Прибор за гости

Прибор за гости

Најголемиот ритуал е поврзан со приборот за вечера. Во кујната, Бела има едно посебно креденче во кое ѝ стојат чиниите, чашите и есцајгот за гости. Навистина, тоа е ексклузивен и многу скап порцелански прибор, кристални чаши и сребрени виљушки, ножеви и лажици. Среќна сум што откако ќе си отидат гостите не ме тера да ги мијам бидејќи ѝ е страв дека ќе ѝ ги скршам или ќе оставам дамки на нив.
Досега сум пречекала многу гости на Бела – и тоа секакви – но ништо не може да се спореди со двете прилики кога кај нас дојде Волфганг, или како што го нарекуваме со сестра ми, слепецот. Не го викавме „слепец“ метафорично, туку буквално: Волфганг навистина беше слеп и се движеше со стапче за слепи. Очите му изгледаа нормално. Беа кафеави и ситни, и освен тоа што често трепкаше, мижуркаше и понекогаш чудно ги вртеше во круг, како да се обидува да види сè околу себе, не оддаваа впечаток дека не гледаат. Но, уште оддалеку се гледаше дека Волфганг е слеп: освен тоа што одеше со помош на стапчето за слепи, главата ја држеше неприродно исправена.
За слепецот сестра ми ништо не ми кажа, што многу ме навреди бидејќи не бев спремна на таква средба. Единствено што ми соопшти беше дека доаѓа некој австриски музиколог на вечера и дека овојпат нема потреба да направам пита, туку само една од моите егзотични салати. Потоа се повлеков во соба и се зачудив што сестра ми ниту еднаш не ми свика за некој предмет што сум го оставила на место каде што не припаѓа, што не ме викна да ѝ помогнам и што воопшто не беше хистерична пред да пристигне гостинот. Знаев дека треба да дојде околу седум, па петнаесет минути претходно излегов од собата и ја видов неа како мирно седи во фотелјата во дневната соба и чита. Ниту навлаките на перниците, ниту чаршафите не беа сменети. Сестра ми не беше задишана и нервозна и се гледаше дека не го поминала претходниот час чистејќи. Станот изгледаше нормално, а ни Бела, ненашлапана со нејзината вообичаена шминка, немаше некоја ексцентрична фризура, ниту пак беше облечена во некоја црна торба со нитни.
„Не доаѓа гостинот?“ ја прашав, збунета.
„Не, ќе дојде за петнаесет минути. Ќе го пречекам пред зграда, ќе дојде со такси. Не ти кажав дека е слеп?“
Одречно одмавнав со главата.
„А. Е па, слеп е. Не мора да се дотеруваме!“ рече сестра ми и се изнасмеа.
Се налутив, бидејќи потрошив петнаесетина минути убаво да се облечам и да се исфенирам. Немав време да помислам дали истото ќе го сторев да знаев дека гостинот е слеп. Во тој момент на сестра ми ѝ заѕвони мобилниот. Кога виде кој ја бара, одеднаш скокна од фотелјата и рече „Тој?! Доаѓа 15 минути порано, замисли каков безобразлук! Замисли да требаше да се шминкам или спремам!“
Потоа набрзина облече патики и истрча низ влезната врата. Се врати по неколку секунди и влета во тоалетот за да си стави парфем. Ме посоветува и мене истото да го сторам, зашто слепите луѓе имале изострено чувство за мирис. Ја послушав и набрзина си шприцнав и јас парфем, но тоа го сторив некако несмасно па кога се вратив во дневната соба ми се чинеше дека парфемот е пренападен. Веднаш ми стана срам дека гостинот ќе забележи дека намерно сум се намирисала, за да му оставам добар впечаток, а станав и самосвесна за квалитетот на мојот мирис и одеднаш почнав да мислам дека не ми чини парфемот. Отрчав во веце да го измијам со сапун. Додека го правев тоа, Бела и Волфганг пристигнале, па моментот на внесување во дневната соба го бев пропуштила.
Волфганг веќе седеше на троседот, трепкаше и насмеано гледаше во десниот горен агол од дневната соба. Кога се доближив до него, сестра ми ме претстави, на англиски јазик.
„Волфганг, ова е мојата сестра Ада.“ Волфганг потстана и веднаш ми ја фати испружената рака, како да ја гледаше и да знаеше каде е. Ме воодушеви чувството на слепите луѓе за предметите околу себе.
„Ада не зборува многу добро англиски“, рече сестра ми за да ја отпочне серијата суптилни навреди.
„Ах, сигурен сум дека не е така“, рече слепецот со тежок австриски акцент. Воопшто, често во текот на вечерта велеше „фоа шуа“ како потврден коментар во разговорите со сестра ми.
„Ада е пензионирана историчарка“, продолжи да ме претставува сестра ми, без воопшто да имам време да се искажам. „Работеше во националниот институт за историја.“
„Ах зо“, рече Волфганг, гледајќи во точка десно од моето рамо, климајќи потврдно со главата. „Го знаевте ли професор Јанковски?“, ме праша тој, акцентирајќи го вокалот „о“.
„Како не, ние бевме многу блиски пријатели“, одговорив, заинтересирана за тоа како Волфганг го познавал професорот. Сестра ми отиде да донесе нешто за пиење, а јас и Волфганг се расприкажавме. Кога таа се врати, ние бевме развиле дискусија во врска со нашите заемни познаници. Беше навистина неверојатно какви познавања за историјата имаше овој човек и колку луѓе од моето поле познаваше. Бела си седна на фотелјата и нè гледаше намуртено. Набргу почна да ми дава сигнали да престанам да зборувам со гостинот. Почна да си го пресекува грлото, да прави знак за тајм-аут, да си ја заклучува устата со невидлив клуч. Јас продолжив да ја игнорирам сè додека таа не ми рече, на англиски, со нејзиниот квази-британски акцент „Ада даалинг, јоо зипаа из андан“. Прво поцрвенев од лутина, следно од срам што сестра ми и двете вака нè срамоти, па дури малку подоцна успеав да изустам едно збунето „Тенкју“ и навистина да си го закопчам откопчаниот патент. Кога во непријатната тишина одекна звукот од закопчувањето на патентот, на Волфганг му затрепери аголот од устата.
Овој непријатен момент сестра ми го искористи за таа да започне разговор со Волфганг. Додека зборуваа, ја стрелав со смртоносни погледи за да ѝ го одвлечам вниманието. По неколку минути со главата ми сигнализираше дека е време да престанам со таквото однесување, но јас не престанав, па ги интензивирав презривите погледи. Таа ме погледна и безгласно, со устата рече „ДОСТА“ а јас сакав да речам на ист начин „ШО, ДОСТА“, но ненамерно испуштив мал шепот. Волфганг продолжи да зборува како ништо да не слушнал, но сестра ми, повремено испуштајќи потврдни сигнали како „а-ха“ и „ммм“, полека посегна кон полицата што се наоѓаше под масичката во дневната соба, извади еден фломастер и на салфетка ми напиша
ПАЗИ ИМА ОДЛИЧЕН СЛУХ!
и ми ја подаде салфетката заедно со фломастерот. Ги оставив на масичката, зацрвенета од бес и срам. Бела продолжи да зборува со гостинот како ништо да не се случило. По кратко време тој пак ми се обрати мене и ние повторно почнавме да разговараме и да ја игнорираме сестра ми. Тогаш таа одново посегна по салфетката и фломастерот, па на другата страна напиша
НЕ ГО ГЊАВИ МНОГУ БИТЕН МИ?!
и пред да ми ја подаде салфетката, ми рече „Ада, повели салфетка да се избришеш, си се измачкала малку тука околу устата“. Потоа таа ја искористи мојата збунета пауза за повторно да почне да разговара со Волфганг додека јас, бидејќи го достигнав врвот на својата изреволтираност, на дното на истата салфетка ѝ напишав
ИДИ У ПМ
и триумфално ја поставив на масата за таа да ја види, но сестра ми упорно не гледаше ниту во масата, ниту во мене, туку сосема се фокусира врз гостинот. Препотена од лутина, тргнав кон трпезариската маса за да го поставам приборот. Штом се приближив кон креденецот со порцеланот, шестото сетило на сестра ми проработи и таа му се извини на гостинот кога го прекина за да ми рече „Ада, драга, не се грижи за масата. Јас ќе ја наместам“.
„Нема потреба, драга сестро“ ѝ реков јас, потајно надевајќи се дека гостинот ќе ја почувствува иронијата. „Разговарајте си вие дури јас местам.“
Но сестра ми не се предаваше кога стануваше збор за поставувањето на нејзиниот скапоцен прибор. Таа го потсети гостинот дека вечерата ќе се излади, и не оставајќи му можност да си го допие чајот, го довлечка до трпезаријата и речиси насилно го седна на трпезариската маса. Во моментот кога го отворив креденецот со нејзиниот вреден прибор, таа почна да мавта со рацете и со устата немо да ми вели „Не! Не!“ сепак успевајќи веднаш потоа да се смири за да може да го продолжи разговорот со гостинот. Откако ми заповеда да седнам и „да не се мачам со вечерата“, го отвори креденецот каде што стоеја чиниите и чашите од кои јадевме и пиевме секој ден и ладнокрвно ги постави на масата, воопшто не погледнувајќи ме во очи. Уште повеќе ме зачуди тоа што ја отвори и фиоката со виљушките, лажиците и ножевите со кои обично јадевме, но внимаваше да не ги земе тие со пластичните дршки, туку со металните. Внимаваше и да не донесе од секојдневните, лесни салфетки, па за гостинот донесе од убавите, а за мене и неа од евтините. Не виде како Волфганг со десната рака помина врз површината и работ на чиниите. Потоа со врвчињата од прстите ги погали и ножот и виљушката, на кои имаше изгравирано шари со цвеќенца. Додека го правеше тоа климаше со главата, давајќи ми знак дека слуша што зборувам.
Набргу Бела заврши со поставувањето на масата и почнавме со вечерата. Волфганг навистина имаше одлично сетило за мирис бидејќи погоди точно што има на масата, а потоа сестра ми учтиво го праша дали би ѝ дозволил да му тури од храната во чинијата. Кога почнавме да јадеме, сестра ми конечно ме погледна, но кога јас ја погледнав прекорно заради неубавиот прибор, веднаш го сврте погледот кон јадењето а потоа и кон Волфганг.

2018-08-21T17:21:04+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 69|