Добова

Добова

Ivan the Factory
Езекиеловата кола
Краков, Казимирц
Шаламуновиот храм
Амброзија
Коцки
Добова
Замок
Косовел
Етно броенка

на Бруно Шулц

никогаш бог минатото и сегашноста
не ги споил со толку тешко лепило
какво насекаде низ воздухот
вдишував таму крај Висла
о ти, јингеле
барајќи дуќани со циметова боја
во кои твоите предци некогаш одамна
со шепот и молк
ги проколнале сите утрински ѕвезди
што за навек им останале пришиени
врз ракавите и твоите снежни очи

сега бакни ја сипата
која го истура слаткото црнило на смртта
за сонот
повторно да не ти го најде патот до пучината.

Помоли им се на сеништата кои на небото
за некој друг
ги црта поларната светлина
и никому не кажувај
што си видел таму во белината
о ти, јингеле.

Кој барем еднаш чекорел
зад чии било стапки во снегот
знае дека никој не се враќа по истиот пат
по кој еднаш се обидел
да го измами времето

во снегот бог уште појасно нè гледа
снегот паѓа дури кога нему ќе му се помрачи видот
бог со снегот го лечи својот неизлечлив страв.

Маглите од северните мориња
патуваа уште долго и далеку
што појужно и појужно во рамниците
за првородениот во нив
да ја скрие својата уморна војска

така
секогаш мислев
настанала Полска
и кога и
маглата во доцната есен
ќе се спушти во Казимирц
јас пак гледам толку сеништа
како се обидуваат
како валкани партали
да ги запалат сопствените сенки
изговарајќи имиња
о ти, јингеле
на сите мои познати
и твоите непознати мртви.

Кој барем еднаш чекорел
зад чии било стапки во снегот
ќе стигне затоа, барем во сон
на крајот на патот
еднаш во Казимирц

тука ќе рече доме
зошто ме остави
о ти, јингеле.

АвторДелимир Решицки
2018-08-21T17:21:05+00:00 јуни 25th, 2009|Categories: Поезија, Блесок бр. 66|