Спроти куќата на Спиноза

/, Блесок бр. 99/Спроти куќата на Спиноза

Спроти куќата на Спиноза

Спроти куќата на Спиноза
Дете на судбината
Хиџра "92.
Рамонси на ѕидот на спалната за Мајда
Педесеттите По Адам Загајевски

татко ми и татко му
брзаат по калдармата
в град на натпревар.

наоколу расплината топлина.
штурците стружат во смреките,
во тревата блескаат стаклести скакулци…

Медитеранот
каков што беше некогаш,

сѐ уште е тука.

малку понасевер
сонцето им ги кине воздушните круни на робијашите
и ги разлачува

во потта на белите поткошули
носталгично ударнички распеани
сѐ таму

до сивите малтешки пристаништа
и ледените врвови
на алтаските гори на исток.

некаде зад Жировница
дедо полека како стар гуштер
го собира сувото испукано чело

и мижурка
оти го стегаат тесните чевли,
тој проклет пар обувки

што го дели со првиот братучед
алатничарот
кој од правливата работилница на хидроцентралата

опсесивно отуѓува
’рѓосани клешти и челични чивии
(иако ни самиот не знае шо ќе му се!)

истовремено
во салонот на Дедиње
Тито се шегува со другарите од ЦК

додека ја проба новата, пониклувана,
како пиштол изгланцана
стругарска машина.

со издолжени лица
и вдлабнати образи
поколенијата низ земјата го градат социјализмот

кој полека но доследно
како капки витриол
ги разградува.

но во татковата глава
светот – проѕирна медуза
плута и бабри недоречен

додека тој сонува
за нов мотор DKW
црн и сјаен

како штиклите на Силвана Мањано
и моќен
како црната мантија на отец Јерко.

во мислите
— не можам да престанам –
непрестано бдеам над тоа момче

оти знам
дека пред него е далечен
и неизвесен пат.

би му кажал да се опушти
и дека сѐ кога-тогаш ќе си дојде на место,
или барем на моево.

ама едноставно
не ми оди од рака:
можеби токму затоа

оти сѐ уште немам ни раце,
оти ни мене ме нема во доволна мерка,
оти не сум – тука.

2018-08-21T17:20:42+00:00 ноември 9th, 2014|Categories: Поезија, Блесок бр. 99|