Мотоцикл паркиран под ѕвездите

/, Блесок бр. 86/Мотоцикл паркиран под ѕвездите

Мотоцикл паркиран под ѕвездите

Ништо за техниката за преживување
Љубовта си отиде…
Мотоцикл паркиран под ѕвездите
Ох, Натали…

Кога бев многу помлад се вљубив во Натали Вуд
(дури и сега мислам дека од сите актерки
најмногу таа ја заслужува мојата љубов)
Заслужувам добра оценка
што не се заљубив во Б.Б. или не дај боже во Мерлин.
Не ме долета таква срамота.

Но да се сака Натали Вуд беше чест.
Ја љубев Натали Вуд,
шетајќи се навечер околу Тунари – Доробанци – Дионизиј Волкот,
ја држев преку рамо, а таа мене околу струкот
Особено наесен беше многу убаво.
Не ѝ беше гајле што сум во ученичка униформа.
„Мирча, ми велеше, Мирча,
чудесен си,
ти си сѐ што може да посака една интелектуалка.“
„И ти маченце си чудесна“.
Лунѕавме низ свенати лисје, никој не нè разбираше,
бевме премногу чувствителни, премногу различни…
„Натали, ѝ велев,
ох Натали, Натали, Натали,
колку убаво име имаш… знаеш, Натали,
сега сум никој и ништо
а ти си славна, зад тебе стои цела филмографија,
ама ќе се трудам, Натали, и ќе видиш,
ќе заработам пари…“

А есенските вечери беа толку тажни
и големите очи на мојата убавица толку длабоки…
Потоа фати да снежи
и трамваите фрлаа зелени искри во допирот со влажните жици.
Минаа години,
имав веќе слава, пари и жени,
објавував и во Париз и во Чикаго,
одев и во Кантемир, но само од навика, од сентименталност.
Навечер ме чекаше Натали
пред портата на гимназијата, во нејзиниот минијатурен Порше
со кого се возевме многу бавно по улицата на Пророкот, на капларот Тронча
и повторно по Иднината.
Се сеќавам дека една вечер
ја запре колата крај тротоарот,
си запали цигара во мракот и со нејзиниот сензуален глас
(но тогаш сепак зарипнат и очаен)
ми призна дека ме изневерила со некој маж.
„Мирча, морав, морав да ти кажам,
инаку не би можеле да продолжиме вака. Знаеш,
ни за миг не посакав да легнам со Роберт,
но толку инсистираше… русокосите мажи се ужас..
Но верувај ми Мирча, верувај ми дека нема подобар од тебе…“
Ѝ простив.
Она што не ѝ се простува на расипана,
ѝ се простува на супериорна жена.
„Изневери ме со дело, не со мисла“, толку ѝ реков.
Потоа заминав во војска.
Кај Кристи Теодореску речиси секоја седмица доаѓаше Даниела.
Кај Меро неговата денешна жена.
Дури и на Ромулус му дојде некој.
Натали не ме посети никогаш.
Во неделите стоев како шутрак кај портирницата
и гледав како другите си ги бакнуваат саканите,
како им ги стискаат дланките врз масата…
Дури го чистевме оружјето го прелетував набрзина „Синема“
и сечев сè што беше за неа, за Неа.

Десет години не знаев што е со неа. Животот нè раздели.
Ама пред некоја недела, барајќи грамофонски плочи
кого да видам во „Кристалната плоча“ на Липскани?
Натали, Натали беше повторно во Романија!
Ама колку остарена… Не сакав да ѝ се јавам
и си заминав пред да ме види
(надвор ја чекаше бледоликиот Роберт, со Кадилакот)
Не, подгреаните супи не се добри.
Не, Натали,
сама избра, сега врви си по патот.

А сепак зошто кога се вратив во вилата
сите 17 соби ми се чинеа празни?
Низ заледениот прозорец со часови го гледав базенот
во кој лебдеше еден мртов лист …

АвторМирча Картареску
2018-08-21T17:20:52+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 86|