ПРЕПОРАЧАНО ПИСМО

/, Литература, Блесок бр. 106/ПРЕПОРАЧАНО ПИСМО

ПРЕПОРАЧАНО ПИСМО

ПРЕПОРАЧАНО ПИСМО
Куферот на Еманаторот


До:
Конески Блаже
ул. Болен Дојчин 3а, Париз, Франција.

Абе машко,
ме затнувашe со триста глупости, со партали, со песок, со памук.
Aма знаеше оти јас си седев и го чекав часот да излезам.
Ги голтнав сите тие глупости како страстен пушач што го голта својот секрет, а не го исплукува.
И излегов.
Ама, сакам едно да знаеш.
Не за лошо, ами за арно излегов.
Точно е тоа дека направив некои штети, но тие беа неизбежни.
Но најбитно, ти го навадив лозјето.
Е така. На крајот на краиштата и не сум толку лоша, а?
Каде и да си и што и да правиш, биди ми со здравје.

Поздрав,
Стерната.

Така.
Уште еднаш се извинувам за чкртаниците.
Всушност, имам еден предлог. Ќе кажам кој сум, но молам освен вие никој да не дознае за мене. Мојот идентитет може да биде откриен само ако сметате дека ова е позитивна работа и јавноста ја прифати како таква. Во најмала рака ќе добијам многу општествени поени, нели?
Ако не сметате дека тоа би се случило, тогаш не го откривајте мојот идентитет. Ако сметате дека овие документи што ви ги пратив немаат никаква важност, ве молам дописот интегрално да биде уништен.

Вака.
Јас сум Иван Мелков, роден во село Дреновци, Прилепско, на 16ти мај 1971 година од татко Веселин и мајка Јагода. Матичен број 1605971440094. Број на лична карта А1770855, издадена во СВР Прилеп на 11.07.2007. Немам брат, немам ни сестра. Не сум женет, немам сопруга што има мозочна болест. Немам ни деца, чкртаниците се само маска за да се заштитам. Средно училиште учев во Велес, бидејќи татко ми работеше таму, па често заедно патувавме. Завршив факултет во Скопје и се вратив назад во Дреновци. Тука сум преку дваесет години. Документите ги најдов во близина на паркот во општина Гази Баба, Скопје, тоа е точно. Бев на неколку дена во Скопје, да барам работа. Оригиналите ги чувам кај мене бидејќи ми се драги, уште од мало дете често слушав за Блаже Конески, бидејќи тој беше од Небрегово, село до нашето и понекогаш го гледав, кога ќе се вратеше. Главната причина заради која ви ги доставувам документите е впечатокот кој Конески ми го остави на една наша мала средба. Имав околу седумнаесет години. Бев во неговото село, имав девојка од таму. Седевме на еден камен покрај една уличка. Тогаш помина Конески. Го немаше во селото некое време. Човекот си одеше по улицата со еден куфер во раката и погледна во нас. Ни се насмевна и ни даде еден лист хартија. На листот имаше една песна. Таа песна ми го смени целиот живот.

Уште еднаш би ве замолил да ги послушате моите молби.

Поздрав и сè најдобро,
Иван Мелков.

АвторМарио Стојаноски
2018-12-19T12:13:10+00:00 март 30th, 2016|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 106|