Мотоцикл паркиран под ѕвездите

/, Блесок бр. 86/Мотоцикл паркиран под ѕвездите

Мотоцикл паркиран под ѕвездите

Ништо за техниката за преживување
Љубовта си отиде…
Мотоцикл паркиран под ѕвездите
Ох, Натали…

јас сум мотоцикл паркиран под ѕвездите крај излогот на сервисот за поправка на телевизори.
од пасажот бие провев. блед сум. ослабен.
во сервисот е оставено запалено светло, па матно светкаат двете катодни цевки,
саксиите со шпаргли и кактуси, полиците во ќошињата нагнетени со куќишта од телевизори,
касетите АГФА и каблите
и ми ја населуваат самотијата зашто се чувствувам осамен.
во моето огледало ретровизорите ројат галаксии,
ѕвездите се замаглуваат во глобусни роеви, радио брановите си го препраќаат збивтањето
сите се оддалечуваат бегајќи како криминалци од местото на злосторството
оставајќи вирче крв зад себе.

каква тишина. понекогаш се прашувам
што значи да водиш љубов. зашто тие зборуваат само за тоа. секоја сабота ме јавнуваат
и ме влечкаат по патишта. гледам ридови, облаци, сонце,
дождовни капки, стебла заплеткани во виножито…
ох, моите цилиндри лудо тропаат. тогаш дури и чувствувам дека живеам.
тие влегуваат во мотелот и водат љубов.
господари се и се чувствуваат слободни.
ама како некој може да е слободен кога е создаден од клетки?
.. и потоа пак во пасажот. крај некоја дачија покриена со прав.

Ожеднев од љубов. кога би можел да љубам барем некој штекер со продолжен кабел
од овој излог.
би ги лизгал прстите по неговата кожа од бела пластика, кога тој би сакал
и кога јас би имал прсти. кога би можел да живеам
барем во биоелектричното поле на кактусот…
а наскоро, наскоро ќе умрам, а не направив ништо на овој свет,
ќе ме фрлат во старо железо
или ќе ми го скршат фарот и прегорената светилка ќе висне на две жички.
цел живот им помагав на другите да водат љубов
а јас ќе издивнам среде навртки магнети и магарешко трње.

јас сум мотоцикл паркиран под ѕвездите.
изутрина пак ќе ме јавнат или ќе ми го свиткаат вратот или ќе ме одвлечкаат
повторно по асфалтот со шари, среде црвенкасти ридови, среде синкави планини,
среде низини испресечени со реки
во железнички премини, по кристални провинциски гратчиња
спроти ветрот под дождовните капки и издувните гасови
голтајќи километри.
дали тоа значи да водиш љубов?
како и да е, тоа е мојата утеха, мојата професија, мојата љубов.
затоа вреди да бидам сам.

АвторМирча Картареску
2018-08-21T17:20:52+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 86|