ПЛУРАЛНОСТА НА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ПОЕТСКИОТ СВЕТ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

/, Литература, Блесок бр. 107/ПЛУРАЛНОСТА НА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ПОЕТСКИОТ СВЕТ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

ПЛУРАЛНОСТА НА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ПОЕТСКИОТ СВЕТ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА

ПЛУРАЛНОСТА НА ПЕРСПЕКТИВИТЕ НА ПОЕТСКИОТ СВЕТ НА ЛИДИЈА ДИМКОВСКА


(Кон поетската збирка „Црно на бело“ од Лидија Димковска, издание на Или-Или, Скопје, 2016)

Поезијата на Лидија Димковска секогаш ја имала онаа специфична особина да биде горливо актуелна, а во исто време, таа своја карактеристика на актуелност да не ја изгуби подоцна, години по испишувањето и објавувањето, туку да ја сочува благодарение на својата универзална димензија. Тоа е затоа што Димковска ја изнесува суштината и кога преку стиховите говори за јас и за најличното, и кога говори за Другиот и за најуниверзалното. Во своето истражување на светот отворен пред поетскиот субјект, низ соочувањата со Другиот, и со релациите кои се јавуваат при таквите средби со Другоста, во песните на Димковска од нејзината најнова поетска збирка „Црно на бело“ стануваме сведоци на една поинаква перцепција на реалноста, еден свет идентичен на оној кој го имаме секој ден пред очи, но овој пат виден низ визурата на номадскиот субјект, кого Роси Браидоти во своето дело „Номадски субјекти“ го дефинира како субјект во постојан процес на (себе)трансформација, како „ротирачка прогресија кон деконструирање на идентитетот; молекуларизација на самите себеси“ (Браидоти 2002, 27). Во тоа патување низ себе и низ светот, преку тоа придвижување по траекторијата на патувањето и преместувањето, поетскиот субјект во песните на Димковска ги обединува просторите и времињата, настаните и луѓето. Притоа, токму при таа молекуларизација на самиот себе, поетскиот субјект развива особена сензитивност за оние кои се присилени на преместување, на дислокација. Песните од „Црно на бело“ допираат некои од најболните точки на бегалската криза со која светот се соочува последниве години, и на суптилен, а во исто време жесток начин, го тематизира егзилот преку своите стихови. Едвард Саид го претставува човечкото суштество во еден вид симбиотска врска со местото на неговото раѓање, а егзилот како „неизлечлива пукнатина отворена меѓу едно човечко суштество и неговото родно место, меѓу себството и неговиот вистински дом“ (Саид 2001, 173). Низ таа пукнатина се раздробува и животот на откорнатикот, па така поетскиот субјект во една од песните на „Црно на бело“ вели:

„Знаеш, добро знаеш како животот се претвора во отпадок,
Но не знаеш како овие отпадоци да ги претвориш во живот.“

Оваа драматична состојба не ја прекинува врската меѓу родното место и оној кој заминал од него: физичката оддалеченост најчесто предизвикува уште поголема приближаност на едно друго рамниште, егзилот раѓа во егзилантот чувства кои постојано ќе го навраќаат на родното место, а „неговата есенцијална тага никогаш не може да биде надмината“. Причината за тоа што книжевноста и историјата се фокусираат на херојски, романтични, славни, па дури и триумфални епизоди од животот во егзил, Саид ја наоѓа во потребата од „надминување на осакатувачката тага на отуѓувањето“, како еден вид на надоместување на тоа што „придобивките на егзилантот постојано се поткопувани од загубата на нешто што засекогаш го има оставено зад себе“ (Саид 2001, 173). Состојбата наречена егзил е полна контрадикторности, апсурдности и парадокси. Од една страна егзилантот е, сеедно дали тоа си го признава самиот на себе или не, сеедно дали тоа го кажува отворено или го таи во себе, опседнат со враќањето дома, од друга страна, „патосот на егзилот се состои во загубата на контактот со стабилноста и задоволството на земјата: враќањето дома воопшто и не се поставува како прашање“ (исто, 179). Откорнатоста и изместеноста раѓаат горчина кон сопствената ситуација: „егзилантот е секогаш изместен. Како е да се родиш во едно место, да останеш таму и да живееш во тоа место, да знаеш дека си дел од тоа место, повеќе или помалку засекогаш?“ (исто, 180-181). Лидија Димковска како да одговора на оваа запрашаност на Саид, одговара одново низ прашања, преку песната „Како е“: како е „да се биде раска во окото на Бога,“ или како е „да не ти се точни повеќе ни кожата, ни земјата“, или како е „да се биде потстанар на сопственото постоење“. Тоа се прашања кои во себе го носат одговорот за самата суштина на егзистенцијата која се одвива на друго место од она каде што субјектот се родил и ги минал формативните години, егзистенција која му го дава чувството на човечкото суштество дека не само што заминало да живее на друго место, туку, како што се вели во една песна на Димковска – „животот е заминат на друго место“, постоење кое се движи од точката на постоењето до точката на непостоењето и назад, па така поетскиот субјект од песната „Враќање“ доживува дека „роден град повеќе и нема“, дека тоа е „место на раѓање без враќање“.

Темата на смртта, на небиднината, на чувството на непостоење, е една од оние кои силно ја детерминираат поетиката на „Црно на бело“. И во самиот епиграф на стихозбирката, Димковска вели:

„на еден крај на светот човек е жив,
На друг мртов,
А на трет веќе бесмртен“.

Ова обединување на животот, смртта и бесмртноста низ овие три стиха на Димковска, како да повикуваат една размисла за странецот, животот, смртта и воскреснувањето од „Странци на себеси“ од Јулија Кристева. Таму Кристева вели: „Просторот на странецот е воз во движење, авион во лет, самиот премин што го оневозможува запирањето. Што се однесува до ориентирите, ги нема. Неговото време? Време на воскресение што се сеќава на смртта и на она што ѝ претходело, но на кое му недостасува славата на постоењето потоа: само чувството на олеснување, на извлекување“ (Кристева 2005, 243).

Подвоеноста на поетскиот субјект помеѓу местото од кое заминал и местото каде што се доселил, ги определува размислите не само за животот, туку и за она што следува потоа, па така во една од песните на Димковска се вели:

„јас ќе посакам пола гроб да ми биде таму, пола тука.“

2018-12-17T12:54:05+00:00 мај 31st, 2016|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 107|