Прибор за гости

Прибор за гости

Тој се обидуваше да изгледа како да не се мачи со храната, но сигурна сум дека не знаеше точно што боде со виљушката и дека секој залак му беше своевидно изненадување. Се обидував да не го гледам за да не ми биде непријатно, но кога со виљушката собра и една семка од маслинката која претходно ја беше изел, за малку ќе викнев за да го предупредам. Во последен момент решив да премолчам, за да не почувствува потценување или сожалување од моја страна, па морници ме полазија кога видов како ја затвори вилицата врз семката и како нешто тапо му крцна во устата. Тоа ни најмалку не го обескуражи Волфганг, кој продолжи да зборува и да кима со главата како ништо да не се случило. Со сестра ми си разменивме погледи на разбирање, едни од ретките.
Вечерта ја поминавме главно разменувајќи си друг тип погледи со Бела, најчесто полни со нетрпение и прекор. Неколку пати си разменивме и испишани салфетки, и тоа кога едната од нас тврдоглаво одбиваше да ја погледне другата и ги игнорираше нејзините гестикулации.
НЕ ЗБОРИ ТОЛКУ МНОГУ!
беше една од поинтересните, како и нејзиниот концизен одговор
ЕБИ СЕ
На таков начин некако успеавме да стигнеме до крајот на вечерта. Бела сепак измолзе од Волфганг неколку имиња во музиката во Австрија, како и понуди за можни препораки како стипендист во таа земја, а јас неколку пати успеав да ѝ го украдам Волфганг на сестра ми и со него да си разврзам разговори во однос на луѓето кои тој ги познавал од мојата професија. Сестра ми излезе да го испрати Волфганг до таксито, а кога се врати, ја чекав во фотелјата, спремна да се расправам со неа.
„Е стварно си мајстор за правење циркус“, уште веднаш ѝ пререков.
Сестра ми беше преморена, како и јас.
„Ајде ма па и ти, опушти се“, ми рече и се заклучи во соба. Тоа уште повеќе ме налути, бидејќи со тоа што не ми даде можност да се искарам со неа, се постави над мене. Пуштив гласно телевизија за да ја нервирам, но и тоа не ја натера да излезе од соба за да се караме. По некое време му се предадов на уморот и заспав.

Неколку месеци по овој настан, сестра ми ми соопшти дека Волфганг повторно ќе дојде кај нас на гости, но овојпат не ме замоли ниту салата да направам. За инает, јас се понудив, знаејќи дека сака да се куртули од мене за да може на раат да го шармира Волфганг.
„Пак ќе му дадеш да јаде од кофа и ќе го пречекаш во вреќа за ѓубре?“
Сестра ми не одговори на оваа провокација, што повторно многу ме изиритира. Веројатно затоа не ми кажа дека овојпат Волфганг доаѓаше со неговиот 12-годишен син, за кого бевме слушнале дека е сликарски вундеркинд. Тоа што сестра ми се нашминка и се дотера погрешно го протолкував како каење за нејзината претходна постапка, но кога на вратата заѕвонија Волфганг и Хуберт, веднаш сфатив дека сум погрешила.
Хуберт беше мирно дете кое постојано нешто си црткаше. Му дадовме празни листови, моливи и пенкалца, па додека разговаравме тој ни црташе портрети, но исплашено ги криеше листовите еден под друг и не ни даваше да погледнеме што нацртал.
„Малку е срамежлив – но многу е талентиран“, го правдаше татко му. Хуберт само забрзано трепкаше со огромните кафеави очи зад дебелите стакла од очилата. Бидејќи стаклата беа како лупи, можев да забележам дека кога трепка прво го затвора левото, а веднаш потоа десното око. Покрај тоа, тој интензивно нè посматраше и нас, и сè околу себе, веројатно затоа што понатаму истото го скицираше на листовите.
Бела овојпат ја постави масата како и за сите гости, вадејќи го својот скапоцен порцелан, кристал и сребро од специјалниот креденец. Дури и чаршафите и навлаките од перниците беа сменети. Чувствував дека устата и носот ми се грчат од презирот кон оваа постапка на сестра ми. Вниманието ми го одвлече Волфганг, кој првпат нешто му пререче на син му.
„Хуберт, исправи се“, му рече, гледајќи некаде помеѓу мене и сестра ми, кон библиотеката во дневната соба. Хуберт седеше до татко си, но не се допираа. Кога го слушна татка си, Хуберт се штрекна и се исправи.
„Тргни ги лактите од маса“, продолжи Волфганг. Хуберт бесшумно ги тргна и си погледна во скутот.
Со сестра ми си го упативме првиот загрижен поглед таа вечер. Вториот следеше кога Волфганг со истиот потег како и претходниот пат, пројде со дланката и прстите врз чинијата, а потоа и врз дршките од виљушките и лажиците, па рече, „Ммм, колку убав прибор.“
Третиот загрижен поглед со Бела си го разменивме кога Волфганг почна да зборува за тоа колку убаво си поминале со Хуберт и сопругата кога биле во Рим минатиот месец. „Рим – тоа е преубав град. Форумот е навистина величествен, а Колосеумот пак!“ воодушевено извика Волфганг, погледна нагоре, затрепка и ја стави раката на градите, „тоа е навистина грандиозна убавина. А за уметноста не сакам ни да почнувам“, романтично воздивна тој.
Почнав да се прашувам дали Волфганг е од тие речиси слепи луѓе, на кои, да речеме, им е оштетен 80% од видот. Ни со таков вид немаше да може да ги доживее Колосеумот и Форумот, па долго време размислував дали можеби тој ги доживеал преку мирисите и звуците, но и тоа не ми беше воопшто логично. Остана и варијантата сопругата или Хуберт да му ги раскажувале и доловувале сликите што ги гледале пред себе, но и тогаш не би требало тој да се изрази со такво воодушевување, небаре самиот ги видел сите тие споменици.
По овој последен коментар на Волфганг, јас и Бела престанавме да разменуваме погледи. Таа беше побледена и ѝ се беа појавиле малечки роси пот над горната усна. Повремено нервозно ќе си ја почешаше главата. Кога Волфганг рече дека е време да си заминат со Хуберт, забележав како одеднаш бојата во лицето ѝ се врати.
„Па, се надевам ќе се видиме повторно тука, или пак во Австрија“ – ѝ рече Волфганг на сестра ми откако ја прегрна. Мене ме погледна во левото уво и ми рече „Мило ми беше што најдовме заеднички точки“, па исто така ме прегрна. Под наредба на татко му, Хуберт млитаво ни ја подаде раката прво на мене, а потоа на Бела. Потоа го фати татка си под рака и почнаа полека да се симнуваат по скалите, додека јас и Бела стоевме со отворена врата и ги испраќавме со поглед. Тогаш Волфганг се сврте, затрепка со клепките како пеперутка, се насмевна и ни рече „Вие сте многу интересни сестрички“.
Бела ја затвори вратата и потоа двете во молк тргнавме кон дневната соба. На масичката лежеа цртежите на Хуберт. И јас и Бела посегнавме по нив, но успеав прва да ги земам. Еден по еден, запрепастено ги разгледував и потоа ѝ ги подавав на сестра ми, посакувајќи детето никогаш да не си ги заборавеше кај нас.

#2 #1 #4 #3 #6 #5 #8 #7

Цртежи: Јана Јакимовска

2018-08-21T17:21:04+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 69|