Патот на срцето

/, Блесок бр. 54/Патот на срцето

Патот на срцето

на мајка ми

Кога би можела да објаснам што значи врската меѓу овие зборови
Би се нашла себеси

Себеси самата со големина на сусамово семе
Сина прашина посрамена од вечноста

Дали е време да почнам да зборувам?

Јазикот во линија со бели рози
Затвори ги очите, само така ќе видиш

Ружините грмушки летаат назад кон својата татковина
Пливај низ својата солза кон другиот брег

Што е загубено, а што најдено?

Стоевме среде толпата која не можевме ни да ја именуваме
Светлината ни се предаде и нè поведе кон реката

Реката беше како наметка, која еден од нас ја облече
Го одразуваше сонцето и месечевата светлина

Ти ја давам оваа река
Ти ја давам оваа река за да знаеш дека една капка значи сè

Кога го забележуваш детаљот, целото ти бега
Кога го зграпчуваш целото, му робуваш на детаљот

Затоа внимателно треба да го отфрлаш небитното
Затоа од вишокот треба да го одделиш потресното

Млада месечина тетовирана врз босо стапало
Стапала, кои се болка

Мавтаат, стануваат нетрпеливи, чекаат да потрчаат кон некого
Знаат ли кон кого да потрчаат?

Постојано чекориме не напуштајќи ги нашите куќи
Минуваме илјадници милји без поместување

Кој ова може да го поучи?

Знаеш ли колку дождовни капки паѓаат на земјата?
Знаеш ли колку зрна песок прават пустина?

Множеството содржи единственост
Единственост, која води кон непознатото

Непознатото не ограничува, тоа го открива важното:

Љубовта се лебеди кои се одѕиваат на звукот на твоите крици
Љубовта е елен кој се приближува кон болничкиот прозорец

Кога ништо не очекуваме, сè доаѓа кон нас:
Дрвјата, цвеќето, тревата, животните, камењата, сè со звуци, бои и мирис

Го изговарав твоето име
Секогаш кога се двоумев што е следно

Го кажав твоето омилено годишно време
Птиците се појавија

Птиците се нашиот план за пат

Кружат над местото кон кое одиме
Кружат над местото од кое доаѓаме

Ден за ден учам прецизност и грижа
Прецизност која не е педантерија

Прецизност која е слобода
Грижа која е ослободеност

Кога одиме никаде, опседнати со себе
Кога одиме, само одејќи

Каде да се тргне за да се најде значењето
Каде рибарите на соништата ги врзуваат своите проѕирни бродови
А тиркизното око на морето бесно демне

Каде да се тргне за да се најде директноста и погледот
Каде, помирени со очигледното
Ги отвораат дланките полни ветувања и завети

Како да се дофати повлеченоста
Каде светлината се навалува да ги земе остатоците од мракот

Како да се прифати беспомошноста
Каде можам да те сретнам

Каде бездната го обрабува светот
Каде универзумот е отсечка

И да се каже: носам толку малку, мојата верба во невозможното

Клучот е во зајдисонцата
Кога природата накусо се примирува

Поставување на постојаното прашање: веруваш ли?
Намерно ти го враќа самракот

Клучот си ти самиот

Пишува низ
Јас пишувам низ тебе

Да те довикам
Да те дошепнам

Да ја измерам оддалеченоста од тебе со еден ред
Како би изгледал таков цртеж?

Надворешноста е твојот внатрешен здив
Го опфаќаш светот со една воздишка

Порта се отвора во просторот
Влезот започнува во срцето

Во просторот има таен премин
Твоето срце е клучот

Размисли, како можеш да влезеш?
Случајно или неодминливо?

Каде води овој пат?

Простор до простор
Кој е вистинскиот?

Седнува меко врз планетите на настаните
Ги кошка за да продолжат со отворањето

Прво, имаше срце
По еден миг и поле

Нежно летало се ронеше околу тебе
Бескрајност одделена од своите граници

Зад портата секој лист има име
А секоја тревка е патен знак

Јазикот на ветрот станува толку едноставен
Разговорот звучи како молитва

Кој го претвори копнежот во танц?
Кој го замени умот со срце?
Кој ја замени љубовта со пат?

Во далечината, проѕирно тело стуткано спроти празнината

Во кој ден на земјата универзумот си го скрил срцето?
Во кој ден на земјата допирот на светот се претвора во насмев?

На половина пат битка нè обзема
Битка меѓу две сенки на еден ум

Битката го проголтува целото тело
Расчеречено помеѓу копнежот и недостигот

Го влечеме тоа тело зад нас
Како некој кого мораме да го научиме ослободеност

Го шетаме на каиш од навика
Како дивите животни кои се обидуваме да ги скротиме

Нашите тела се возила во кои патува универзумот
Тела, овие костуми кои ги носиме како изведувачи

Зграпчував предмети без облик
Имајќи го нематеријалното за одговор

Те барав во прекрасната земја на настани
Божем материјата би можела да ја посведочи вистината

Барав насмев меѓу многу лица
Наоѓајќи само изабени мудреци и досадени благороднички.

Ја барав онаа една реченица која ми ја врати

Сè уште можам да чујам како чекориш
Секој ден ја слушам музиката на твоите стапала

Онолку често колку што мислиш на себе
Мислиш и на мене

Ако се најдеш соочен со светлината
Скриј го стравот зад тигарската кожа и скокни

Ако видиш ѕвезда која паѓа
Пресечи го воздухот на половинки и подели се себеси со некого

Ако смееш, излези да се запознаеш себеси
Облаците ќе ти бидат едреник

Ако
Па што ако
Ако го слушаш дождот
Ќе ми одговориш со музиката на тишината

Ги прифаќаме паднатите ѕвезди па сјаат врз твоите прсти
Прстени сонувани од водните самовили

Ги прифаќаме бездомните зборови кои не можеме да ги запишеме
Ги храниме со соништа за неискажливото

Ги прифаќаме патиштата сираци и ги учиме историја
Оставајќи ги зад себе аквамаринските сенки на тополите

Мапи како збрчкано лице на старец
На која мапа е нацртан вистинскиот пат?

Можеби зборот „Патување“ ќе го најде патот
Можеби без напуштање на куќата ќе си го најдеш патот.

Подарокот е изговорен и именуван со боите на божилакот
Меѓу боите има едно место на кое очите примаат болскот

Се сеќаваш ли на најважниот разговор во својот живот?

Колку долго траеше?
Колку зборови содржеше?

Се крена од времето

Ги покажа симултаноста на минатото и иднината
Една тривијална минливост опишана до последниот детаљ
Далечината и приближноста имаа исто чувство на исполнетост
Камењата и карпите беа жешки и нежни како месо

И јас немав потреба за кого било
И ништо не беше доволно

Тој се крена од повикот на срцето
Од мигот кога еден крик здоболе како тишина
Црните дрва наоколу беа како првиот ред од света книга
Ветрот ја поврати својата земна димензија
Кога под моите нозе целиот универзум се заниша

И станав исповед
И станав одговор
И те погледнав

Тој се крена од просторот
Ги распарчи овде и сега
Ја замени реалноста со себеси
Бесен од површноста и неуспехот
Во еден миг беше сè што постои на светот

А само тој миг во мене гореше како острица

Созреав во слики кои не ги разбирам
Излегов да ги сретнам зборовите кои останаа тишина

Твоето лице
Можам ли да го запомнам твоето лице?

Зборовите не ќе се доволни за овој опис
Суштинското е чувство без ограничувања

Те преведувам на многу начини
Но ниеден не е соодветен

Парче по парче ми го враќаш загубеното
Таа реалност со која е полесно да се биде

Во што се разликува реалноста од илузијата?

Гледаше во страницава толку долго
Што мојата сенка остана врз неа

Забележа ли? Забележа ли?

Јас забележав дека она кое е над нас почива во нас
Синхронизирано

Станувајќи свесен за вистината, која човек треба да ја отфрли на самиот почеток
Ова е единствениот начин да се остане крај безграничното

Кои зборови ќе ми ги кажеш?
Кои зборови ќе ми ги покажат патот?

Кои зборови?

Зборови?

Краков, есента 2003

Од англискиот превод на Катарина Јакубијак : Игор Исаковски

АвторЕва Зоненберг
2018-08-21T17:21:17+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Поезија, Блесок бр. 54|