, голтајќи воздух, небаре секој здив може да е одговорот што им е потребен. Други пак пловат на грб, оставајќи ја водата да им влегува во мислите, чекајќи одговор од воздухот над нив небаре им влегуваат во трагата на другите пливачи.

Депресијата се поврзува со специфична точка во мозокот, недалеку од местото каде го впиваме знаењето. За тоа знаење понатаму да го разработат, група научници од Општата болница во Валенција, го набљудувале однесувањето на глувците во експеримент со присилно пливање. Кога глувците за прв пат се ставени во вода, тие пет минути енергично пливаат. Следните пет минути пливаат побавно. Потоа, тие само пловат додека научниците не ги извадат од базенот. Во следниот обид, глувците побргу престануваат да пливаат. Пасивни се. После две минути во вода почнуваат да пловат (се одржуваат). Тоа е знак на депресија и научена безнадежност.

Се сеќавам дека јас секогаш силно се фрлав во вода зашто сакав да го допрам дното, да стигнам до дното на мојата тага. Го задржував здивот и се присилував да стигнам до дното, размиаслувајќи за детството, за мајка ми, за татко ми, за сите изгаснати светилки во дневната соба. Размислував да престанам да сакам додека чувствував болка во градите и тогаш ќе го испуштев сиот воздух пуштајќи ги мислите во меурчиња и, како труп, ќе пловев на површината.

Мислам дека сите сме посакувале – барем за миг, барем еднаш во животот – да не постоиме. И сите сме барале одговори на невозможни прашања.

Затоа базените се толку популарни.

Мојот базен можеби е огромен. Премногу е полн. Метеж од голи тела во гардеробата и сите тие тела се во базенот. Водата е разбранувана, како моите мисли. Несигурност, метеж, сомнеж, осаменост. Некои денови сè што може да понуди се дваесет и пет метри батерфлај и миризба на хлор.

Цела година доаѓав да пливам во тој базен. Тука бев кога го отворија. Ми требаа одговори, но тој ден, сè што добив беше мојот одраз во плочките.

Денес дојдов поради еден настан. Базенот е отворен веќе цела година и ние славиме. Две девојки кои пливаат наутро направија кореографија за аквабалет; неколку жени од плута и од сјајна пластика направија ленти; имавме драмски текст во кој некој симулираше давење; а еден многу сериозен маж, покрај кој понекогаш пливам, се прикажуваше како хемичар и објаснуваше како де се дехлоризира водата во базенот за повторна употреба.

Сега е мојот ред.

Велам дека ќе организирам игра, сакам на секого да му помогнам подобро да ги запознае нашите пријатели пливачи, зашто во базенот никогаш не разговаравме. Последните неколку денови ги фотографирав кај тушевите – тајно, се разбира, така што играта ќе претставува изненадување – и последната ноќ секоја фотографија ја пресеков на три дела, како загатка. Предизвикот беше да се состави точно телото така што главата ќе одговара на трупот и на нозете.

Но кога се претставив и почнав да ја објаснувам играта, сите изрипаа од седиштата грабајќи ги сопствените делови од фотографијата.

Требаше погласно да им ги објаснам правилата. Им ги зедов сликите за да им објаснам. Гледате, не ја комплетирајте сопствената фотографија. На тој начин играта е многу лесна.

Но никој не беше заинтересиран за играта. Или пак, не се заинтересирани еден за друг. Секој си го зеде сопственото тело, а на крајот моето исчезна. Ми остана само главата и збрчканото и виснато тело и нозете од остеопорозичната жена што доаѓа на базен да си ги јакне коските.

„Добро“, велам, „ако не сакате да играте, вратете ми го телото“, но никој не ме слуша. Како да не постојам.

Ја земам фотографијата од моето лице и одлучувам да си заминам, но додека излегував остеопорозичната жена ме запре најавувајќи“, „Јас сум победникот!“

Ми ги покажува сите три дела од фотографијата. Се вклопуваат. Гледам во нејзиното голо, треперливо тело, па ја прегрнувам и ја прогласувам за победничка. Дури ѝ давам и награда: крилца, маска за нуркање и црвени очила.

Никој не аплаудира.

Во некои христијански машки асоцијации носењето костим за капење се смета за нехигиенски.

Превод од англиски:
Катица Гароска Ацевска

АвторКлаудија Улоа Доносо
ПреводКатица Гароска Ацевска
2020-08-14T21:16:46+00:00 август 5th, 2020|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 130 - 132|