Припек

Припек

Кој ми е виновен што утрово не купив леб. Улицата е пуста како во стар вестерн, во кој двобојот се случува точно напладне.
И сега е пладне. И сега е ужасно топло. Ама јас немам противник за мегдан, иако и мојата мисија не е за потценување.
Кој ми е виновен што утрово не купив леб. Тогаш некако се дишеше.
Сега улицата ужасно наликува на некакво филмско студио, прегреано од рефлекторите.

Градот е празен:
ни мува да слета на
жешкиот асфалт

Сите ролетни се спуштени. Се слуша само звукот од по некој климатизер. Кога одиш на припек имаш чувство дека од зад прозорците и вратите во тебе се вперени еден куп скриени погледи.
Ти се чудат како издржуваш.
За да ми биде полесен патот до продавницата, решив да не мислам колку е жешко и да гледам само надолу. Гледам: стапче од сладолед, футрола од ладало, станиол за потпекување во рерна…
Што и да видам, ме потсетува на жештинава:

Мравката мавта со
ливче од јасмин … си ги
лади чедата.

(од Ехо од бранови, ИЛИ-ИЛИ, 2009)

2018-08-21T17:20:35+00:00 август 10th, 2017|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 114-115|