Првиот дијалог

Првиот дијалог

извадок од романот „Дванаесеттиот дијалог“

Уште еден ден со шест аспирини, се помирува Соња Гор, сопственичка на продавницата за користени книги БИБЛИОФИЛ. Мрштејќи се, посега по тенката мека книга од купот врз пултот. Рано утрината отиде на пазарот на другата страна од градот, каде, инстинктивно бирајќи од огромната понуда, речиси до пукнување наполни два големи куфери. За миг се загледува во книгата, збирка песни. Има ли некаква вредност? По која цена да ја продава? Со истата дилема се соочува пред секоја книга: како да ја помири суштинската вредност со реалната цена. Божем шести прст, цигарата во нејзината десна дланка испушта линија чад кој се витка и кривули и се крева во спирала како курзивен текст, покривајќи ѝ го лицето со својата густина пред да одлебди кон страниците и да им додаде значење на книгите цврсто натискани една до друга на полиците. Зошто ова не е идеален свет? Книгите ќе беа бесплатни, или барем приближно еднакво вредни. Вака, мора да ги смета за луксуз и на секоја да ѝ ја проценува продажната вредност. Поезија! сега се кори себеси, гребејќи ги фосилизираните остатоци од книшки молец на насловната страница. Како не ја видела кружната кафена дамка на задната корица? Што ја натера да ја купи? Самата многу добро знае дека поезијата не се продава, особено самиздатите. Дали ја привлече корицата, нацртана со јаглен, скица на изгорено дрво со корењата в небо? Или, пак, звукот на авторовото презиме, Пепел? Вртејќи ги страниците кафени речиси како паднати дабови лисја, забележува стар возен билет, од оние кои со години веќе не се издаваат. Готова е да го фрли, но ја сопира чудна мисла: книгата патувала низ времето со овој билет, и можеби уште не стигнала до своето конечно одредиште. Уште колку далеку и долго ќе патува со овој билет? си мисли, враќајќи го билетот точно на место.
Во студеникавиот мрак на мугрите, додека продавачи од сите сорти ги поставуваа тезгите и се задеваа меѓу себе, ја привлече чувството во неколку песни и таа, без размислување, ја стави книгата во својот куфер. Внимание, сега се советува себеси. Биди повнимателна околу тоа што внесуваш во продавницата. Оваа работа изискува интуитивен осет за моментните вкусови и трендови, шесто сетило за книги кои минуваат од рака в рака. За да ја преживееш сегашната рецесија, мораш да бидеш стамена пред книгите кои плачат по сочувство. Одбегнувај го сожалувањето кое им нуди долготрајни засолништа на само-објавените автори. Удолницата кон банкротирањето е поплочена со добри намери. А оваа книга песни? Ќе си најде место меѓу етаблираните поети и ќе остане таму сè додека не биде повлечена и вратена на пазарот – болна, но неизбежна пракса изнудена од постојаниот недостаток од простор.
Пред три години, кога Соња ја најми празната зграда меѓу месарницата и банката (сега обете се празни), имаше само неколку продавници за половни книги во овој дел од градот и работата цутеше. На триесет години, откако седум години им предаваше англиски на адолесценти кои повеќе ги интересираше храната во МекДоналдс отколку зборовите на Магбет, даде отказ, зеде уште една хипотека на куќата која ја беше купила претходната година, и стана само-вработена. Токму промена ѝ требаше: искра во едноличниот живот. Незадоволна од подучувањето од самиот негов почеток, одлучно истрајуваше не во надеж дека нештата ќе се подобрат со унапредувања и со текот на годините (всушност, таа никогаш не конкурираше за одговорни позиции), туку повеќе поради тажната реалност во која не поседуваше други вештини или дарби. Освен задолжителните состаноци и средби во врска со недисциплинираните ученици, малку контактираше со другите наставници, претпочитајќи да го мине времето за ручек на својата катедра, надвисната над некој роман, или да шета по патеките меѓу брестовите во блискиот парк, со лицето скриено зад кориците на книгите. Којзнае, можеби ќе издржеше уште триесет години во тивка беда, ако со наближувањето на нејзиниот триесетти роденден не почнеше да ги чувствува ненадејните и спорадични напади на паника. Секој напад предизвикуваше прскот од бели ѕвезди кои се забиваа во нејзиното видно поле, а откако ќе се повлечеа, главоболката го забодуваше своето копје меѓу нејзините очи. Нападите кулминираа со чувство на истоштеност, така што самата помисла да ја спакува својата акт-чанта личеше на кошмар. Стрес, велеа нејзините пријатели. Би требало да оди на одмор, повеќе да излегува, да се запознае со некој кој ќе ја размрда. За Соња, одењето на одмор едноставно беше привремено бегство; што се однесуваше до мажите, таа го претпочиташе дружењето со книгите. И токму таму лежеше нејзиниот лек.
Една седмица по давањето отказ, паничните напади сопреа и таа се почувствува подготвена за нов живот. Темелна по природа, испита неколку предградија и трговски центри, ја испита демографијата на областа, зборуваше со дуќанџиите, и се смести во еднокатната зграда со голема соба во предниот дел, една помала одзади, со отворено огниште, и истакнати тули на внатрешните ѕидови. Сопственикот, Лав Симкин, беше седумдесет и четири годишен кројач чиј дуќан беше во близина, на истата улица. Откако се договорија околу условите за наем, Симкин на Соња ѝ даде неколку совети, зборувајќи со говорна мана. Во работата, најдобри пријатели ти се хартијата и пенкалото. Ѓаволската стапица е човечката уста. Црно на бело, рече тој, истурајќи го својот гнев кон претходниот кираџија, сметководител кого го обвиниле за проневера на парите од клиентите и го осудиле на четири години затвор, при што го оставил Симкин прилично осиромашен (но, за среќа, типот не ја запалил зградата во очаен обид да ги сокрие доказите за своите престапи).

2018-08-21T17:21:14+00:00 декември 15th, 2007|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 57|