Поезија што го цени револтот

/, Литература, Блесок бр. 55/Поезија што го цени револтот

Поезија што го цени револтот

Алеш Мустар: Суд(бин)ски толкувања,
Литература, Љубљана 2005; Блесок, Скопје, 2007

#1 Првата поетска книга на Алеш Мустар кој досега има објавувано во бројни словенечки и туѓи списанија, отвора повеќе прашања поврзани со т.н. ангажираност во поезијата и со повлекувањето на поетот од престолот на естетските законитости. Како судски преведувач Мустар полесно ја разбира сегашноста и законите на капиталистичкиот свет, како преведувач e во состојба да ги разбере надворешноста и внатрешноста на јазикот, а ккао поет се обидува да го пресади своето егзистенцијалистичко искуство на хартија. Или како што самиот автор знае најдобро да каже во песната „На Запад“: „Приказни што ги пишува животот.“ Тоа би можеле да го сфатиме и како основен credo на авторот да пишува пред сè приказни што ги пишува животот. И навистина, материјал за неговата поезија е самиот живот кој, пак, со помош на поетските постапки многупати се оддалечува од тлото и како балон на врвка достигнува имагинарни предели. Во тој поглед појавата на Мустар на словенечката книжевно-поетска сцена значи освежување. Појдовната точка на неговата поезија е повеќеслојна и како таква му овозможува етичко-морално-правна позиција која оваа книга делумно и ја отсликува. Но, залудно би очекувале збирката на Мустар да биде само обичен правен кодекс што содржи членови и параграфи, забрани и заповеди за поетите и за народот. Уште помалку во поезијата на Мустар можат да се почувствуваат траги од самосожалување и нагласување на трагичноста на човековото поестоење. Причина за тоа е што широкиот поглед на поетот ги зафаќа сите нивоа на човековото постоење. И покрај искуството и зрелоста поетот длабоко во себе сè уште се колне во погледот на маргиналец, единствениот кој може да ги препознае контурите на вистината во замаглената игра на културните шаблони и навики.
Поетскиот субјект на Мустар кој е истовремено и самиот поет енергично и храбро се фаќа во костец со потешкотиите на секојдневниот живот. Мустар во поезијата не ги крие своите заблуди и не идеализира ништо за кое нема оправдувачка причина. Како човек кој пишува е поставен во словенечката престолнина која претставува надворешна рамка за повеќето песни. Фактичноста со која Мустар ги слика фрагментите од сопствениот живот избледува пред врвното прашање за успешен спас на светот (воведната песна „Депресија“: „Да станам ли Super, Action или Spider Man, / но дали ти си подготвена да станеш моја Xena / за да го спасиме заедно светот?“) и одговорноста што ја чувствува кон реалноста и кон другите. На овој начин Мустар истовремено и го иронизира и го критикува својот сопствен живот, а уште повеќе словенечкото општество во кое живее, неговите правила, закони на комуникација и суштина. Незадоволството од проблеми во светот Мустар ги забележува во песната „Во Њујорк не се пуши повеќе“. Поетот ја поставува песната како огледало во кое се појавуваат и трепкаат ликовите на сопствените и туѓите грешки, а понекогаш и заблудите на целото општество. Мустар за разлика од многумина словенечки поети не ја гради песната на естетизација на јазикот, лиризмот, патетичноста, не ја велича својата улога на гласник и не го поставува поетот за шаман. Не ја гледа од високо позицијата на поетот „испратен како божји гласник на земјата“ туку како некој кој со нормални и крвави очи на смртник се соочува со судбините на времето. Мустар, всушнпст, мошне жестоко го избира спротивниот пат кој ја надминува пораката на навидум еднолично формулираната провокација. Затоа поетот во неговите песни е повеќе пати де-хуманизирана, а не возвишена фигура (на пример во песната „Кај Црвената змија“: „Кај Црвената змија нема манири, / можеш да јадеш со раце. / Поетот осуден на молк ја доби утробата.“) Во песната „Преживувачка“ уметникот е оној кој на луѓето им дава празни ветувања и не се снаоѓа најидеално во својата околина. Затоа што верата и довербата во високодостоинствените и еминентни вредности се разнишани во модерниот поетски свет на Мустар, соодветно на тоа поетскиот јазик станува рустикален, а содржината потрошувачка. Но со тоа што Мустар во еден замав се откажува од „поетското его“ мора некако и да го повика да се врати, на поинаков, „пореволуционерен начин“ (на пример во песната „Злосторство и казна“ ги повикува имагинарните јунаци од романот на Достоевски да му се придружат на чашка вотка). Мустар овде-онде остава впечаток дека ироничната насмевка е едно од најдобрите оружја во борба против недоличниот и понекогаш дури и бесмислен свет кој со мегаломанска брзина се оддалечува од субјектот, го полни со чувство на празнина и во него поттикнува „донкихотовско мислење“ разјадено со скепсата на современиот интелектуалец.
Од аспект на формата поетот се приближува до поезијата во проза и употребува сроден јазик со оној со кој се разбираме на улица. Во поезијата на Мустар, содржински гледано, постои голем раскол помеѓу поетот, неговата општествена улога и реалноста, перманентен објект на неговите песни станува и внатрешниот, психолошки раскол на поетот што се гледа во опишувањето на сопствените физички и психички состојби. Во песната „Дијагноза“ авторот нè запознава со својата телесна состојба и здравје. Слично е и во песната „Лет“ во која предмет на песната е телото на поетот што го прегледува лекарот. Можеби токму во оваа песна парадигматично се гледа до која (без)граничност Мустар ги потенцира настаните од конкретниот живот. Од друга страна психичкиот раскол предизвикува и шизофренични идеи кои немаат цврста основа, но авторот е свесен и самиот, а ги употребува како филтер (во песната „Книжевно ноктурно“: „Напиј се Биокил и убиј ги ноќните пеперутки, / дај ми нож да си го распарам мевот / и да му го свиткам вратот на Јона“). Авторот си поставува за задача преку поезијата да ги открива и „лекува“ и своите сопствени заблуди. Во некои од песните „сартровски набиената атмосфера на мачнина“ завршува со романтични клишејски восклици (на пр. во песната „Заштитна за околината“). Во песната „Носталгија“ авторот во почетното посматрање се губи во ликовите на јунаците и на поетите од различни периоди на светската книжевност и на тој начин одново ја разоткрива својата симпатија кон литературата. Авторот е свесен за книжевното наследство кое може да биде позитивна или непријатна збирштина (во песната „Наследство“). Мустар ретко прибегнува кон песни со таинствени љубовни изливи, напротив, чувството на љубов го слика со егзисетнцијалистички сензибилитет на маж кој се обидува да и се приближи на жената. Неретко при тоа употребува цинизам. Четири песни со наслов „Романтична“ кои и се посветени на двоината, во прв план ги поставуваат сите болни потешкотии и препреки на парот. Песната „Рандолска песна“, која можеби е една од најсензибилните во збирката, се разликува од другите по тоа што не го иронизира туку го засилува настанот. Некои од песните („Покладна“, „Велигденска 2004“, „Вознесение на Богородица“, “1-ви Септември“, „1-ви Ноември“), напишани за празници, укажуваат пред сè на противречноста помеѓу идиличните атмосфери, испразнетата симболика на празникците и суровата реалност.
При читање книга како што е оваа можеме да потврдиме дека станува збор за поезија која во својата суштина го цени револтот. Овој личен и општествен бунт во овој случај има и реална основа и не лебди бестежински во воздухот. Еден од клучните елементи во збирката „Суд(бин)ско толкување“ останува да биде иронијата по која Мустар посегнува без колебање и со нејзино степенување достигнува нејзина спротивност, а не во последен ред и нејзино поништување. Иронијата која често преминува во самоиронија ги надминува меланхоличните движења на душата што се појавуваат одвреме-навреме и чии рабови се измазнуваат со осетот за насмев. Во некоја смисла би можеле тонот на некои од неговите песни да го споредиме со карикатурата во дневните весници: и во двете е присутна потреба по актуелизација на настанот, критичност, ироничност и хумор. Но, ни во поезијата ни во карикатурата не постои објективен рецепт за сигурност во квалитетот; квалитетот настанува дури со вистинската комбинација на сите сегменти и со правилната мера, а тоа го можат само најдобрите. „Суд(бин)ско толкување“ е збирка која на полиците на современата словенечка поезија крева прав токму поради последново и поради својата содржинска непосредност.

Превод од словенечки: Лидија Димковска

нарачај Суд(бин)ско толкување

АвторРоберт Симонишек
2018-08-21T17:21:16+00:00 август 3rd, 2007|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 55|