Куќа од јазик

/, Блесок бр. 50/Куќа од јазик

Куќа од јазик

Одново градам куќа
Јас други браќа освен поетите немам
Останав ли без јазик
Нè делат ли мртвите од живите
Истите песни, некогаш, ги читавме
Песната беше, и остана, твојот единствен дом, Марина Цветаева
Книги – ангели, домашни божества

Јас други браќа освен поетите немам. Освен оние
со кои го делам доброто и злото на овој свет.
Ретките радости и неизлечивите таги. Болката своја
и болката на другиот. Човечкото патило и несоницата. Освен
мајсторите, кои ја тајат својата вештина и учениците
нивни, уште повешти. Ковачите на лажни, а
од злато повредни златници. Оние кои се
смешкаат со солза во окото. Кои ги опејуваат
невидените и со чии книги, на градите или
припиени до вжарениот образ, спијат мнозина
кои никогаш нема да ги сретнат и видат. Кои
се предвесници на страста, рицари на копнежот, никогаш
израснати момчиња… Јас други браќа освен поетите
немам. Освен оние кои го палат и гаснат светлото во општиот
мрак. Кои водат и заведуваат, самите не знаејќи
каде се запатиле. Кои пљачкосуваат за да даруваат.
Кои се борат со двоглавиот аждер на нежноста и
грубоста во себе. Недопирливи, а ранливи.
Бледолики, а крвави под кожата, како секој човек.
Подобри и полоши од секој човек. Жрвти и злосторници,
истовремено. Темни ангели на уништувањето и самоуништувањето.
Желни за слава и власт, кои исмејуваат. Примери за
доблест и водачи на сите гниди. Кои умираат и
додека се живи, а живеат и после смртта.

2018-08-21T17:21:23+00:00 октомври 7th, 2006|Categories: Поезија, Блесок бр. 50|