Прибор за гости

Прибор за гости

Со сестра ми почнав да живеам откако почина мажот ѝ, Бог да го прости. Добар човек беше, но како излегуваше на крај со Бела сите тие години, не знам. Ми се чини дека, кај и да е, и мене ќе ме умре.
Сестра ми се нарекува себеси „мултимедијален композитор – музичар“. Кога ја озборувам со пријателите, ја нарекувам музикант бидејќи во принцип не знае да свири ништо освен пијано, а и тоа го прави лошо. На пример, одбива да свири класична музика бидејќи пред многу години некој ѝ рекол дека под нејзините прсти Шопен звучи како чекан врз наковална. Тоа може да сум го рекла и јас, но не е битно. Битно е дека по таквиот коментар, а веројатно и сличните што ги добивала во текот на своите студии, Бела почна да свири некаковси модерен џез со кој моите уши не се согласуваат ни до ден-денес.
Долго време со таквиот џез концентираше пред публика полна со жени чии фризури беа беспрекорни однапред, а бушави одзади, или пак млади момчиња со стиснати усти и очила со дебели рамки. Потоа одеднаш стана и композитор, па почна да пишува „современа“ музика. Моите уши имаа уште поголем проблем со оваа музика, ако воопшто можам така да ја наречам. На почетокот таа главно се состоеше од удирање на еден клавиш од долниот регистар на пијаното, и држење на тонот сè дури тој не исчезне. Потоа настапуваше стакато удирање на клавиш од повисокиот регистар, кое беше проследено со голема галама во средните тонови, и така тоа се повторуваше до крајот. Мене сиот тој „дијалог“, како што понатаму го нарекуваа критичарите, повеќе ми наликуваше на „дијалозите“ кои ги имаа дома со нејзиниот покоен маж Симон отколку на какво било уметничко дело.
Експериментите на сестра ми со музиката еволуираа и во полето на оркестрацијата. Бидејќи Бела отсекогаш беше во тек со современите трендови, брзо сфати дека најбараната уметност со потекло од Балканот мораше некако да биде поврзана со војна, за странците да можат да се идентификуваат со единствената работа што ја знаат за балканските простори, а патем да се горди што се сочувствително трогнати од огромната болка која ја преживеале луѓето од овие региони. Така, првата композиција на сестра ми се викаше „Крвав пречек“ и почнуваше со истрел од пиштол.
Се разбира, изведбата во живо почна со истрел од каписла на пиштол, па меѓу првите редови од публиката страшно засмрди и една бабичка почна да кашла. Диригентот беше тој кој ја имаше задачата театрално да ја пукне капислата, но, за несреќа, гудачите веднаш потоа мораа да почнат дисонантно да чкрипат, па тој немаше време да го остави пиштолот – или пак многу се збуни – и така за време на првиот став постојано мавташе со пиштолот во десната рака. Дел од публиката се воодушеви на овој нов концепт и тој доби многу позитивни критики во медиумите. Нејзиното следно дело се викаше „Пискотници“ и беше „постмодернистички микс“ на современите конфликти со оние од минатото. Со ова сестра ми сакала да каже дека била инспирирана од Григор Прличев од една страна, и од воените пискотници кои ги слушала околу себе на Балканот од друга страна. Поради тоа, ова дело – едно од нејзините најочајни и најнеиздржливи за ушите – беше претежно исполнето со пискотници. Сепак, овие пискотници не беа обични пискотници на луѓето што навистина страдаат на Балканот, туку беа пискотници на реномирани сопрани, алти, тенори и баритони. Делото истовремено беше и нејзин прв флерт со мултимедијалноста: зад оркестарот што ги придружуваше групните пискотници се проектираше црно-бела снимка од две мали мрсулави деца како плачат. Многу ми беше жал за децата и поради тоа никогаш не ја прашав како ги сними, ниту пак како ги натера толку да плачат, иако можам да си претпоставам дека тоа нејзе не би ѝ преставувало проблем.
Сестра ми припаѓа на една генерација, условно речено, уметници кои не се ниту во утврдената и закотвена стара генерација, ниту пак во младата генерација која добива секакви бенефиции само поради тоа што е млада. Но, на Бела ѝ стана многу јасно дека во старата генерација никогаш нема да ја примат бидејќи таму едноставно немаше веќе слободни тронови, а дека со младата генерација можеше да пропатува низ светот и да стане популарна со своите мултимедијални музички проекти, кои очигледно се сè уште многу актуелни. Мислам дека тоа беше клучната причина што таа почна да произведува „Пискотници“ и слични дела.
И покрај тоа што дома се однесува како тиранин, Бела е шармантна личност и порано беше многу убава. Луѓето кои не ја сакаат сега ја нарекуваат „Де Бела“, но не сум ѝ кажала оти си го чувам тоа за некој ден кога посебно ќе ме изнервира. Порано имаше цврсти гради и задник, тенка половина и слаби, прави нозе, но во последните години половината некако ѝ се спои со задникот и со градите, а и нозете полека почнаа да се обидуваат да ѝ се изедначат со остатокот од телото. Со други зборови, Бела многу се здебели и се рашири, но лицето и вратот ѝ останаа слаби. Со оглед на тоа што носи ѕвонести здолништа, личи на триаголник. Кожата на лицето ѝ се има олабавено, но и покрај тоа ѝ е убаво. Проблемот е во тоа што не сака да прифати дека старее или огрдува, па сè обидува да остане млада со тоа што го зголемува количеството шминка на лицето. Не излегува од дома ако очните капаци не ѝ се обоени во темно-сребрени полумесечини, а карминот размачкан околу устата во обид да направи усните да ѝ изгледаат пополни. Откако веѓите ѝ се разретчија, почна да ги црта со црн креон, но не ги црта секогаш еднакво па понекогаш обликот на едната веѓа ѝ дава циничен израз на лицето, а другпат збунет. Признавам дека од далеку не изгледа толку лошо поради тоа што очите и устата ѝ се поистакнати, но еднаш од сè срце ѝ препорачав да не застанува блиску до луѓето со кои разговара бидејќи изгледа како вештерка.
Ме чуди тоа што почнува полека да се претвора во страшило, оти во сè друго е многу педантна. Ова е уште една од нејзините особини кои ме вадат од такт. На пример, иако предлогот да се вселам кај неа беше нејзин (наводно беше во шок откако мажот ѝ ненадејно почина), таа ми одреди конкретни катчиња во дневната соба кои можев да ги зафатам со моите предмети. Таков простор во дневната соба е работната маса, којашто, секако, имаме право да ја користиме и двете. Но таа излегува од кожа кога нема да си ги тргнам работите од масата, а еднаш дури отиде дотаму што влезе во мојата малечка спална соба додека спиев и ми ги фрли ножиците кои ги бев оставила на работната маса. Знам дека беше поради тоа што неа ужасно ја нервира што со години сечам интересни текстови од дневните весници и потоа ги лепам во огромни тетратки. Со оглед на тоа што се занимавам со ова хоби од триесеттата година, имам триесет и две години материјал од интересни исечоци и голем број добро документирани тетратки, кои повремено си ги вадам од библиотеката и си ги разгледувам. Кога се вселив кај Бела, таа ми одреди само две полици од нејзината голема библиотека преполна со претенциозни книги и перверзни керамички статуетки, и тоа на дното, со што ме принудуваше да се наведнувам ниско за да ги вадам тетратките, иако знае дека имам проблеми со ’рбетот. Првите месеци откако се преселив, и покрај тоа што таа го оплакуваше Симон, имавме огромни караници бидејќи не ја чистев масата и подот од непотребните исечоци. Иако се прилагодив на нејзината чистота и педантност, таа не може да се навикне на моето присуство, макар и на работната маса. Ми ги трга дури и фломастерите и пенкалцата, и ми ги става во една фиока, повторно на дното од бирото, додека нејзините пенкалца стојат уредно наредени во една керамичка чаша веднаш до компјутерот.
Има одличен одбранбен механизам во однос на тоа како да ме замолчи кога ќе почнам да се бунам за своите права. Почнува да плаче за Симон и да зборува дека јас дополнително ѝ создавам нервози наместо да ѝ помагам. Не знам до кога ќе трае овој период на лажно оплакување, бидејќи веќе не можам да издржам. Се чувствувам како таа да ми го раководи животот, како јас да сум дете а таа да ми е мајка, и покрај тоа што е доста помлада од мене. Сепак, нејзината педантност, чистота и хистерични испади кога не се придржувам до нејзините норми ме натераа да го правам и тоа што ми е најомразено – веднаш по јадењето да ги тргам чиниите од масата, да ги ставам во машината за садови и да ги бришам трошките од масата, наместо, како и сите нормални луѓе, да си легнам и малку да си отспијам.
Кога се вселив, Бела направи и една паметна работа – ми додели сопствен тоалет во кој таа ретко се меша. Се случува само да се замеша во бањата, па дури и во уредноста на мојата малечка соба само кога доаѓаат некои од нејзините битни гости. А со таквите гости е навистина многу пријатна. Успева со шарм и насмевки да ги заведе потенцијалните спонзори преку кои би можела да има „концертни изложби“ или „музички перформанси“. Затоа во нашиот дом често доаѓаат реномирани гости од културниот и политичкиот свет, а добиваат посебен третман ако се странци. Јас ги мразам ваквите ситуации и се обидувам што е можно почесто да ги избегнувам, но неретко сум сведок на претставите кои ми ги приредува сестра ми пред да дојдат нејзините аристократски гости, бидејќи тогаш ужасно паничи. Ако не сум таму да ѝ помогнам со обилното јадење и да ѝ ја направам питата со спанаќ, таа би можела да се онесвести. Пред нивното доаѓање, обрнува посебно внимание на тоа станот да е беспрекорно чист и уреден. Само тогаш ме тера да си го исчистам тоалетот и да си ја средам собата за случајно некој од гостите да не залута во мојот „гнасен“ дел од станот. Неколку часа претходно, проверува дали прашината е избришана од сите полици, на масите става чаршафи што ги користи само во тие пригоди, а на перничињата на троседот навлекува специјални навлаки, кои ги има донесено од Пакистан.

2018-08-21T17:21:04+00:00 декември 21st, 2009|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 69|