Избрани песни од „Музика и скорбут“

/, Блесок бр. 46/Избрани песни од „Музика и скорбут“

Избрани песни од „Музика и скорбут“

Музика
Бои
Орфеј
Релативитет (омаж на Морис Корнелиус Ешер)
Боже?
Елка
Аеродинамика

Ова треперење е како стакло од Венеција.
Срце така зелено како кога стомакот
ти се превртува од бранови на болка.
Тоа е дрска боја, наесен,
како парче мај, отуѓено,
украдена стока; оти срцето е нешто
што не сакаме да ни биде вратено.
Зелено што си продолжува да расте
околу бело тврдо како млечен заб,
како детски плач на телефонска секретарка.
Бело врз зелено, како маргаритки
вкочанети од гордост што ја делат смртта
со црвени каранфили. Бело како сатен.
Релјефно бело на невести покриени со сребрена коса,
сребрени зраци како тие што ѕвездестиот шрафцигер
ги позајмува од Касиопеја. Бело и крваво црвено,
како радоста на еден Сигизмундо што има махагони плакар
во просторија без прозорци. (Пред да размислуваш
за тоа што значи „прозорец“.) Оти прозорците се црвени,
поврзани се со „да се насмевнеш“. Оти кога си радосен,
задоволен си дури и кога диплиш пластични ќесиња.
Не пропуштај ја поентата што следува: Може ли наведнатиот
да се навикне на радоста, како што бил навикнат на тагата?
Или ќе го победи стравот од враќањето на истото место
просто движејќи се напред во права линија.
А стравот, има ли сина боја?
Сино и жолтеникаво како средината на модрица.
Жолто ко листовите на стара книга, жолто ко жедта на птица.
Жолто ко жолтица кај новороденче. Жолто ко цироза, ко циститис,
жолто како билирубин. Жолто како сини очи
што бдеат над жолтото злато на овој мој страв,
единственото мое богатство, единственото светло во мрачната соба
во која ме затвораа кога не сакав да си ја дојадам супата.
Толку детско страдање, и толку розово!
Розово ко гингиви, розово ко усни, розово ко траги од прсти
врз образот, или како траги од заби врз брадата.
Ако треба, од синото и жолтото секогаш можам
да го создадам тоа зелено со пенлива, глинеста вода.
Зелено конечно, зелено како јаболко, зелено како смарагд,
како твојот глас што ме бара.

АвторАна Агилар-Амат
2018-08-21T17:21:28+00:00 февруари 1st, 2006|Categories: Поезија, Блесок бр. 46|