Пливање во прашина

/, Литература, Блесок бр. 71-73/Пливање во прашина

Пливање во прашина

167.
Влеговме во метрото и тргнавме кон стадионот. Беше доцна попладне. Некој рече дека мораме да одиме порано, за да фатиме место пред самата бина, и тргнавме. Бевме меѓу првите на влезната врата. До почнувањето на концертот имаше уште четири саати. Ако нè видат кога сме дошле, ќе треба да не пуштат не во прв ред пред бина, туку на бина горе, си помислив. Некој предложи да земеме Столичнаја за на концерт. Во близина имаше самопослуга, иста како во Скопје. Исти рафтови, исти смуртени продавачки, огледала на таваните за да се види кој како краде. Некој рече дека нема да нè пуштат со алкохол внатре. Затоа зедовме и некој сок во пластика, да ја камуфлираме вотката во тоа шише. За почеток, зедовме две од по пола литар. Тогаш мислевме дека ќе ни биде доволно за целата вечер, но испадна дека само сме почнувале. Во тие 3 и пол саати додека не ги отворија вратите на NEP, одевме во самопослугата неколку пати. Ги ебавме сите форинти. Јас отидов уште еднаш и дрпнав едно шише. Имаше толку фанови на Bowie внатре што никој не ме забележа. Марс носеше бубреже и ги собра сите наши документи во него. Тој се чинеше најтрезен од сите. А, беше и најстар, па некако ни беше најсигурен. Ги пазевме пасошите ко очи в глава: оние црвени пасоши со грбот на СФРЈ, со кои одевме кај ќе ни текне, кога ќе ни прдне. Сега некои луѓе есеи пишуваат за тие пасоши. Но, да се обрнува толку внимание на некаков документ, тоа е сепак премногу за мене. Макар и документот да е само симбол. На една пропадната, распадната и разебана до коска… држава која како да изгоре од пресилниот оган на факелите од здружените републики & покраини.

168.

Влетувавме како стадо, како глутница, како стампедо. Како да ја бркавме неподвижната бина. Било важно, рече некој, да бидеме во првиот ред. И да не сакав да послушам, масата ме носеше. Како ситна капка пот на врело тело кое влегува во морето.
Се наредивме пред бината, како питоми овци, верни идолопоклоници на култот на суб-културата, ние – рокери и шминкери и останати кланови, подготвени за претстава и спектакл. За да видиме некој човек кој револуцијата во музиката ја направил пред повеќето од нас воопшто да можеле да ја чујат таа музика. Зашто во тоа време сме слушале детски успиванки.
Но, не е сè така едноставно: прво требаше да ја чуеме предгрупата. Некои дебили од предградието на Темишвар… Немам јас ништо против Темишвар, или кој и да било друг град освен мојот роден град. Ама, дечките не ги биваше.

169.

Бев толку пијан на концертот што не се сеќавам баш на сè. Знам само дека музиката ми се чинеше тивка, а веднаш до мене стоеше една русокоса со убав мирис и дебели прсти на дланките. За музиката зборувавме на паузата, Турчинот рече дека сме ги слушале само мониторите и малите засилувачи од бината. А тоа беше демек турнејата Sound & Vision. Немаше ни нешто посебно за гледање. Никогаш не сум се палел на блиски средби со славни фаци. За русокосата не зборував со никого, до неколку години потоа, кога една моја тогашна девојка ми рече дека после концертот на Bowie во Загреб се вратила во Скопје, се качила на една висока кула и сакала да се самоубие со скок од 15-от кат. Морав да ѝ кажам колку е шмизла, па ѝ реков дека додека таа копнеела по Bowie од далечина, јас сум поебал една жута пред негови очи, во првиот ред под бината на концертот во Будимпешта. Не беше сигурна дали ја мафтам, но потоа некако односите ни се поправија: секогаш кога ќе почнеше да драми за нешто, добиваше една приказна која ја акаше од земја.
Го шетавме пластичното шише полно Столичнаја помешана со вкусот на сокот. Го вртевме во круг како џоинт. Bowie беше во бело, се смееше со неговите порцелански заби и карминисаните усни. Не, од таа далечина не можев да видам дека се порцелански. Ја знаев приказната за неговите заби, имав видено фотографии на кои се смее со некои црни парталчиња на непцата, остатоци од неговите неодржувани заби. Баш бев накурчен. Пропатував илјада и кусур километри за овој концерт, а само маани наоѓав. Веројатно затоа што не ме допре. Не помина низ мене, туку само покрај. Station to station… Како воз на крајпатна станица. Лошо беше што јас бев станицата. Покрај патот, хех. Облеан со прашина и молк, среде толпа, пот и бука.

170.

Почнавме да излегуваме како што влеговме. Стадо мрднати крави. Секако, ги загубив сите. И Марс со пасошите, и Владо Турчинот мојот братучед, и оној кој можеби го имаше шишето со вотката, ако имаше вотка во него. Тргнав кон станицата на метрото. Светлата на Будимпешта пливаа околу мене. Бев како голема, обла риба. Замелушен. Влегов во метрото без карта, немав ебана форинта во мене. Си помислив, ќе биде супер да ме фатат како се шверцам, а ни пасош ни бутур немам. Не знаев за што би ми послужил бутурот во некоја таква ситуација, ама и тој беше тука. Запалив цигара додека го чекав возот. И тоа беше забрането. Си помислив, ќе биде супер… но никој не ми рече нешто за цигарата. Метро станицата беше преполна со пијани и надувани фанови на Bowie. Јас бев само еден од нив. Капка во морето пот толпа и бука.
Погледнав на часовникот на станицата. Нашиот воз тргнуваше за 25 минути. Останав овде, ебате беља…

171.

Трчав од станицата на метрото до железничката станица и потоа до таблата со возниот ред и трчав до перонот на кој стоеше мојот воз и низ вагоните, додека не ги најдов сите на купче. Само вотката ја немаше.
– Ебате беља, мислев останав кај Маџариве…
– Кој те прима таков, види се каков си – рече Турчето.
– Јебига, бев на трчање, не во бања. Не го оставам више пасошот кај друг, па и земја да бидам. – реков низ два здива.
– Тука е сè, сè што ти треба – рече некој. И ми даде шише вода. Тоа беше сè што ми требаше, и тој беше во право. Кој беше тој човек? Џирло ли беше? Можеби. Колку повеќе размислувам за тоа, сè повеќе сум сигурен дека беше тој. Ова можеби не е важно за приказната, но важно е за мене: сакам да се сеќавам на сите со кои сум бил во некој момент од мојот живот. Не затоа што мислам дека мојот живот е којзнае колку значаен за некој друг освен за мене самиот, туку затоа што сите тие луѓе и места ме направиле ова што сум, без оглед колку куси и површни биле тие средби. Прашината паѓа на мирни, мртви места. Јас никогаш пред тоа не си дозволив да ја гледам како се таложи: секогаш сакав да го направам оној мал напор за замав повеќе. Да запливам низ неа. Да ја разбуричкам. Најпрвин во мене. Потоа ќе биде полесно. Здивот ќе си го олеснам и ќе дишам подобро, си мислев.
Но, веќе бев тука, во неа. Ме поклопуваше секој ден, по малку. Незабележливо. Мимикрично.

172.

Поканата ме чекаше крај машината за пишување. 19 септември, пишуваше. Беше ниедно време. Сите спиеја. Отидов во кујната и најдов едно од шишињата на татко ми. Си наточив дупла и седнав пред машината. Надвор зазоруваше. Погледнав кон календарот. Беше 18 септември. Си ја погледнав косата. Ми беше до под градите. Сево ова утре ќе го нема, помислив, и косата, и машината, и нејзините фотографии на ѕидот, и самотното набљудување на зазорувањето. Утре, во 24. оо ќе бидам во касарна „Маршал Тито“, Загреб, воена пошта ххххх. Ексав и си наточив уште една.

173.

Кога дојде некое пристојно време, околу пладне, ѝ се јавив на Озана.
– Доаѓам утре сабајле – ѝ реков.
– Ќе те чекам на станица.
– Ќе дојдам шишан.
– Ќе те познаам.

Околу пет попладне се собраа некои луѓе кај мене дома. Да ме испратат во ЈНА. Седевме и се обидувавме да се забавуваме. Килаво. Емили, мојата сестра од клупа, ми ја подбра косата во бањата. Најпрвин ми сплете дебела плетенка. Потоа некој ме фотографираше. Сите ја сакаа мојата долга коса. Ќе беше добро да ми беа старешини во војска. Но, не беа. Затоа јас се простив со косата уште утрината. Си реков, нема никој да ме касапи таму. Да се изживува на мене. Емили ги зеде ножиците и со неколку штракања сè беше готово. Потоа ме досуреди, јас се избричив, и бев токму за војска. Барем мене така ми се чинеше.
Во дневната соба, Гиш држеше предавања за тоа колку била војската непотребна и за тоа како ЈНА ги уништува луѓето. Како да влегов на сопствениот парастос. Татко ми почна да се запива, мајка ми беше потресена, сестра ми разнесуваше пијачки наваму-натаму. Ми дојде да излезам и да ги оставам во тоа блажено тагување.
Емили ме фати за рака и ме внесе во собата. Реагираа патетично. Беа потресени. Божем косата ми беше била сржта на сето мое постоење.
– Кирца, сега комшиите нема да ме гледаат попреку – му реков на татко ми и седнав до него. Си наточив и ексавме. Очите му се насолзија. И моите сега.

2018-08-21T17:21:02+00:00 јуни 30th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 71-73|