Левијатан: Бел кит

/, Блесок бр. 10-11/Левијатан: Бел кит

Левијатан: Бел кит

Левијатан: Бел кит – пофалба -
Поетика на смешното – инвокација -

1. Грозна смеа

Опеј ја, Божице, дарбата за светогрдие
за иноказание, за смеа грозна низ плач и жолч
изречи ја славно на смртниците поругата,
подбивот и јамбот, отровниот рев

шегата пој ја на раЃањето и смртта
маската, порокот и гревот

опиши го, Вечна, на киклопот кикотот
кркорот на крвта
во обрач од стих завиено и сласно
растури го кругот, барутот, чаурата
со метар а безмерно смерно
во речта магично обратена*,
со очи на тилот
во стар образ, а со друга вера
– кој прв спомна на Бога Име
небаре Ќе го снема ако не има
во времето знак
да биде освен вера, завера
освен пат и бездна
отсутен а присутен
по севезден ѕвезден? –

*Умберто Еко во Име руже (Загреб, ГЗХ 1984; 271) говори за „таинствената мудрост поради којашто различни појави можат да се именуваат со слични зборови, а Божјите ствари да се означат со овоземски називи“.

2. Од збор до зло-дело

Се згрозив, Бела Троице*
живата реч ја сведов на зашеметен шум
зелен страв и црн смев
иронија
алегорија
карикатура
убавото го нагрдив

оти видов
на секоја педа од домот мој
похота по туѓ имот
стрвност по стихијност

ставање рецки на почеток и крај
во историјата
(за да може да се викне „мое“
и да се потегне!)

оти видов
луѓе се насладуваат во јадот на ближниот
се ситат ненаситно
еда просто ситење својствено човеку
створу божјему, ѕверу, укору!

оти очите ми претекоа од гледање
зборот ми се преврте наопаку
– опак камшик
очи-гледен!

* Роберт Гревс, Златно руно, (Београд, Просвета 1966). Гревс наведува повеќе имиња на и инкарнации на Тројната Божица: Древната, Света, Бела, Неисказива, Бесмртна, Вечна…

3. Парадокс

Ако „Бог ја знае мерата“ на бесмртноста
и на злото кое „расте и зрее“*
тогаш нека гугне
зошто
бројките се зголемуваат
а бесконечното се наближува
кога – о, парадокси! –
„секој ден се повеЌе сме во загуба“**

нека објасни
– богат со средства и начини –
кој ги благослови човекомрсците
та в оган фрлаат си диво и живо

да му се сотре семето на семејниот
Матери?

* Фридрих Хелдерлин, цитат од елегијата „Враќање“, Крух и вино, Сплит, Логос 1985: 23.
** Меша Селимовиќ, Дервишот и смртта.

4. Трагикомедија

Оживи ја, словесно и складно
блажената насмевка, дамна исчезната
во истиот овој театар, Вишна Ведо

зашто нема спокој спознавачки
ни комичен ни трагичен
помор кајшто има, кобна кома

зашто комедијата не ја спасува земјата*
погром кајшто има

,,зашто немам надеж, зашто надеж нема”**
да се врати мирот, таму кајшто култ е
на истребувањето слободата
таму кајшто омразата збувнува
како шумски пожар
на планински ветер и
вражји Уууххх

а нам ни треба смисла за стварност
и како да ја издржиме,
Божице!

* Алузија на Аристофановата комедија Жаби, пишувана „за да се спаси Атина“, издание на Матица српска, Београд 1978: 93.
** Томас Стернс Елиот, „Чиста среда“, цит. според Изабране песме, Београд, Рад 1977: 69.

АвторКатица Ќулавкова
2018-08-21T17:22:07+00:00 октомври 1st, 1999|Categories: Поезија, Блесок бр. 10-11|