Првиот дијалог

Првиот дијалог

Соња зјапа во својот одраз во О-то од името на дуќанот во излогот. Веќе зеде четири аспирини, последните два ќе ги земе со ручекот, и решена е да ја победи главоболката со интензивна работа. Умот над материјата, мисли, вртејќи се кон куферите. Во следните три часа, ја брише секоја книга со мека крпа, ја допира текстурата на хартијата, ја вдишува застојаноста, ги гребе остатоците од чудни инсекти, и ги прекрива имињата на поранешните сопственици и цените. Потоа, употребувајќи го сето искуство кое го собрала во трите години купување и продавање книги, става цена на секоја книга, со мала жолта налепница.
Конечно, го трга настрана последниот куп книги, ја гмечи цигарата во преполнетиот пепелник, дува неколку ронки пепел од стаклениот пулт, и го вади пакетчето аспирин од јакната. Сега, додека зимската квечерина го засилува својот стисок врз градот и почнува да врне, темнината притиска врз излогот, засилувајќи го одразот на полиците високи до таванот кои сега не се чинат совршено правоаголни. Соња си ја чеша левата слепоочница и ѕури во белите апчиња во својата дланка. Ситни јајца во гнездо од брчки, си мисли. По една долга воздишка која како потполно да ја испразнува, ги пика апчињата во уста и ги проголтува со голтка студено кафе. Наскоро ситните јајца ќе се излегнат во нејзиниот заплеткан стомак, ослободувајќи два милосрдни ангели кои ќе ги рашират своите крилја, ќе замавтаат низ нејзините вени, ќе си го најдат патот низ лавиринтот од нејзиниот мозок и ќе ги замолкнат безмилосните демони кои ѝ длабат во слепоочницата.
Со писок минува пожарна, светка под портокаловите бандери. Во неа, немарно џвакајќи, еден младич на задното седиште си ја закопчува униформата. Пречекорувајќи преку книгите натрупани на подот, таа внимателно оди до излезот, го вовлекува штандот обележан со ПОПУСТ и ја заклучува вратата. Стои таму некое време, ту зјапната во своите црти окружени од О-то, ту низ нив кон улицата која сјае од магливиот дожд. Двете паралелни линии врз нејзиното чело станаа позабележливи во изминатата година. Дамки од портокалово, црвено, зелено и битумен. Со брчење поминува камион, го затресува излогот. Одразот на полиците се лула, божем ќе се урнат и ќе ја затрупаат со книги. Нејзините очи се стапица за лилави сенки. Стариот саат зад пултот отчука шест. Уште малку, ќе дојде Симкин. Преку улицата, силно осветлената табла СЕ ПРОДАВА ИЛИ СЕ ИЗНАЈМУВА стои на верандата од празниот дуќан. Крај него, некогаш огнениот знак СКАРАТА НА ПЛАМЕН речиси е прекриен со чад. Ресторанот изгоре минатиот месец, поцрнетите покривни греди стрчат во ноќното небо низ зинатите прозорци на горниот кат. Другите три дуќани во редот на двокатните тераси се чини дека подобро се снаоѓаат. Не недостасуваат муштерии во обложувалницата; всушност, бројот на коцкарите се чини дека се зголеми во директен сооднос со силината на рецесијата. Обложувачите постојано се врткаат околу влезот, го валкаат тротоарот со тикети и отпушоци. И во фурната им оди добро, зашто на обложувачите им продаваат крцкави француски кифли и малку свежа надеж меѓу натпреварите. Минатото лето отворија салон за пирсање во зградата на крајот. Еден уметник работеше на излогот со денови, сликајќи орел и змија зграпчени во жестока борба.
Од мракот кој се згуснува се појавува лице и се лепи меѓу буквите на излогот, штрбаво се смешка. Соња го превртува натписот ЗАТВОРЕНО кон надвор. Една шепа со безброј прстени тропка врз стаклото. Соња ја препознава старицата која повремено доаѓа во дуќанот за да продаде некоја книга и да прераскаже некое озборување. Вечерва, сепак, со главоболката која станува посилна, Соња кон неа тропка со знакот. Жената покажува кон старомодната количка за пазар со која крстосува низ улиците и патеките во соседството, тук-таму пребарувајќи, собирајќи сè што би можело да има некаква вредност. Книгите кои ги носи најчесто не ја интересираат Соња, иако понекогаш е пријатно изненадена од понуденото. Не, сега самата се убедува. Купи неколку стотини утринава, а продаде околу четириесет. Жената ја трга прекривката од количката и ја кани Соња да погледне внатре. Што нашла овој пат? Можеби класик кој одамна не се печати? Казнувајќи се себеси, ја отвора вратата. Жената ја турка количката внатре, жалејќи се дека немало вака студена зима од времето кога била девојче. Имала шеснаесет години кога го добила првиот капут. Сега носи два и пак не може да се згрее. Смешкајќи се, брца во количката и ги вади книгите на пултот. Од нив се крева мирис на марихуана. Ги нашла во задната уличка, сите во кеса за ѓубре. Младите кои го окупираа маалото ништо не почитуваат, се жали старицата. Што со нивната розова коса, искинатите фармерки и иглите во носовите – не можеш да разликуваш машко од женско. Живеат како Цигани. Шест месеци овде, шест месеци онде. И секогаш кога се се селат, оставаат пола од своите работи. Премногу им е лесно, негодува. Поинаку беше порано кога во маалово живееја чесни фамилии. Во тоа време луѓето имаа почит – за работата, за изгледот, за она што го имаа.
Триејќи си ја слепоочницата, Соња со поглед прелетува преку понуденото: романи, книги за окултното, три-четири истуткани текстови за математика. Веќе има неколку копии од „Злостор и казна“ на Достоевски и една копија на Толстоевото „Воскресение“. Да ги купи ли и овие на пултот? Добро се сочувани. Жената се смешка и го порамнува нерамно закопчаниот капут. Неколку капки паѓаат врз дланките на Соња додека жената го тресе црвениот чадор. Соња избира седум или осум наслови а другите ги турка кон жената. Нејзиното збрчкано лице се грчи од разочарување, ги пика непродадените книги во количката. Соња со ѕвон ја отвора касата, вади неколку парички и ги спушта во испружената дланка која се затвора како стапица за глувци. Надвор, жената го отвора чадорот, чека да сопре сообраќајот, и се одвлечкува преку разнобојната улица, каде што го исправа капутот и влегува во обложувалницата.
Соња го собира дневниот промет од касата и оди во задната соба. Го спотнува стивнатиот оган и фрла во него неколку парчиња црно, влажно дрво. Фала му на Бога за аспиринот: болката во главата веќе не е толку силна. Симкин само што не дошол. Седната во стара фотелја со олабавени пружини, ги брои парите за кирија. Недостасуваат неколку долари. Требаше да го слуша разумот и да не ѝ ја отвори вратата на старицата. Сега ќе треба да се извлекува со извинувања пред Симкин. Пали цигара, се навалува наназад и ги затвора очите. При првото прободување низ телото се сепнува и се исправа. Пак гласови. Дали се од главоболките? Дали нејзината имагинација си поигрува со неа? Или фактот дека работата не оди добро а таа поминува повеќе време сама? Тоа се случи неколку пати во последните месеци. Од првин, ништо погласно од шушкање на страница, како некој да прелистува книга од другата страна на полиците. Дали влегол муштерија без таа да го забележи? Се покажа дека тоа бил само провев кој се протнува низ процепот под влезната врата. Потоа, звукот стана шепот кој доаѓаше од задната соба, каде што таа ги чуваше драмите, поезијата и религијата. Кога отиде да провери, шепотите ги замени смолата која цврчеше во огништето. Почна да пушта класична музика кога стануваше претивко. Ова ги изгони звуците, но само привремено, зашто се вратија посилни од порано.

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 57|