Генерика

Генерика

124. (сеќавање)
131. (додека му се подаваш на твојот љубовник)
156. (бакнеж)
188. (твоите ѕидови)

те создадов за да молчиш
да им се подаваш на сите
кога немаш свое време за мене

твојот нов љубовник
внимателно ги проучува
сите твои способности
како да си птица во последен лет
да издржиш се што можеш
и не можеш
оти знае дека секогаш
можеш повеќе

ако треба и парче ќе пресечеш
од својата кожа
да докажеш дека
не можеш сама в постела
само да му докажеш
колку знаеш да боледуваш
без него
колку си искрена и чесна
пред него
ако треба
и палецот и малиот прст
и сите прсти ќе си ги пресечеш
или увото како ван гог
само да му докажеш
колку можеш да издржиш
будна без здив
додека те проучува
како картата на светот
над твојот кревет
од косата до градите до дното
се до здодевноста

ако треба
и усна ќе пресечеш
и како студен ветер
в коски ќе му влезеш
само да му докажеш
на твојот љубовник
дека мора да те мисли
како пес скитник
ја пребарува нашата ноќ

оган си палиш по телото
оган го гори сомнежот
во кој те потонал
твојот љубовник
дека некогаш ќе бидеш
во игра со животот
во спокој со плод
додека му се подаваш
ве покрива некој чуден дожд
црвен па зелен па црн
ти со отворена уста
сонуваш како те носи
на некој брег
потоа како полека изчезнуваш
во жив песок со отворена уста
и нема како да те напуштила
најмала надеж
како сета сила
да ти е во крвта

никој не е способен
да молчи колку ти

АвторЉупчо Димитровски
2018-08-21T17:21:38+00:00 април 1st, 2004|Categories: Поезија, Блесок бр. 35|