Планот за испраќање

/, Литература, Блесок бр. 74/Планот за испраќање

Планот за испраќање

Кафе Хиена – Калисто Танзи

Елза: Јадевме заедно грозје и го запивавме со розе вино. Наредниот ден напипав во џебот влажно стебленце од грозје. Изгледаше како обрано дрвце.
Калисто Танзи исчезна од градот што го зафати горештината. Топлината испаруваше од домовите и од улиците директно во лицата, а распалениот град им се втиснуваше на луѓето на челата како печат.
Застанав пред театарската витрина за да можам да го прочитам името на Калисто на плакатите и да си потврдам дека тој постои и во стварноста. Уживам во изговорот на името кое го измачувало во текот на целото детство и за време на пубертетот, а кое навистина престана да му пречи дури со моето доаѓање. Полека чекорам на другиот крај од градот, мускулите на нозете лесно ми лебдат низ жешкиот воздух. Пладне е. Единствено нешто што на оваа планета вистински се движи се капките пот. Протекуваат кон коренот на носот и повторно во млазови се лепат под косата.
Одам да купам отров.
Јан вчера видел глушец во тоалетот.
Дератизерот има подрум со вино под продавницата. Во подземјето бегаме од неподносливата омарнина и пиеме. Ми раскажува колку глувците се интелигентни.
„Имаат вкусувач, тој прв ја пробува храната. Ако пцовиса, останатите не ја ни допираат мамката. Затоа им ги нудиме мамките на другата генерација. Глушецот ќе почне да умира дури по четири дена од консумирањето на отровот. Умира како последица на внатрешно крвавење. За таквата смрт уште Сенека тврдел дека е безболна. Останатите глувци имаат впечаток дека нивниот другар умрел од природна смрт. Ама и така – ако на истиот начин умрат повеќе глувци за кратко време, тие ја вреднуваат локацијата од гледна точка на високиот морталитет како неповолна и се преселуваат. Таквата способност на вреднување во потполност им недостасува на некои луѓе, а и на цели народи“.
Совршен одвратен свет. Се смешкам над црвениот траминец. Дератизерот зборува многу брзо. Лицето му е постојано во движење. Небаре на него има премногу мускули. Небаре под кожата непрестајно му се придвижува стадото глувци. Од едното кон другото уво. Од брадата кон челото и назад. Чувствувам како под масата му треперат немирните нозе, а целиот труп му се ниша во танцот.
При таквиот поглед ме фаќа вртоглавица. Главата ми се врти како при пребрзо пресечен филм. Дератизерот се наведнува кон мене и ми ја замотува раката во косата.
„Вие сте таква убава глувчица“, се насмевнува. И јас се насменувам исто така. Чувствувам дека смрдам од осаменост.
Ме испраќа и за по пат ми дава најлонска кеса полна со дератизациски средства. Наместо цвеќиња. Ја стегнувам гордо во раката. Можеби тоа веќе ќе биде така засекогаш, помислив. Ако мажите посакаат да ми се додворат, наместо цвеќе ќе ми подарат кеса со дератизациски мамки од другата генерација.
Потоа, откога излегов од студениот подрум, по лицето ме удри жешкиот воздух и светот без Калисто Танзи.
Првпат го видов Калисто на еден вернисаж. Многу се пиеше таму и во текот на вечерта се родија неколку нови парови. Како што вели Јан – таму кај што мажите, жените и алкохолот… – и ги доловува со тоа основните координати на локализацијата на сексот.
Му погледнав во сините очи и за првпат замечтаев за битие со обоени очи. На Јан му се речиси црни. Боите беа отсекогаш одлучувачки за мене. Нивната комбинација во ликот на Калисто ме привлекуваше. Седевме заедно до утрото и разговаравме. Како секогаш на почетокот: човек може да го раскажува својот живот одново и сето тоа заслужува внимание. Раскажува и полека се врти самиот околу себе – танцува и со него целата просторија – финиот светликав прашок му се залепува во косата.
Пред Калисто Танзи оживеа моето раскажување. Мојот сопствен живот пливаше пред нашите очи како стаклен врв. Со секој збор повторно го создавав. Го рекреирав. Се рекреирав покрај Калисто Танзи. Сигурно би можело да се напише за тоа книга. Тоа би бил мјузикл: Ах, вило, кога ти би знаела што сè јас преживеав…
Но тоа е веќе ручек. А јас седам во кафетеријата. Облечена во кафеав фустан: стара жена. Седам наспроти Јан. Стар пар. Тишината меѓу нас ја нарушуваат само насловите од весниците. Јан ми ги нагласува повремено од над масата. И чита понатаму. Весниците се мост што паѓа. Напати ќе ги склопи и ќе ме погледне в лице. Очите нема да ни се сретнат. Виното има вкус на сушени сливи и чоколада. Натписот кока кола на чаршавот почнува незабележливо да се зголемува во пресрет на моето лице. Го попречувам со чинијата. Ги сакам ситуациите кога сè си останува на своето место.
Дома седам покрај масата и му пишувам писмо на Калисто. Јан ми стои зад грбот – Ах, толку ли долго писмо мораш да пишуваш, кутрице? Не ти е доволна една СМС порака? На пример: Каде си?

АвторЈана Бењова
2018-08-21T17:21:01+00:00 септември 8th, 2010|Categories: Проза, Литература, Блесок бр. 74|