План за испраќање

План за испраќање

(Jana Beňová: Plán odprevádzania (Café Hyena). Bratislava: Koloman Kertész Bagala, 2008. Ilustrácie Jana Némethová.

#1 Јасно е дека Јана Бењова (1974) би сакала да напише роман. Но, исто така е јасно дека роман за бетонската Петржалка не може да се напише. Не поради тоа што во Петржалка не се случуваат настани за роман, туку поради тоа што во Петржалка има нешта кои со романот немаат ништо заедничко: анонимност, не-индивидуалност, ахисторизам, небезбедни познанства, осаменост на човекот кој копнее по идентитет, сите животи се тука туѓи. Затоа, до сегашната Петржалка од романот не може да се влезе без меморија; Петржалка од романот не може да се сфати, да речеме, без сентименталниот екскурс во временски пооддалечените години на битништвото, или барем на детството; без да се открие нешто во нејзиниот каменест поредок или во бесцелната судбина, каде што единствени животни споменици се големите бетонски згради кои си личат на себе како јајца, што на Петржалка, сепак, ѝ дава некаква цел. Јана Бењова можеби и сето тоа не го знае, но нејзината талентирана интуиција, покажана во нејзините три поетски збирки и во двете прозни книги, се едноставно насочени кон тоа. Петржалка – непетржалка, но да се освои во прозата што и да е, значи да се надмине конкретноста, колку и да биде таа неоспорливо конститутивна.
Романескната визија на Бењова за Петржалка е веројатно токму затоа, можеби, првата проза за тој мал зад-дунавски и зад-градски бетонски континент, која има свој колорит, своја атмосфера и своја субјективност, независно од тоа што таму токму тоа недостасува. Не е тука забрането да се сонува, да се посакува, да се фабулираат приказни со поинаков дух од тие во кои принудно влегувале малите луѓе без сопствени истории, гледишта и визии. Што со тоа дека тука сè се движи во маѓепсаниот круг на осаменоста, дека тенките ѕидови ја девалвираат човечката интимност, дека човечкото време тука се мери најчесто според пипкањето на регистрирачките каси во хипер-маркетите. Романескното движење, во секој случај, не се случува на пустите улички, туку во главите и во душите на ликовите, кои чекорат по тие улички истовремено заборавајќи и споменувајќи. А, ако самата авторка не се осмелила да ја нарече својата петржалска проза – роман, тогаш причината за тоа лежи во фактот што таа во петржалското тканиво измешала и потполно нови состојки на кои уште никој не се навикнал, ниту таа самата.
Динамиката на „ритуалите на испраќањето“ е обезбедена со помош на неверојатно полното раскажување, разделено на петнаесет поглавја што дополнително се расчленети на кратки пасажи. Се раскажува во прво и во трето лице и тоа најмногу за соживотот на најглавните ликови: Елза и Јан, но и за многу други – реални и фиктивни, па и онирични. Сепак, предмет на раскажување е навистина сè, сè што е поврзано со ликовите и со нивните случки, со нивните врски и поврзувачки потенцијали. Предмет на раскажување се чувствата, алузиите, соништата, јазикот, лириката со вкус на цвеќињата на злото, длабинската психологија, вистинските потези на ликовите и баналните мисли, туѓите имиња, туѓите зборови, зборовите со кои однапред е предвиден ефектот, како и ефективните изопачености и шокирачките вулгаризми. Важно е тоа што раскажувањето никогаш не ја губи својата полнокрвност, а секоја реченица секогаш изненадува со својата оригинална и семантичка сила. Интелектуалците и момчињата од улицата ги испраќаат своите и по свое, се испраќа со заобиколување, набрзина, со непреправачка топлина и со разлутена одлучност, или пак – како во последните пасажи со мајката на Јан која умира – со добрина и со полна свест за противречностите на животните патишта. Се испраќа со раскажување што е, на крајот на краиштата, тоа најдостапното средство со кое може да и се пркоси на самотијата. И таквите пркосни текстови на Бењова претставуваат „испратена“ порака до читателот кој ги доживеал таквите моменти на самотија во не помала мера од таа – што може да се доживее во Петржалка. Станува збор за текстови што се подеднакво полни со иронија и со самоиронија, како што се полни со нега, копнежи и заедничко чувство за припаѓање некаде. Станува збор за текстови кои се насочени кон длабоките слоеви на чувствувањето и на набљудувањето, така како што се насочени и кон политиката и кон отуѓените практики врз кои функционираат модерните општества. Точните засеци ѝ дозволуваат на интелектуално добро подготвената авторка да реагира навистина на сè, иако притоа е сигурно дека во овие полни текстови ќе остане многу непрочитано, од тоа многу со тек на време ќе се помести акцентот врз нешто друго, па на тоа многу ќе му се отворат и нови размери. Но, со квалитетната литература е тоа секогаш така: времето игра за неа.
Планот за испраќање
од Јана Бењова е добра и полна книга. Во ерата на женското банализирање на литературата, оваа книга е дури и чудо на автентичноста.

Превод од словачки: Звонко Танески

АвторАлександер Халвоник
2018-08-21T17:21:02+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Критика, Литература, Блесок бр. 74|