Слобода

Слобода

слобода
4. земја. црвено.
погледите ни се бездомни
телото памти сѐ
напуштање на храмот
(празен)
граница
куќичка за птици-преселници
дом
знаци

моето лево рамо
е лулашката
од твојот сон

во неа го преспиваш
утринското молчење на старците
што пијат кафе по терасите

солитерот ни го затскрива
сонцето
или нас нѐ сокрива од него

стапалата
отсокриени се гушкаат
на дното од креветот

прозорецот ширум отворен
голтнал партал небо
распарано од
среќа избројана до десет

во аголот
пајак-бродоломник
крои планови
за нов дом

нашиот е
куќичка за птици-преселници

ние сме
бротче од хартија среде потоп
кое копнее
по копно

2018-08-21T17:22:00+00:00 ноември 2nd, 2000|Categories: Поезија, Блесок бр. 98|