Куќа од јазик

/, Блесок бр. 50/Куќа од јазик

Куќа од јазик

Одново градам куќа
Јас други браќа освен поетите немам
Останав ли без јазик
Нè делат ли мртвите од живите
Истите песни, некогаш, ги читавме
Песната беше, и остана, твојот единствен дом, Марина Цветаева
Книги – ангели, домашни божества

Песната беше, и остана, твојот единствен дом,
Марина Цветаева! Тоа денес го знам посигурно
отколку кога било порано, и самиот бездомен, сеќавајќи се,
како и ти, некогаш, на остриот вкус на дамна загризаниот
плод, од крошната од далечната родина и уште
подалечното детство. Во време кое, по
количеството зло и несреќа, толку личи на твоето,
што е одвишно да се споменува дека хистеријата на историјата
се повторува. И самиот во годините, во кои ти,
долго за тоа одлучувајќи се, конечно, на прагот
на педесеттите, го напушти светот. Чувствувајќи ја сè уште
незгаснатата топлина на јазолот на јажето кое, посилно
од рацете на кој било љубовник, ти го прегрна вратот.
Сочувствувајќи со она што, страсна и
разбушавена, сета од вид и слух, од сребро
и искрење, ти се случувало на мрачните патишта низ
животот и на патот низ свежиот снег на хартијата. Заблесната
од нејзината белина. Опиена од музиката на сферите која,
налик слапови светлина, се преточуваше во твојот стих.
Раздвоен, како ти што си била раздвоена, од
своите најблиски, од кои нè раздвои животот,
на начин на кој, подедналво сурово, раздвојува
само смртта. Животот, кој, своеглава од мали
нозе, а исправена и во најсиланата бура и пребогата
со непроценливо азно дарба, те изложувал на искушенијата
на немаштијата и човечката суета. На неразбирање
и дома и во туѓина. На понижување. На ужас и
очај. Животот, кој, ни крива ни должна,
немилосрдно те казнувал. Те шибал за секоја радост
и за секоја грешна смеа. Со телото свое
и со плодовите на утробата своја, кои гниеја во
логори и гинеа по фронтови, скапо ја плаќаше
секоја своја рима. За неизлечивата несоница и
тешкиот глад и да не зборувам. Како ни за
неподносливата самотија, која се подразбира.
Како што се подразбира твојата љубов, која
не ја криеше. Твојот пркос и твојата борба со времето
и судбината. А смртта, прерано, те раздвоила
од мајката, потоа и од таткото и од мажот, како што
и тебе, исто прерано, те раздвоила од твоите деца.
Или, сите нас, конечно, нè собрала во, дотогаш, никогаш
стекнатиот дом. Ако за дом на осудените на емигрантски
перон воопшто може да стане збор! За домот на оние
кои, како и на тебе, која одбиваше со волците
да завиваш, секој дом, и во бегалство и во
повратништво, им беше туѓ. А работната маса, како, на
крајот, на секој поет, ти беше вистинската татковина.
Крај неа бдеејќи го испишуваше својот тестамент.
Песните свои, кои раснеле, како што самата
велеше, како ѕвезди и како ружи. Верувајќи,
и покрај сè, дека ќе дојде нивното време,
како што доаѓа време за секое добро вино.
Им пишуваше писма на Пастернак и на Рилке… Писма кои
ги читам како да ми се упатени и мене, како што се сите
мои писма упатени и до тебе. На тебе, чија душа
од раѓањето е крилеста и која, до смрт уморна,
возот на животот ја однесе во несмртност. На која никој
не ѝ беше на закопот и за која не се знае каде е
погребана. Која, во животот, си имала, како што
и после смртта имаш: сè и ништо. Зашто песната
беше, и остана, твојот единствен дом, Марина
Цветаева! Твој дом и твој гроб, истовремено.
Твоја вечна куќа. Куќа во која влегувам како во своја.
Без чукање.

2018-08-21T17:21:23+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Поезија, Блесок бр. 50|