Толку малку

Толку малку

Надеж
Песна за крајот на векот
Ars poetica?
Не повеќе
Толку малку
Значење
Царот Константин

Отсекогаш сум стремел кон некоја попространа форма
што би била слободна од тоа што се бара за поезија или проза
и би ни дала меѓу себе да се разбереме без да ги изложиме
авторот или читателот на возвишени агонии.

Во самата суштина на поезијата има нешто недолично:
се раѓа нешто што не сме знаеле дека сме го имале,
па трепкаме со очи, небаре скокнал некој тигар
и застанал на светло, мафтајќи со опашката.

Затоа за поезијата точно се вели дека е под диктат на некој демон,
иако е претерано да се тврди дека тој мора да е ангел.
Тешко е да се нагаѓа од кај е таа гордост кај поетите,
Штом толку често се изложени на срам од својата слабост.

Кој разумен човек би сакал да биде населен од демони,
што се однесуваат како да се дома, зборуваат на многу јазици,
а кога не се задоволни што му крадат од усните ил раката,
работат да му се промени судбината како што им годи?

Вистина е дека денес високо се вреднува она што е морбидно,
па може ќе помислите дека само се шегувам
или дека сум измислил уште еден начин
како да се пофали Уметноста со помош на иронија.

Беше едно време кога се читаа само мудри книги
како помош да си ја поднесеме маката и бедата.
А ова сега не е баш сосем исто како да вртиш страници
на илјадници дела ко штотуку од психијатриски клиники.

Па сепак светот е различен од оној како што изгледа
а ние сме поинакви од она како што се гледаме во бладања.
Затоа луѓето си ја чуваат тивката чесност,
со почитта заслужена од соседите и блиските.

Целта на поезијата е да нè потсети
колку е тешко да се остане само една личност,
зашто куќата ни е отворена, без клучеви на вратите,
па невидливи гости само влегуваат и излегуваат по волја.

Ова што го велам овде не е, се согласувам, поезија,
оти песните треба да се пишуваат ретко и неволно,
под неподнослива принуда и само со надежта
дека добри духови, а не зли, нè одбрале за свој инструмент.

Беркли, 1968

(Од англискиот превод на авторот и Лилиан Вале: Богомил Ѓузел)

АвторЧеслав Милош
2018-08-21T17:21:36+00:00 септември 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 38|