Градот убав

Градот убав

Пристојна дистанца
Возен ред
Градот убав
Ѓаватски етиди за кларинет и оркестар
Најважната игра
Толку?

Има еден влез на Ленинова
од каде лете
доаѓа кочан ладно,
а зиме мириса
на благородна мувла,
која вирее само во подруми
на домаќински куќи.

Покрај Треска во Хром
има едно дрвено мовче
и најубаво зајдисонце –
пасторална позадина
на хаварисани коли,
ѓубре и шприцеви.

На угорницата кон ПМФ
одамна никој не видел манијак,
дури и тие се отуѓија
од природата
и од високото образование.

На Партизанска во јуни
липите се на екстази,
на нив некролог
за прогонетиот мирис
на печени пиперки.

На местото на семкарата
карши Градежен
сега има фонтани,
а порано печени костени
и сокчиња од сируп со сода –
секогаш земавме различни
за да си делиме.

На кеј ролаат
некои други клинки,
прчли на асфалтот,
ние на нивни години
знаевме само ластик и џамлии.

Сакам да се возам
со автобус низ градот –
така можеш и да се движиш,
и да си длабоко вкопан во мислите
дур тече слајд шоу од фасадите.

Има некоја меланхолија во тоа
да се пробиваш низ гужвата
на улица Македонија
слушајќи го Џони Кеш
O Death, where is thy sting?,

и да шеташ по неа
на 1. јануари,
кога на неа нема живо пиле.

Градот се менува
а ти старееш,
тажен си
што не си се прилагодил
на тупси-тупси кафаните,
бронзените лавови
и барокните мостови,
и што веќе немаш ни храброст
да се иселиш.

Ништо во градот
нема да се вика по тебе,
а и подобро –
замисли ти се погоди депонија,
или улица што не води никаде.

Мртвите пријатели
ти мафтаат од балконите,
те пресретнуваат зад аглите,
живите и онака
повеќе ги гледаш на интернет.

Но има еден прозорец
зад кој знам дека дишеш,
и тоа, гледаш, ме теши.
Ниедна Триумфална
не може да се мери
со твојата близина.

Така полесно го поднесувам
ова Скопје што забрзано никне,
дур она ‘нашето’
полека рикнува.

13 ноември, 2011

2018-08-21T17:20:44+00:00 мај 15th, 2014|Categories: Поезија, Блесок бр. 95|