Мотоцикл паркиран под ѕвездите

/, Блесок бр. 86/Мотоцикл паркиран под ѕвездите

Мотоцикл паркиран под ѕвездите

Ништо за техниката за преживување
Љубовта си отиде…
Мотоцикл паркиран под ѕвездите
Ох, Натали…

80 спрема 81, мизерна зима,
лепливи потоци кафиња, запалки, “dire straits”, кружоци, чаши,
а ноќе вирови од болно желе: лица, колкови и брборење
и понекогаш поглед низ прозорецот кон сообраќајот заглавен во снегот,
ама еве го и сонцето! нѐ сфати ли најпосле пролетта?
на пазарот во букур обор прозорците блескаат, а улицата колентина е жолта,
асфалтот смрди попримамливо од кога било на мрморци, во бензинот има ѕуници,
во албанското масло – сардини, а жените и ученичките
презриво гледаат во излогот со метални и домаќински апарати.
потаму дрвјата распупеле по дворовите
патоказите сега личат на свиткани весници
божем ’рѓосани гулаби. а сонце со својата моќ ги осветлува
сите тие фабрики, кули за вода, училишта, гробишта…

– а јас? и јас учествувам во сеопштата веселба.
еве како: се симнав од автобусот 109 една станица порано
и заакав по тревата крај патот.
дампери, влечни возила, камиони тропајќи со своите табли
угоре и удолу, натоварени со цевки, вреќи и градежен материјал,
трамваите се лизгаа како во сон…
па седнав врз плочникот и се загледав во тревата што блескаше.
глеј, една оса налегната во правта,
целофанче од млечен бонбон,
лебарка со скршен оклоп. што сè се случува кога бегаш
околу страк трева во уплав од развигорот што дувка
од прозорците на фабриката за жица.
сино небо, сонце, испреплетени сенки, звуци на ауспух,
позлатени трамвајски шини, зелена трева, црви, бубалки…
би посакале ли нешто повеќе Тао и Бодисатва?

Ридот врви угоре сосе столбовите, куќите, лимузините, патеките,
јас не љубев повеќе никого…
најпосле станав. некој сакаше да го паркира камионот.
стоев и ги гледав:
– Притисни појако!
Ајде, ајде, ајде, ајде…
Уште малку … уште, уште, уште, уште, уште…
Стој! Малку налево… така!
Ајде, може… уште малку, уште малку…
Толку!
Стоп!
Тоа е тоа.

Сонцето пловеше во небесната слава.

АвторМирча Картареску
2018-08-21T17:20:52+00:00 ноември 6th, 2012|Categories: Поезија, Блесок бр. 86|