Политиката и поетиката на Елен Сиксо

/, Литература, Блесок бр. 23/Политиката и поетиката на Елен Сиксо

Политиката и поетиката на Елен Сиксо

Многубројноста на задоволството

Сиксо вели, со својот пророшки глас: „Пишувајте самите. Мора да се слушне вашето тело.“ Сиксо мисли на сензуалните и сексуалните задоволства што треба да се напишат во женските текстови, но болките на телото и на пишувањето остануваат на маргините на нејзиното „учење“. Таа тврди дека женската сексуалност е општествено репресирана заедно со женското писмо (или уметничкото изразување, или артикулацијата на женското политичко и општествено ослободување). Сиксо тврди дека, бидејќи женското сексуално задоволство е ограничено во општеството низ историјата, треба да се врати и да се запише во писмото. Нејзините дела „Насмевката на Медуза“ и „Доаѓање до писмо“ се манифести на овој поетски и политички идеал на женското само-давање сила, а тие се истовремено и многу лични и интимни. Идејата е дека преку новото писмо, моето задоволство станува моја моќ. Во овие манифести, таа развива комплексни односи меѓу себе/телото/несвесното и говорот/писмото. Таа успешно избегнува дихотомии и создава l’écriture féminine како самостоен жанр. Би рекла дека во светот на деконстуирани опозиции на Сиксо, во кој зборовите имаат нови дефиниции, болката не отсуствува. Таа е присутна во борбата да се поврати задоволството и јазикот. А во еден момент, Сиксо дури и вели: „Длабока болка ми ги диктираше првите писма од пеколот.“
Понекогаш пишува во кратки реченици во второ лице, за да ја пренесе својата итна порака („Твоето тело мора да се слушне“). Друг пат нејзиниот текст станува тек на долги, густи реченици. Овие живи промени на ритмот и на тонот сугерираат интензитет на (внатрешното) животно искуство и означуваат врска меѓу писмото и телото, со дишење како во песна или во оргазам, или при породување. Во секој случај, се ослободува моќта во него.
„Влегувам во себе со затворени очи, и можеш да го прочиташ. Ова читање се изведува овде, од страна на битието-што-сака-да-се-роди, од страна на еден порив, нешто што сака по секоја цена да излезе, да се издиши, музика во грлово што сака да прозвучи, потреба на месото тогаш, што ми ги стега трахеите, сила што ми ги контрахира мускулите на матката и ми ја растегнува дијафрагмата како да раѓам низ грлото, или да свршувам. И не е исто“. (CTW, 520)
Текстовите на Сиксо можат да се читаат како утописки, тие можат да прозвучат како проповеди или претскажувања, тие можат да се читаат како филозофија, поезија или манифести. Сето ова е присутно во нејзиното писмо, нејзиното l’écriture féminine, преку играта со различните стилови, која исто е начин да се преминат границите. Иако ја нагласува важноста на пишувањето, таа е свесна дека дихотомијата на говорот/писмото5F која ја здобиваме со јазикот треба да се надмине, заедно со опозицијата тело/интелект. L’écriture féminine затоа треба да биде во контакт со звуците што ги правиме кога изговараме зборови, како во поезијата, и колку повеќе си играме со овие „звуци“, толку побликсу сме до песната. Сиксо се обидува и да ја надмине старата поделба меѓу свесното и несвесното: текстовите на Сиксо можат да бидат „песна на несвесното“ но политиката зад нив, како и стилот и формата, покажуваат колку (само)свесно е создадена таа песна. Зошто тогаш се одлучила за пишување, а не за музика или за говор? Од една причина: пишувањето е повидливо и потенцијално трајно: „Зборувањето (извикувањето, викањето, раскинувањето на воздухот, бесот ме донесе бескрајно до ова) не остава траги: може да зборувате – испарува, ушите се создадени за неслушање, гласовите се губат. Но пишувањето! Потпишува договор со времето. Ништо! Да ве забележат!!!“ (CTW, 15)

Либидалната економија и писателите

Концептот на Сиксо за либидалната економија не е без свои проблеми, особено ако сте сомничави, како што сум јас, во психоанализата, дали е тоа Фројд, Лакан, или феминистичка критичка ревизија на психоанализата. Сепак, тоа е предизвикувачки, комплексен концепт што има свои паралели и во литературната теорија.
Точката на пресек на теоријата на Сиксо и литературната историја е сфаќањето за пишувањето како скоро телесен потфат. Дури и во западната традиција на дуализмот, строгата поделба на телото и интелектот не била секогаш наметната кога се работело за уметиничката практика. Како што покажаа Сандра М. Гилберт (Sandra M. Gilbert) и Сузан Губар (Susan Gubar) во својата студија на литературата на 19 век, „Лудата на таванот“ (Madwoman in the Attick), уметничката практика, вклучувајќи го и пишувањето, често метафорички или скоро буквално се поврзува со сексуалноста – традиционално, со машката сексуалност. Во воведната глава на својата книга, Гилберт и Губар го поставуваат прашањето: „Дали пенкалото е метафорички пенис?“ Проблемот е дека метафората пенкало/пенис, според Гилберт и Губар не е неопходно за оправданата врска на задоволството на пишувањето со сексуалното задоволство, туку е повеќе за симболичната моќ над текстот слично на моќта на Таткото.
„Бидејќи тој е автор, ‘писмен човек’, тој истовремено како и неговиот божествен пар, е татко, господар или владетел, и сопственик: духовниот тип на патријарх, како што ние во западните општества го сфаќаме овој термин.“ (Gilbert & Gubar, Queens Looking Glass, 7). Во оваа шема, Губар и Гилберт наоѓаат дека претставата на жените е редуцирана на претстави или за ангели или за монструми што доаѓаат од имагинацијата на моќниот автор. Повторно, проблемот не е имагинацијата, туку реалноста зад неа, и фактот дека патријархалната идеја за авторот намерно работела против жените писатели, и, последователно, против поразновидни и поослободувачки претстави на женскоста. На крајот, се соочуваме со фактот дека западното литературно наследство е сиромашно кога се работи за женскоста, како што патријархатот зад него не се предава.
Како што Гилберт и Губар ја започнуваат својата студија од отсуството на „вистинската“ женскост во машките текстови на англиски, концептот на либидалната економија на Сиксо започнува со отсуството на женскоста во француската литературна теорија. Сиксо го забележува ова отсуство дури и во текстовите на жените (со неколку исклучоци, вклучувајќи и двајца писатели мажи). Сите може да се сложиме дека во западната литературна традиција, пречесто имало погрешни претстави за жените како ангели или монструми – одраз на репресијата на жените во општеството. Сиксо зборува скоро едногласно со Гилберт и Губар кога вели:
„Скоро целата историја на пишувањето е со-основана со историјата на разумот, и едновремено е нејзин ефект, поддршка, и едно од привилегираните алибија. Таа е едно со фалоцентричната традиција. Таа навистина е истиот само-воодушевувачки, само-стимулиран, само-честитачки фалоцентризам“. (Medusa. 249)
Важно е да се нагласи дека нема унифицирана категорија „жени“, но сепак во сета позната историја, има една работа што жената ја дели со сите жени: борбата, секојдневно и низ историјата, да го зачува својот интегритет и покрај губењето на своето „право на себеси“, своето право на креативност, и своето тело. Во процесот на собирањето на нејзините сили, една жена здобива знаење за нов вид економија, базиран на различни принципи од оние на фалоцентризмот што делува во рамнотежа меѓу подарокот и вратката. Сиксо оваа друга економија ја нарекува „женска либидална економија“. „Рамнотежата“ врз која е базирана машката либидална економија е илузија измислена да се оправда нерамнотежата на моќта и богатството. Женската либидална економија го отфрла фалоцентризмот, како со пркосна „логика“: ако е можно да се остане цел и покрај сè што им е одречено на жените, можно е да се биде „желбата-што-дава“: „Жената што повторно и повторно пристигнува не седи мирна; таа е насекаде, таа е желбата-што-дава“. Со многу претпазливост, Сиксо ја користи метафората: „мајка“. Свесна за улогата што општеството ја резервира за Мајката: да го пренесе патријархатот од една на друга генерација, Сиксо сака да го деконтаминира мајчиното млеко: тоа станува белото мастило со кое жените пишуваат, languelait, и нè носи во просторот на Подарокот.6F
За Сиксо, женскиот дар е секогаш како мајчиното млеко: тоа е добра размена, бидејќи вратката е во самиот подарок, во задоволството на давањето. „И пишувањето е млеко. Јас хранам. И како и сите што хранат, и јас се хранам. (…) Колку повеќе давате, толку повеќе добивате задоволство.“ (CTW, 49) А потоа прашува: „Како така да не го знаат тоа?“ Очиглено, „тие“ добиваат повеќе задоволство од нешто што е типично за фалоцентризмот: контролата. Машката либидална економија очекува вратка за подарокот: ќе дадам за да добијам повеќе. Тоа е калкулација: на крај, за да имам моќ, дури и таква моќ што е резултат на еден уметнички напор, другиот мора да остане немоќен. Желбата за контрола се манифестира во следниот концепт/дедукција: (1) писателот е „таткото“ на својот текст, како што (2) Бог е татко на светот, и како и Бог, (3) писателот го поседува и го контролира своето дело. Оваа позната литературна/политичка/теолошка/ економска аналогија ја открива машката западна традиција зад неа, во согласност со линеарното размислување и со идеалот на сопственоста и контролата. Проблемот е дека сите други традиции се опресирани до една многу критична точка.

Радикални промени

За среќа на сите нас, некои жени сфатија кои прототипови на женско писмо можат да ги најдат, вклучувајќи и некои машки излети од патријархатот, и тие започнуваат да шират еден свет на „ново бунтовно пишување“. Секој што си игра со l’écriture féminine, секој подготвен (среќен?) сосема да го отфрли патријархатот и да живее, се вклучува во истражување на комплексноста на себеси, со визија за интервенција. Во овој момент, сите опозиции се свртуваат едноставно кон разлики, вклучувајќи ги и родовите разлики и разликите што не стануваат основа за нови опозиции. Инвенцијата започнува со себе и со телото и се манифестира во пишувањето. Женскоста и сите нејзини аспекти се запишани во писмото.
Меѓутоа, тука е постојаното прашање на јазикот. Големо е прашањето дали навистина сме способни да ги избегнеме сите стапици на јазикот, дали сме способни да измислиме друга основа за јазикот, различна од фалоцентричната, а сепак да бидеме способни да постигнеме заемно разбирање во еден замислен (тековен?) период на транзиција. Во делото на Сиксо, тоа е клучно:
„Ако жената секогаш функционирала „во“ дискурсот на мажот, очначувач што секогаш се навраќа на спротиставениот означувач кој ја анулира неговата специфична енергија и ги намалува или ги задушува неговите многу различни звуци, време е таа да го дислоцира ова „во“, да го експлодира, да го сврти; и да го зграпчи“. (Medusa, 257)
Елен Сиксо измислила, а нејзините есеи тоа и го потврдуваат, јазик способен да премине граници, јазик што повеќе не признава граници. Оние граници што треба да се преминат стојат меѓу „теоретското/критичкото“ и „креативното“ пишување, меѓу културите и меѓу одделните јазици. Сиксо вели дека сите овие граници превенствено ја спречувале да пишува. „Сè во мене ги здружи силите да ми забрани да пишувам: историјата, мојата приказна, моето потекло, полот. Сè што го сочинуваше моето општествено и културно јас.“ (CTW, 12) Сиксо буквално измислува зборови: во нејзините вртоломни текстови се појавуваат неологизмот секој пат кога наследениот вокабулар ја изневерува. (на пр. хаосмос, Еврејожена, двутре, сексвинување, languelait).
Јазикот на експерименталното пишување, како оној на Сиксо, сигурно е нов јазик што очајно ни треба. Поезијата исто така може да биде безбедно прибежиште. Меѓутоа, на долг рок, криењето во прибежиштето на дискурсот по ваш избор од време на време не треба да значи занемарување на визијата на радикалните промени во општеството. На крај, знаењето и софистикацијата што ни овозможува да играме со јазикот на таков начин, е привилегија на една многу многу мала група луѓе распрскана во библиотеките и на академиите низ светот. Колку и да верувам во моќта на пишувањето, свесен сум дека се потребни многу текстови од одреден вид да дојде до промена. Овие текстови треба да бидат радикални во својот отпор на удобноста на упростената реалност на владеачките поделби и хиерархии. Дали ова е толку тешко? Се чини дека е потребен цел живот само за да се открие комплексноста на себеси. Во меѓувреме, се надеваме дека ослободувачката моќ на сиболичното l’écriture féminine може да ги засити сите напори во желбата да се промени, и дека никој нема да биде поштеден.
Човек може само да се сомнева и да се надева.

Превод од англиски: Елизабета Баковска

#b
5. Уште една бинарна опозиција.
6. И овде доаѓаме до важна фуснота… „Мајчино млеко“ е „бело мастило“ исто толку колку што „пенисот“ е пенкало. Ова се само метафори. Не значи дека писателот кој биолошки е способен за доење е спсобен и за l’écriture féminine. Не значи дека таа не може да пишува машки текстови. Исто така, не значи дека авторот маж може да внесува само машка либидална економија во своето писмо. На индивидуално ниво, многу општествени конвенции, како машко/женските опозиции се доведуваат во прашање, свесно или несвесно. Меѓутоа, во општата слика, и историски и сега, l’écriture féminine (и неговите прототипски варијанти) беше и с&еgrave; уште е пишувано од страна на жените и традиционалните машки писма беа/се повеќе од страна на мажи. Меѓутоа, с&еgrave; повеќе се чини дека границите меѓу старите поделби се поместуваат, како што забележале посмодерните и некои скорешни феминистички писатели. Верувам дека би било контрапродуктивно да се заборави што доведе до новите услови. Исто така, бидејќи старото е упорно, а апропријацијата се случува, како и познатиот повратен удар, нашата критика мора да остане остра.

АвторСнежана Жабиќ
2018-08-21T17:21:53+00:00 ноември 1st, 2001|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 23|