Градот убав

Градот убав

Пристојна дистанца
Возен ред
Градот убав
Ѓаватски етиди за кларинет и оркестар
Најважната игра
Толку?

Камионот што собира ѓубре
поминува во десет навечер,
со жолтите ротациони
осветлувајќи ни ги прозорците.

Се навикнавме во грч да го чекаме
да наслушнуваме кога ќе се приближи,
и благо да издишеме
кога ќе не одмине.

Добро е,
во космосот сепак има некаков ред –
време дур ѓубрето се трупа,
и време кога тоа треба да се собере.

И ноќеска ќе стоиме
потпрени на прозорецот,
резимирајќи го поминатиот ден:

Станавме
се измивме
јадевме ѓеврек
штракавме по тастатура
некој ни се јави
правевме ручек
прошетавме на сонце
гледавме вести
читавме

остана уште камионот,
за се да се заокружи.

Бррм…
Еве го, дојде и пројде,
сега може на раат да задремеме.

Не е животот ни река, ни сон.

Тој е камион за ѓубре,
кој минува на време.

вторник, 3 мај, 21.30

2018-08-21T17:20:44+00:00 мај 15th, 2014|Categories: Поезија, Блесок бр. 95|