Би биле среќни да ме видат мртов

/, Блесок бр. 54/Би биле среќни да ме видат мртов

Би биле среќни да ме видат мртов

Обраќање до СВП 2007
Би биле среќни да ме видат мртов
Доаѓам оттаму
Рита и пушката
Псалм 3
Псалм 9

избор и превод од англиски: Зоран Анчевски

Драги пријатели,

Јас бев ваш гостин пред триесет години, кога Рафаел Алберти ја имаше честа да го прими „Златниот венец“. И тогаш се вљубив во Вашата земја: во езерото, во розите и во читателите и слушателите на поетскиот збор кои ни докажаа дека осаменоста не е судбина на поетот. Тогаш бев млад, со големи соништа. Како повозрасен сфатив дека поезијата е тешка, но сепак возможна работа, но работа што не може да го смени светот. Наместо тоа, поезијата може да размести кандилца во мракот. Точно е дека поезијата е нешто кревко, но таа ја има силата на свилените нишки, густината на медот. Поетите треба само да веруваат во ефикасноста на нејзината кревкост. Колку е потежок ударот на бруталноста, омразата и војната, толку е поголема и потребата за средство против нив: поетскиот збор… за да ја засили нашата перцептивност и свеста за човештвото и човештината и со упорност да го продолжи нашиот сон за слобода и мир, како и нашата верба за човечкото заедништво.

Бев ваш гостин пред триесетина години заедно со поети од голем број земји и јазици: избрани цветови во една единствена отворена градина, без средиште и периферија. Сфаќањето за универзална поезија се дефинира врз разноликоста од гласови и референтни точки. Вистинскиот идентитет на поезијата се базира врз човечноста и јасната естетика, како и врз нејзината способност слободно да патува меѓу културите и јазиците: неа никој не може да ја затвори во строги национални ѕидишта. Меѓутоа, поезијата е таа што дава придонес во развитокот на културниот идентитет на еден народ врз кој се врши атака, таа се спротивставува на сè што стои на патот на самоизразувањето и особеноста на тој народ. Поетот не може да побегне од „овде“ и „сега“ во некое друго време или простор.

Ми причинува огромно задоволство да се вратам во вашата убава земја, како и чест лично да го примам изразот на вашата висока оценка за мене и за тоа што јас го претставувам, вашето благородно внимание за тоа што е преплетување на личното и колективното, на моето поетско искуство. Никогаш не сонував дека ќе ја примам оваа чест, вашата бесценета награда, „Златниот венец“, со која ме вклучувате во листата на поети кои биле мои ментори. Вашата награда ја сметам и како оддавање признание на Арапската поезија, како и израз на поддршка на правата на мојата земја, Палестина, да се вклучи во семејството на слободни и независни нации.

Со длабока почит и благодарност,
Махмуд Дарвиш
29 јануари 2007 г.

АвторМахмуд Дарвиш
2018-08-21T17:21:18+00:00 јуни 19th, 2007|Categories: Поезија, Блесок бр. 54|