Деновиве ако не и утре

/, Блесок бр. 67-68/Деновиве ако не и утре

Деновиве ако не и утре

Тоалет
Есен во Скопје
Ветер и магла
Од сега, до засекогаш (На С.Н.И.)
Јас не сликам, јас водам љубов со платното
Меѓустаници
Решив – дефинитивно
Некои
Му се гледа алот

Моето заминување нека биде
без аминување.
Лето, сончев ден, точно на пладне,
со пријатно западно ветре од исток.
Од кревет, директно во заткревет.
Пред аутопсијата предвреме да ми
го обезобрази телото.
Гласот на попот нека се слуша од некој
друг гроб,
тажалките нека им бидат упатени на
сомртовците што ги заслужиле.
Би ја ескивирал и капелата – тоа
ритуално кружење околу леглото,
редење цвеќиња ко на тераса на пролет,
сочувствување – со солзи или на суво;
полупознаници, гушкања, црнина… Неее!
Happy погреб сакам, хипи испраќање.
A whiter shade of pale
да ја пее некој
деведесетгодишник – со електрична гитара,
се разбира.
Пристоен, пристокмен (не мора да е мермерен)
шанк десно од дупката – но само откако ќе
одгалопираат лопатарите.
Без препишани фалби и говор на морон пред
микрофон – со пролупан разглас и фонија.
И моите стари пајташи потпрени со лактите,
да се збичат здраво и да заборават каде се;
и збогувалката да прерасне во журка, дофајронтна.
А оние што ќе ги исфорсираат бешиките
ќе можат да си се олеснат – тука,
во новиот недосреден тоалет,
веднаш зад шанкот.

20.04.2009

2018-08-21T17:21:04+00:00 октомври 12th, 2009|Categories: Поезија, Блесок бр. 67-68|