Првиот дијалог

Првиот дијалог

Додека дуќанот се бојосуваше и се поставуваа полиците, кутиите за книги и стаклениот пулт, Соња ја замени колата за еден постар модел на комбе и почна да го учи својот нов занает. Пишувајќи забелешки сето време, брзо создаде контакти и доби усет за куповните и продажните цени на различни типови книги. Нејзините извори за снабдување беа рекламите во весниците или она што ќе го чуеше како препорака: пазари, црковни панаѓури, продавници за користена роба кои продаваа сè – од облека до мебел, гаражни распродажби на луѓе кои се селат, оставнини на души кои се преселиле од овој свет на следниот. Откако ја заврши домашната работа, Соња ѝ се предаде на својата страст по книгите онака како што за тоа беше сонувала. Купи два големи, робусни куфери од блиската црковна продавница и се впушти во возбудливо купување, полнејќи го дуќанот со пакети книги. Во тек на неколку ноќи, губејќи го чувството за време и под дејство на кафе и цигари, ги нареди купените книги на новите борови полици, истовремено преобразувајќи си го животот. Дента кога фирмописецот го повлече последниот потег со четката врз БИБЛИОФИЛ на излогот (таа проучуваше листи од исписи и се реши за готица во златно, врз бордо позадина), стоеше зад пултот, среќна и горда на тоа што го постигнала за толку кусо време. Мирисите на борот, бојата и хартијата се мешаа во дуќанот. Уредно наместени на новите полици, според тема и автор, нејзините книги беа подготвени за работа. Кога фирмописецот влезе да наплати, во неговиот бел комбинезон испрскан со боја, ѝ се пожали дека неговиот занает е на изумирање. Компјутери, рече, додека таа му ги броеше парите врз дланката. Секако дека можат на ласер да испечатат налепници за половина од неговата цена, но таквите натписи не се трајни, буквите им се криват и пукаат, им фали не само слој боја туку и човечки допир. Знакот на нејзиниот излог ќе трае цел живот и ќе привлекува муштерии, ѝ рече.
Со обртот кој се зголемуваше секој месец во првата година, Соња мирно се соочуваше со издатоците, ги плаќаше ратите во банка, и ѝ остануваше чист профит. Во споредба со нејзиниот живот како наставничка, едвај можеше да поверува во својата моментна среќа и способност за работа. Работа? Зборот содржи мноштво непријатни асоцијации. Нејзината моментна активност беше задоволство, страст – профитот беше прилично неважен. Внесена во работата, предавајќи му се на шармот на книгите, не чувствуваше потреба да се гледа со својот мал круг пријатели. Книгите, особено романите, отсекогаш ѝ биле уживање. Кога и да се сетеше на некој важен настан или пресуден момент во нејзиниот живот, тоа секогаш беше преку некоја книга која ја читала во тоа време; не само насловот и текстот, туку и самата текстура на страниците, нејзината тежина, мирисот на нејзината хартија. Сега, опкружена со предметите на нејзината страст, немаше потреба да ја бара среќата на некое друго место.
Медениот месец траеше речиси две години, и тогаш, речиси преку ноќ, се смени економската клима во земјата: воздухот стежна од рецесија, додека помрачните прогнозери предупредуваа на депресија. Одеднаш, насекаде никнуваа продавници за користени книги, се множеа како печурки во влага. Се отворија уште две на истата улица, на неколку стотици метри од неа. Продажбата опадна до ниво на кое таа едвај успеваше да извади плата. Испитувајќи го поголемиот од двата дуќани, ѝ се згади од она што го откри. Брадестиот, бушав сопственик немаше усет за она што го продава, инаку не би чувал книги во такво бедно место. Типот, без сомнение, ја искористил ниската наемнина (единствените нешта кои цутеа во градот беа знаците СЕ ПРОДАВА и СЕ ИЗНАЈМУВА на некогаш просперитетните имоти, со очигледна продажба при секое изнајмување), наплескал некакви груби полици, а на излогот залепил КНИГИ НА КИЛО. Нејзиното гадење се претвори во бес. Книгите не се зелки: тие не се правени за да се купат, консумираат и отфрлат. Посветен читател уште од рани години, Соња од секогаш ги пазеше своите книги, а како дете минуваше часови редејќи ги и прередувајќи ги на полицата од шпер-плоча која ѝ ја направи татко ѝ. Пермутациите на боите и насловите се чинеа бесконечни, а секој редослед беше како нова колекција. Понекогаш, таа ги читаше насловите на глас, како тој посебен след на звуци да беше клуч за еден свет на авантури, „Отвори се Сезаме“ за една приказна која уште не е напишана. Ова место нема долго да постои, се утеши себеси. Типот, очигледно, беше опортунист, заработуваше од несреќата на луѓето фатени во небрано од рецесијата, принудени да ги продаваат не само своите книги туку сè што поседуваат. Тој ја немаше нејзината љубов кон книгите. Нејзиното мислење за неуредниот сопственик беше потсилено со еден куп стрипови во ќошот на дуќанот. Таа ги презираше и одбиваше да ги продава, и покрај нивната моментна популарност меѓу колекционерите и фактот дека некои од нив имаа речиси култ на следбеници. Нејзината одбивност траеше од детството: дури и тогаш, веројатно поради напредното ниво на читање, се сметаше себеси над стриповите. Тие биле измислени за оние со слаба имагинација, на кои им требаа илустрации за да го сфатат текстот и да го оживеат чудото на зборовите.
Исправајќи се над бележникот во кој пишуваше, типот ја заврте главата неколку пати, фрли поглед лево-десно, нејзе ѝ упати значаен поглед, потоа ѝ се врати на својата работа, чкрабајќи божем има инспирација. Писател, помисли таа, и нејзината антипатија кон него се намали. Како за страстен читател, сосем природна беше нејзината желба да стане писател, но нејзиниот единствен сериозен обид заврши со неуспех. Тогаш имаше дваесет и една година и тукушто заврши со наставната практика. Тринеделното искуство беше добро, барем на површината, со охрабрувачка оценка од нејзиниот контролор; сепак, некаде подлабоко, таа чувствуваше како да е неповратно повлечена кон бездна. Очајна, одненадеж го виде пишувањето како средство за спас. Резултатот, после шест месеци, беше здодевен роман од типот Лолита, во кој наставникот е заведен од една од неговите ученички, палава девојка која, со одбојност кон школувањето, решава да ја тестира својата новостекната сексуална способност во разурнувачка игра против него. Разочарана од четири или пет одбивања од издавачите, таа ги собра сите копии на ракописот со намера да ги запали. Ги стави во лимен барабан и, сакајќи брзо да заврши, ги испрска со керозин. Но се сепна пред злиот пламен на кибритчето, престрашена од конечноста на огнот, како да ќе кремира дел од себе. Наместо да ги запали, ги зеде ракописите и ги закопа во ѓубривото, под изгниените лисја, овошје и зеленчук. Една недела подоцна, откако хартијата се распадна без трага од збор, го префрли смрдливото ѓубриво во цветниците, меѓу расцутените ружи и рододендрони.

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 57|