Ќе се збрчкаш, егзотично овошје ќе станеш

/, Блесок бр. 30/Ќе се збрчкаш, егзотично овошје ќе станеш

Ќе се збрчкаш, егзотично овошје ќе станеш

Убаво пееше, но животот не си го промени
Декамерон
Епилог
Ќе се збрчкаш, егзотично овошје ќе станеш
Природонаучниот музеј „Антипа“
„Непријател на народот“ – Љубовник на татковината!

Ја сечев и јас трската на твојата нежност
И јас бев во Каналот, и мене смртта
ми врвореше низ утробата
Ми шепотеше дека сум убав така пелтечав
и сакаше да ми ги рашири нозете
Ја мавнав со воловска лепешка

Се наведнав над неа и ја превртов
се струполив покрај еден ров
си ги исправ алиштата и се вратив
телефонскиот број да ѝ го кажам

А вечерта се повлеков во едно ќоше
и слушајќи го мрморењето и ’ркањето на другите
си се радував што Бог си го пуштил радиото
токму тука, покрај мене

Исправен те љубев татковино кога сечев дрва
Малку подгрбавен те љубев кога редев тули
за ќумезот во кој потоа лаев само за тебе

На колена те љубев и во лежечки став
Вртејќи се превртувајќи ги јорганите
и влечејќи те со мене по кината во маалото
Те милував сè дури плотта сама не ти ги
раскинуваше прерамките
Утробата ти излегуваше на видело и танцуваше врз екранот
А твоите воздишки ми лепеа оружја врз плеќите

Бев и во Боцвана и не се умираше ни таму толку лесно
Во Париз – ах, колку скитав низ Париз –
А утробата со која се врцкав се разлути и ми побегна
Во која земја сè не отидов и во секоја возбуда
Смртта ми го ставаше нејзиниот прст за плукање
врз вратот и врз вилицата
И сега, мојот ’рбет мојата половина
на твоите колкови сака за тоа да им раскажува

И како да излезам без тебе по Патот на победата
како да живеам без да те надувам во балон
и да те извишам над продавниците за месни производи
та од нивна милост живееме, нели
Над тие совети и над вирчињата
што ни пуштаа мед и млеко
Над масните дамки во супата
и над дворот на затворениците да те извишам
Над молитвеникот од кој ти читам
додека ти редиш сексуални органи врз сè што ме опкружува

Кога те нема како да ми недостига нешто
како да сум поразен, не постои никој друг достоен за куршум
Под моите прозорци никој повеќе
не си ја изложува тиквата со врат дсбар за свиткување
Животот ми е при крај чорапите ми се скинале
цигарата отскокнува право кај тебе
И те моли да ми свариш кафе
ама ти никако да го донесеш тоа кафе

Се соблекуваш а блузот одвај се слуша
Блузата си ја вадиш На купче ги редиш алиштата
И се јазиш врз нивната стрмнина
Се лизгаш танцуваш се зашеметуваш
Од петни жили сакаш да стигнеш во исто време како и јас
до моите највозвишени мисли

Таму кајшто никогаш нема да стигнеш
Таму кајшто стигаат само досадата
жалењето нежноста или гневот
Кајшто пиле не пее, а ветерот не дува
Таму кајшто се тресам завиткан во новинска хартија
Кашлам крварам и од кожата си читам
вести за тебе зборувајќи неповрзано
А ти, во облачето од муви си
што веќе брмчи околу мојата слава.

АвторДаниел Банулеску
2018-08-21T17:21:44+00:00 јануари 1st, 2003|Categories: Поезија, Блесок бр. 30|