Две песни

Две песни

Ѕид
Небесен камен

Од „Избрани песни“ © СВП 2006

Престарел ѕидот на дедо ми
и паднал ничкум.
Му треба здрава рака напомош.

Го разголувам темелот и пуштам конец
да му ја вратам стројноста што си ја имал.
Се врткам, се бавам, се мислам
како да почнам, како да му го најдам крајот.

Ме гледал дедо ми не еднаш вака –
зелен а вплеткан со зрела работа –
и не можејќи да додржи
фаќал тој место мене,
покажувајќи, почнатото да го заврши.

Чукам на каменот, го лушпам, клепам,
лице да отвори, да легне здраво.
Но на гости помисла шутрикава ми иде:
би сакал звуков пак да го свика!
Ме тера таа на фат детински,
на ред опачки, на чук ќорлемечки
и – јале! в срце ме клукнува право.

Навира црвена магла
во ноктот што сум го здрелнал
и гледам – што?! Таму се јавува дедото мој
но веќе многу смален:
тој ама и како не тој.

„Ти си му скоро врсник
на оној што уште го бараш,
гледај да не го прерипнеш сосем
своето можење така!“

Рече и в модра магла го снема.

А јас пак, ветрот да не ме земе,
небаре двајца во еден
брзајќи грабам, вјасајќи клавам
камен врз камен
за да го заѕидам
празното време.

2018-08-21T17:21:24+00:00 август 6th, 2006|Categories: Поезија, Блесок бр. 49|