Приказни за другоста, идентитетот и домувањето

/, Литература, Блесок бр. 64/Приказни за другоста, идентитетот и домувањето

Приказни за другоста, идентитетот и домувањето

Соочувајќи се со т.н. синдром на заборавање на своето ексјугословенско минато („Луѓето беа повикани да се одречат од поранешниот живот и да го заборават.“), Тања Луциќ, професорката по југославистика, предмет којшто, по распадот на СФРЈ, практично не постои – на своите студенти им предлага „проект“, одделенска игра, работа на каталогизација на бившото југословенско секојдневие. Секој од студентите раскажува некој фрагмент, некој „југоносталгичарски“ експонат, некое свое доживување од поранешната земја – Југославија. Се започнува со реконструирање на еден имагинарен музеј на „југословенството“. Наместо класичната фигура на Учителот, чии клучни атрибути се авторитетот, знаењето и моќта – професорката Луциќ започнува една „групна терапија“: раскажувањето приказни и сеќавања од „поранешниот“ живот е во функција на сложување на сложувалката наречена – идентитет. За разлика од т.н. sleepers (спијачи), емигранти што воспоставуваат нормален живот, го учат јазикот, се интегрираат, се адаптираат и живеат живот без поголеми двоумења, студентите на Луциќ се во еден меѓупростор: од една страна е императивот да се заборави сето она што било порано, а од друга страна, во новиот простор – Холандија, тие сè уште немаат никаков идентитет:
Не сакавме да им припаѓаме ниту на оние долу наши ниту на овие тука наши. Час се изедначувавме со тој матен колективен идентитет, час со гадење го отфрлавме.8F
Потрагата по идентитет добива онтолошка вредност. Тој „меѓупростор“, се чини, сосема прецизно го одредува Амин Малуф: „Како да немаш чувство дека живееш во свет којшто им припаѓа на други, во свет којшто се покорува на правила пропишани од други, во свет во кој си како сираче, туѓинец, изрод, или презрен.9F
Категоријата субалтерност, која означува поединец или групи што се партикуларни/инфериорни во однос на универзалното, е актуализирана, во романот, преку категоријата Дом. Субалтерните поединци или групи живеат на границата помеѓу два или повеќе дома. Домот за субалтерните е метафора за копнежот. Домот како копнеж!
Домот во романот Министерството на болката е децентриран, бинарен, реално-имагинарен. Самото домување има обележје на потрага, на движење низ лавиринт. Амстердам, новиот дом на раскажувачката, на Тања Луциќ е претставен како лавиринт преку метафората за пајаковата мрежа:
Го здогледав Амстердам и неговото срце, кое имаше облик на наполу пресечена пајакова мрежа. 10F
Во своите соништа раскажувачката го доживува сопствениот дом во Загреб како лавиринт:
Знаев во сонот да откријам некои скалила, некои врати, некој премин што ќе ме одведе во паралелен дел од куќата за кој не ни знаев дека постои. 11F
Покрај тоа што е реален простор за егзистенција, домот се јавува и како имагинарен:
Мислев на тоа како живеам во најголемата куклена куќа на светот, каде што сè е само симулации и каде што ништо не е вистинско.12F
По завршувањето на првиот семестар во Амстердам, раскажувачката заминува во кратка посета кај мајка си, во нејзиниот дом во Загреб; притоа доаѓа до сознанието:
„Дома“ не беше веќе „дома“. 13F
Домот на нејзината мајка се јавува како простор на самозадушување. Жената-ќерка е под притисок на опсесивната грижа и доминација на фигурата на мајката. Традиционалното поимање на домот како место на вкоренетост е целосно редефинирано; не постои еден единствен дом за субалтерните. Домувањето е метафора за потрагата, за движењето од едно до друго место, од еден до друг дом.
Провокативен, вознемирувачки, извонредно храбар е крајот на романот! Преку есеизирана нарација, раскажувачката се „пресметува“ со новиот неоколонијализам, чии главни претставници се: „транзициските мутанти“, нови луѓе на новото време; луѓе што зборуваат по неколку јазици и имаат докторати; луѓе „брзи на самодефинирање и самопозиционирање“, за кои главни термини се: „флексибилност“, „мобилност“ и „флуидност“; специјалисти за туѓата несреќа – за емигранти, цигани, проститутки, малцинства; планери на туѓите животи и сопствените кариери. „Новоговорот“ на новото време, кој не е ништо друго туку суптилен облик на колонизација, е „разложен“ на неговата вистинска суштина!

ЛИТЕРАТУРА:
1. Амин Малуф, „Погубни идентитети“, Матица Македонска, Скопје, 2001
2. Дубравка Угрешиќ, „Министерството на болката“, Сигмапрес, Скопје, 2005
3. Edward W. Said, Orientalism, New York, Pantheon, 1978
4. Елизабета Шелева, „Културолошки есеи“, Магор, Скопје, 2000
5. Mарија Тодорова, „Замислувајќи го Балканот“, Магор, Скопје, 1999
6. Радомир Константиновиќ, „Филозофија на паланката“, Лист, Скопје, 2000
7. Антропологија, (Зборник текстови), Догер, Скопје, 2000

#b
8. Угрешиќ, стр. 24
9. Амин Малуф, „Погубни идентитети“, Матица Македонска, Скопје, 2001, стр. 77
10. Угрешиќ, стр. 229
11. Угрешиќ, стр. 207
12. Угрешиќ, стр. 208
13. Угрешиќ, стр. 98

2018-08-21T17:21:08+00:00 март 3rd, 2009|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 64|