Празниот модел и тажната кралица

/, Литература, Блесок бр. 13/Празниот модел и тажната кралица

Празниот модел и тажната кралица

Далеку би нè одвела историјата на инистирање врз методологијата, од една страна, и идеите за автономност на литературата, од друга страна – веднаш да ги издвоиме главните виновници за подемот и пропаста на проучувањето на книжевноста во овој век. Кога еднаш сосема се оддели од општествениот живот и од севкупноста на човековото изразување, тогаш кога стана предмет сама за себе, своето проучување книжевноста ѝ го довери на дисциплината којашто нема веќе вистински и целосен допир со сознанието за целината, чиј стил на мислење ја запоставува основната поука на грчкиот начин на мислење на кого идеалот за сеопфатноста му е поважен од ситникавата прецизност. Процесот на заборавање на мислењето за целината, за да се мисли на посебноста, се разбира, во дваесеттиот век е врзан за историјата на методолошките школи, на чиј почеток стои онаа којашто дефинитивно ја раскина врската меѓу човекот-творец и неговото дело, меѓу делото и општеството во кое тоа настанало и во кое се чита. Не е тешко да се претпостави – станува збор за т.н. руски формализам, со што ќе им се приближиме на романтичната иронија и тажната кралица, ветени на почетокот од овој текст.
Една од основните мисли на руските формалисти беше и таа дека книжевноста е уметност што користи отежната форма и го оживува читателовото внимание, ја обновува перцепцијата и прави да се види она што престанало да се забележува бидејќи се развиле навиките и автоматизмот, или „плускавци на душата“, како што сликовито вели Шкловски. Меѓутоа, отстранувањето на автоматизмот на перцепцијата многу малку кажува за она што се перцепира. Граѓата, темата, сето она за што се говори, е материјал што треба да се преобликува, а служи само за да го мотивира воведувањето на книжевните постапки, кои сега се главни јунаци на науката за книжевноста.
Колку што е скапоцено, толку и прилично наивно, увидувањето на смислата на уметничкото дело денес не е толку важно поради тоа што имаше исклучителен одек во мислата за книжевноста на дваесеттиот век, ами е важно бидејќи открива една состојба на однос меѓу книжевноста и општествениот свет, поточно потребата за тоа книжевноста да се оддалечи и да се осамостои, да се тргне од другите облици на симболичко изразување. Методолошки се прекинуваат врските со светот на животот во кој, да не заборавиме, токму една револуција ја наметна својата власт. Но, причините за да се избега од тоталитарното општество помалку зависат од обликот на идеологијата, а многу повеќе од нејзиниот вид, па така тоа не може да се земе како пресудна причина; зошто би се настојувало во теоријата на книжевноста да се побегне што подалеку од оваа тоталитарна идеологија, а што во претходните векови не било. Затоа, желбата за тоа книжевноста да се одвои од целината не е нужна, ниту наметната, туку посакувана, таа претставува израз на сфаќањето и местото на книжевноста во светот воопшто, таа е израз на духот на времето што бара таков раскин.
Меѓутоа, таквиот раскин, што се гледа на крајот од овој век, има многу кобни последици, од кои најважна е таа дека општеството најпосле го призна тој раскин, и тоа како за руските формалисти така за американските деконструкционисти, со што се затвори методолошкиот прстен на одвојувањето на книжевноста од општеството и од светот на животот. Сега не е прилика за тоа детално да го разгледаме, ниту посебно да се позанимаваме со идејата дека се чита заради читање, која одекнува на крајот од овој век како далечна последица од поетичката програма според која се пишува заради пишување. Доколку нè интересира судбината на љубовта и нејзиниот однос спрема книжевноста, од перспективата на книжевната теорија, тогаш треба да се утврди какви врски со љубовта има методологијата на книжевното проучување и дали прашањето на љубовта може да се претстави како решение на проблемот на методологијата.
Љубовниот роман по антиката имаше сјаен развој во барокот кога романескната проза сè уште беше книжевност во која се проследуваат згодите на вљубените. Нововековната проза започнува со раскин на барокниот роман, а токму таа поетичка одлика го привлече Виктор Шкловски, кому темата на љубовта, како што знаеме, му беше блиска на еден посебен творечки начин, за да го напише, за Дон Кихот и Тристрам Шенди, својот познат оглед за развивањето на сижето и за тоа како е создаден романот. Значи, што вели рускиот формализам за љубовта и поетиката со зборовите на Виктор Шкловски?
“Описот на среќната заемна љубов не ја создава новелата“, вели Шкловски, толкувајќи го градењето на расказите и романите од почетокот на дваесеттите години. А тогаш кога ја создава новелата, тоа е „само на заднината на описот на љубов со пречки“, вели тој замислувајќи дека отстранувањето на пречките се гледа како т.н. минус-постапка, значи како отклон од вообичаената норма, отсуство на она што е очекувано. За да постои новела, вели Шкловски во Воскресение на зборот, потребна е љубов со пречки. До оваа точка би се согласиле со него, бидејќи, навистина, сите љубовни приказни се раскази за љубовта, која мора да совлада многу предизвици. Таков е примерот, вели Шкловски, „А го сака Б, Б не го сака А: тогаш кога Б го засакува А, А веќе не го сака Б“, како што е тоа кај Пушкин во Евгениј Онегин. Ова е често цитирано место. Меѓутоа, тоа не укажува на љубов со пречки, ами на необична психологија на вљубувањето, од една страна, и всушност, на неуспешна љубов, од друга страна. Тоа не е модел на попречена љубов, значи на занес што кобната судбина го изведе на бојното поле на човековото страдање, со секаква па и со романтична трагика. Тоа е љубов којашто апсурдно избегнува некаков цинизам на недоразбирањето. Ако за новелата е неопходно љубовта да наиде на пречки, дали тоа значи дека сега е нужно и да остане нереализирана?

АвторАлександар Јерков
2018-08-21T17:22:05+00:00 март 1st, 2000|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 13|