ти пишувам писма
од длабочината на ноќта:
мирисаат печива и октани,
мирисаат спомени и мраз.
ти пишувам
од сржта на тишината:
полека се прикрадувам,
полека лизгам кон работ.
(добро е, мила моја, сè е добро.)
ти пишувам писма
од срцевината на тивкиот
џигер: капки крв и остатоци
од солзи – вител што ме зема.
ти пишувам небаре неписмен,
ти пишувам тивко и крцкаво,
ти пишувам во танц а склопчен,
ти пишувам за да не рипнам.
(добро е, сону мој, само мирно спиј.)