Поезија – Лилјана Дирјан

/, Литература, Блесок бр. 141/Поезија – Лилјана Дирјан

Поезија – Лилјана Дирјан

Мојот човек
Бродолом
Концерт за мирис и оркестар
Каирско такси
Рабови


КОНЦЕРТ ЗА  МИРИС И ОРКЕСТАР

 

Мајка ми
кога нè вика на ручек в недела
таа подготвува
концерт за мирис и оркестар
сè се разликува
во нејзината кујна 3 на 4
пеат тенџерињата паѓаат капаците
плитките и длабоките чинии тропаат
солта и шеќерот врнат
белиот чаршаф со белиот вез е негибнат
лажиците, виљушките и ножевите се штимаат
штицата за сечкање воздивнува, кромидот солзи
аванот со каранфилчето, ванилата и морското оревче
пека за Азија
пее и чешмата
ринглите се тимпани
рерната е топлиот стомак на кујната
родното место на лебот
тој расте и се прелева
супата е полна со моркови и керевис
и саксиите на прозорецот степуваат
па и малото филџанче
последно од бившиот сервис од нејзината скромна свадба
блеска со жива жолчка
и весникот на кој се суши сечканиот магдонос шумоли
и татко ми гледа ту во мајка ми ту во своето сеќавање
кога таа се качува по скалите пред него и се смее задишана
а мирисаат и штотуку печените црвени пиперки
крај е на летото 2005
и тие се соблекуваат (прават стриптиз) од лушпите
а мајка ми
некако е ведра некако спокојна
зад неа на полицата е апаратот за притисок
и картонската кутија за чевли полна со лекови
би запеала посипувајќи ги ванилиците со шеќер во прав
би запеала
а и јас со неа

АвторЛилјана Дирјан
2022-01-04T17:30:21+00:00 јануари 3rd, 2022|Categories: Поезија, Литература, Блесок бр. 141|